Ако мајка ти вели дека те сака, провери

Легендата вели дека во редакцијата на чикашкото „Сити њуз биро“ (City News Bureau) постоел голем знак на кој со задебелени букви пишувало „Ако мајка ти вели дека те сака, провери“. Ова биро било формирано кон крајот на 19 век како еден од првите заеднички сервиси на десет дневни весници за вести од црна хроника. Бирото работело 24 часа и покривало, главно, теми поврзани со криминал и со полиција. Било познато по прецизноста и по точноста на вестите и по строгиот тренинг на младите новинари.

 

Пишува: Горан Ризаов

 

Ваквото мото е повеќе од корисно за денешните, модерни македонски новинари, но и за активистите и за борците за човекови права, како и за сите корисници на социјални мрежи. Особено во време кога секојдневно се појавуваат примери на фалсификувани документифотошопирани фотографии, лажно претставени видеоснимки, стари илустрации со извлечени заклучоци и измамнички текстови.

 

Лажното фотошопирано решение на судијката Софија Лаличиќ, кое медиумите го преземаа без да го проверат (Фото: Twitter)
Лажното фотошопирано решение на судијката Софија Лаличиќ, кое медиумите го презедоа без да го проверат (Фото: Twitter)

 

СУШТИНА НА НОВИНАРСТВОТО

Познатиот американски новинар Стив Батри во воведот на Прирачникот за верификација вели оти оваа легендарна реченица сè уште важи, но таа „на новинарите и на хуманитарните работници не им кажува како да ја проверат информацијата“.

„Верификацијата е суштината на новинарството, но таа, исто така, ги покажува тешкотиите и потребата за високи стандарди во новинарството: патот до верификацијата може да биде различен за секое тврдење. Во сржта на верификацијата се наоѓа прашањето: ‘Како го знаете тоа?’“, вели Батри.

Ова прашање, според Батри, новинарите мора да им го постават на изворите на информации; уредниците мора да им го постават на новинарите, а истото треба да се прашаат сите што пренесуваат нешто од извори кои не се достапни.

Прирачникот вели оти за верификација е потребна комбинација од три фактори, и тоа:

  1. Снаодливост, упорност, скептицизам и вештини;

  2. Знаење, веродостојност и искреност на изворот, како и бројот, разновидноста и веродостојноста на различните извори кои можете да ги најдете и да ги убедите да разговараат со вас;

  3. Документација.

За да стигне до потребата од верификување на некое тврдење, фотографија или интернет-содржина, новинарот мора да тргне од едноставната претпоставка дека изворите не се во право.

Скептицизмот мора да постои кај секој новинар. Изворите можеби намерно лажат, можеби само наивно пренесуваат погрешни информации. Можеби имаат лошо паметење или им недостига целосниот контекст и разбирање на темата. Можеби се во опасност и не можат да кажат сè што знаат или не можат да ја видат комплетната слика на настаните кои се одвиваат.

„Нашата работа не е слепо да го повторуваме она што ќе го кажат изворите или што го пишува во материјалите што ќе ни ги поделат, туку да ги доведеме под знак прашалник, да го споредиме она што го зборуваат со други веродостојни извори и да провериме што е вистина, отстранувајќи ги притоа од нашата сторија (пред да ја објавиме) неточните или недоволно проверените информации“, вели Батри.

Факт е дека технологијата го промени начинот на кој доаѓаме до изворите на информации. Знаејќи дека денес учесниците во и сведоците на настаните го споделуваат она што го виделе преку опис, фотографија и видеозапис на социјалните медиуми и блогови, новинарите можат, со дигитални алатки за пребарување и crowdsourcing побргу да ги најдат луѓето што присуствувале лично на настаните и побргу да стапат во контакт со нив.

Разоткривањето на лажните стории, лажните фотографии и видеосники дури стана посебна тема на која работат одредени новинари, чија единствена работа е да ловат лажни објави и да ги исправаат во своите текстови.

Поради сè почестите примери на фалсификувани и лажни фотографии во македонските медиуми, на кои наседнуваат одредени медиуми и кои често се пласираат за да се одвлече вниманието на јавноста од суштинските прашања, во оваа новинарска лекција ќе се сконцентрираме на верификацијата на фотографиите.

Прирачникот за верификација, кој можете бесплатно да го набавите на повеќе јазици, меѓу кои и на хрватски, вели дека „иако технологијата продолжува да се менува – како и алатките што ги користиме – основните принципи на верификација на фотографиите остануваат исти“:

  1. Востановете кој е авторот/изворот на фотографијата;

  2. Потврдете ја локацијата, датумот и приближното време кога таа е снимена;

  3. Потврдете дека фотографијата го прикажува она што текстот го тврди/сугерира;

  4. Добијте дозвола од авторот/изворот за користење на фотографијата.

 

КОЈ Е АВТОР/ИЗВОР НА ФОТОГРАФИЈАТА

Најефикасен и најочигледен начин да се направи ова е да се контактира личноста што ја поставила фотографијата на интернет и да се праша дали таа е автор. Првиот чекор е контакт со личноста што ја објавила содржината преку својот профил на социјална мрежа или ја пратила преку електронска пошта, но битно е да се утврдат што е можно повеќе детали за неа. Овие детали можат да ни помогнат да одредиме дали таа личност е навистина оригиналниот извор на фотографијата.

Пронаоѓањето на изворот почнува со личноста што ја поставила на инатернет, но често завршува со друга личност, која, всушност, ја направила фотографијата.

Битен чекор, и најчесто најкористен во вакви случаи, е сервисот за ретроградно пребарување на фотографии на Google или TinEye сервисот. Копи-пејстирајте го URL-то на фотографијата или копирајте ја во кој било од овие два сервиси и тие ќе го скенираат интернетот во потрага за истата фотографија. Ако во резултатите се појават неколку линкови, кликнете на „преглед на други големини“ за подетална истрага.

Обично, фотографијата со најголема резолуција е оригиналниот извор. Овој резултат потоа можете да го споредите со фотографијата што ја имате и да проверите дали изворот изгледа автентично.

Кога известувате за ударни вести, фотографиите од одредени луѓе што ви требаат за да ја илустрирате сторијата нема да ви бидат достапни. Притоа, можете да проверите дали фотографијата што ја имате од личноста навистина ја прикажува таа личност, а не некој со исто име и презиме.

Во тој случај веб-страницата Pipl.com е особено корисна бидејќи ги прикажува имињата, корисничките имиња, е-адресите и телефонските броеви на луѓето. За меѓународни пребарувања, може да помогне WebMii, а и LinkedIn се покажува како добар начин на верификација на идентитетот на луѓето и често нуди дополнителни информации врз основа на кои можете да стапите во контакт со некого (преку компаниите/организациите за кои тие работеле или работат во моментов).

recenzija-jahta-sekerinska-crop-rezise

Фотографија од наводната јахта на потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска (Фото: скриншот)

 

 

ЛОКАЦИЈА, ДАТУМ И ПРИБЛИЖНО ВРЕМЕ КОГА ФОТОГРАФИЈАТА Е СНИМЕНА

Постојат неколку корисни новинарски и технички начини на одредување на датумот, локацијата и на други битни детали. Еден од основните начини на собирање ваков вид податоци е разговор со личноста што ја креирала/поставила фотографијата на интернет. Овие пет прашања се клучни во таков момент:

  • Кои се?

  • Каде се?

  • Кога стигнале таму?

  • Што гледаат (и што прикажува нивната фотографија)?

  • Зошто се таму?

Кога веќе еднаш ќе добиете информација за тоа како е снимена фотографијата, работете на поткрепување на таа информација. Постојат две примарни методи кои се користат за истражување на содржината на самата фотографија, која можете да ја споредите со она што ви го кажал изворот.

Прво, проверете дали фотографијата има метаподатоци (metadata). Метаподатоците, кои уште се нарекуваат и EXIF податоци, кога станува збор за дигитални фотографии, се однесуваат на податоците што ја придружуваат самата фотографија. Ако е таа оригинална, постојат големи шанси дека ќе можете да ги видите информациите за видот и за моделот на камерата, времето кога е снимена фотографијата (овде треба да внимавате – ако фотографијата има временски „печат“, времето може да е автоматски наместено на оригиналните дотерувања на производителот, или, пак да е во друга временска зона) и димензиите на оригиналната фотографија, меѓу другото.

За проверка на метаподатоците, можете да користите софтвер како Photoshop, каде ќе ги прегледате податоците за фајлот, или да користите бесплатни интернет-алатки како Fotoforensics.com или Findexif.com, кои ќе ви дадат EXIF извештај за фотографиајта. Детален EXIF извештај можете да добиете и преку Jeffrey’s Exif Viewer.

Можете да го користите и сервисот на izitru.com, кој ја анализира фотографија и покажува дали таа е обработена во „фотошоп“ или изменета на каков било начин. Слична функција има и алатката Image Edited, а можете и да ја користите екстензијата за пребарувач Elog.io, која нуди пристап до 22 милиони фотографии во базата на Wikimedia Commons.

Дел од овие податоци ќе им бидат покорисни на тие што знаат повеќе за техничката страна на дигиталната фотографија. Но, за просечна личност, податоците за тоа кога е направена фотографијата или видот на камерата која е користена, некогаш се доволни за откривање лажен извор.

За жал, поголем број социјални мрежи на кои се поставуваат фотографии, како „Твитер“, „Фејсбук“, „Инстаграм“, автоматски ги отстрануваат поголемиот дел од метаподатоците при прикачување на фотографиите („Фликр“ е исклучок).

Второ, споредете ги фотографиите со други извори. Често ќе најдете траги кои можат да ве доведат до верификација на локацијата и на времето на фотографирање:

  • регистрација на возила

  • временски услови

  • значајни градби

  • вид облека

  • знаци/натписи

  • терен/околина

 

Онлајн алатката fotoforensics.com која се користи за проверка на метаподатоци (Фото: скриншот)
Интернет-алатката fotoforensics.com која се користи за проверка на метаподатоци (Фото: скриншот)

 

ДАЛИ ФОТОГРАФИЈАТА ГО ПРИКАЖУВА ОНА ШТО ТЕКСТОТ ГО ТВРДИ/СУГЕРИРА

Покрај верификацијата на датумот, времето и на приближната локација, битно е да се утврди дали таа го прикажува тоа што се тврди дека го прикажува. Автентична фотографија може да биде ставена во лажен контекст.

За да ја одредите локацијата, може да ги користите сервисите Google MapsBing Mapsили Wikimapia. Фотографиите што ги испраќаат корисниците се често „тагнати“ на овие сервиси и можат да дадат информации и поглед од друг агол на локациите што ги истражувате.

Веб-страниците за временска прогноза можат да ви дадат точни извештаи за временските услови на различни локации на определен датум – користете ги за да потврдите дека временските услови на фотографијата одговараат на реалноста во даденото време. За ваква проверка добар извор е алатката Wolfram Alpha.

Ако на фотографијата е прикажан знак или натпис на друг јазик, можете да го користите Google Translate за да проверите дали има дополнителни информации за локацијата. Алатката за оптичко читање на знаци free-ocr.com може да ви помогне да го преземете текстот од фотографијата – кој потоа би го поминале на интернет-алатка за преведување.

Од голема помош за одредување на локацијата на фотографијата можат да бидат и веб-сервисите Geofeedia i Ban.jo, кои се користат за геолоцирање содржини од социјални мрежи. Овие сервиси ги користат GPS податоците од мобилните телефони преку кои е поставена фотографијата на интернет.

Покрај овие алатки и техники, корисно е да проверите дали и други медиуми и агенции дистрибуираат слични фотографии. Дали другите објавуваат фотографии на социјалните мрежи од истата локација. Ако фотографиите прикажуваат слична сцена од друг агол, тоа, исто така, ќе помогне за нивна верификација.

На крајот, ако станува збор за голема приказна, ако имате навистина силна фотографија, вреди да се провери дали таа се појавува на Snopes, веб-страница специјализирана за проверка на урбани легенди и неточни информации што кружат на интернет.

Прирачник за верификација (Фото: скриншот)

Прирачник за верификација (Фото: скриншот)

 

 

ДОЗВОЛА ОД АВТОРОТ/ИЗВОРОТ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ФОТОГРАФИЈАТА

Секогаш е најдобро да побарате дозвола за објавување од личноста што ги има авторските права. Законите за авторски права во многу земји јасно одредуваат дека сопственикот на фотографијата може да бара надомест ако не е побарана и дадена дозвола за објавување на истата.

Одредбите и условите за користење содржини што се поставени на социјалните мрежи варираат од еден до друг сервис. Некои, како „Фликр“, покрај фотографијата, јасно наведуваат дали фотографот ги задржува правата или дозволува употреба под лиценците „Криејтив комонс“.

Кога барате дозвола, битно е да имате на ум неколку детали:

  • Јасно кажете која фотографија или фотографии сакате да ги користите;
  • Објаснете како ќе бидат користени;
  • Прашајте го фотографот како сака да биде претставен (име, корисничко име, итн., имајте на ум дека понекогаш фотографите сакаат да останат анонимни).

Ако сакате да користите фотографии кои се заштитени само со лиценци „Криејтив комонс“ и се отворени за користење со наведување извор, тогаш базата на photopin е едно од подобрите решенија.

И, најважно, запомнете дека ако сте ги поминале сите наведени чекори и процеси и и понатаму се сомневате – не користете ја фотографијата!

 

СКЕПТИЦИЗМОТ КАКО ВОДИЛКА

Особено интересен е примерот од 2013 година со фотошопираната насловна страница од аргентински дневен весник „Ла капитал“. Беше поставена фотографија од полициски возила и брза помош, а во објаснувањето стоеше дека сопружниците Атанасоски, сопственици на компанијата „Платина“, кои се осудени на 15 години затвор во Македонија, биле најдени застрелани во апартман во Мар дела Плата, Буенос Аирес.

Лажната насловна страница на аргентинскиот дневен весник „Ла капитал“ (Фото: скриншот)

Лажната насловна страница на аргентинскиот дневен весник „Ла капитал“ (Фото: скриншот)

 

 

Десетици македонски медиуми ја објавија сторијата, воопшто не обидувајќи се да го проверат тврдењето. Неколку дена подоцна, откако беа контактирани новинарите од „Ла капитал“, се увиде грешката и дел од медиумите објавија деманти.

Што се однесува до мајчината љубов, за разлика од домашните медиуми, Стив Батри тргнал да го провери изворот на легендата дека во редакцијата во Чикаго постоел натписот „Ако мајка ти вели дека те сака, провери“. Тој сакал да докаже дали таа реченица навистина ја изговорил поранешниот уредник во овој медиум, Арнолд Дорнфилд.

Батри пронашол неколку извори:  Chicago TribuneAJR и The New York Times во кои се потврдува тврдењето дека цитатот е на популарниот Dornie. Но, во натписот кој е објавен во Baltimore Sun во 1999 година пишува оти самиот Dornie вели дека еден друг уредник кој таму работел, Ed Eulenberg, прв ја изговорил оваа позната реченица.

На крајот, Батри заклучува дека иако мајка ви најверојатно ве сака, како што и тврди, навистина не е лошо да го проверите тоа.

„Мајка ви веројатно ве сака, како што и тврди. Можете да го проверите тоа така што ќе ги интервјуирате нејзините пријатели, семејството, ќе најдете фотографии и видеоснимки каде таа ја покажува или изразува својата љубов. Ќе најдете писма или фејсбук-статуси на кои таа ја изразува својата приврзаност. Ќе ги документирате подароците и постапките кои ја покажуваат нејзината љубов. А, потоа истото тоа ќе го направите со секој текст, секој настан и со секој проект на кој што работите“, вели тој.

Ова тврдење е претпоставката од која мора да тргне секој новинар, активист, борец за човекови права кој сака да биде веродостоен, кредибилен и прецизен и да го задржи вниманието на јавноста.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.