Обука за критичко мислење со граѓански организации

 Во рамките на проектот „Со Критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ од 2-4 ноември со Скопје се одржа обука за грантистите од првиот циклус која ја спроведоа Фондацијата Метаморфозис и Евротинк – Центар за европски стратегии. Претставниците на граѓанските организации имаа можност да се запознаат со основите на пропагандата и начините на извртување на фактите и вистинските состојби. Дополнително, учесниците при средбата во Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ)  се запознаа со ингеренциите на Агенцијата, нивните права, надлежности и обврски. На темата за медиумската писменост, претставниците на Агенција ја презентираа постојната Мрежа за медиумска писменост, членството во Мрежата, активностите, иницијативите и продуктите од неа. Преку претставничката на Бирото за развој на образованието им беа презентирани програмите во образованието кои се однесуваат на медиумската писменост, како и проектите на национално и локално ниво кои се однесуваат на оваа област, но и беа акцентирани новитетите во наставните планови и проекти кои имаат допирни точки со медиумска писменост и со граѓанското образование воопшто.

На обуката за граѓанските организации во трите дена се работеше на специфичните теми кои се дел од целокупниот проект како: говор на омраза и ектремистички идеологии; медиумска писменост (историјат, форми и методи на работа со целни групи граѓани) теорија и практични вежби; управување и водење проектен циклус – теорија и практични вежби како и за следење и евалуација на проекти.