Ако тврдите дека економијата тоне, треба да одговорите зошто

 

[Рецензија: Економијата тоне, Владата утре ќе нѐ задолжи за нови 21,1 милион евра]

 

Насловот на текстот што го рецензираме дезинформира, бидејќи „тонењето на економијата“ не може да се доведе во корелација со задолжувањето, кое во текстот се однесува на aукција на државни хартии од вредност. Имено, станува збор за редовна активност на Министерството за финансии, согласно календарот за аукции објавен на нивната веб-страница. Министерството за финансии во однос на оваа aукција на државни хартии од вредност информира дека се запишани 21,13 милион евра, а 21,3 милион евра ќе се вратат по основа на порано издадени и доспеани за отплата државни хартии од вредност и со тоа нето-задолженоста на Владата по основа на државни хартии од вредност се намалува за 170 илјади евра.

Линк до оригиналниот напис: Економијата тоне, Владата утре ќе нѐ задолжи за нови 21,1 милион евра

Датум и време на објавување: 03.12.2018

Датум на рецензирање: 04.12.2018

Рецензент: Силвана Жежова

Официјалните информации велат дека се во пад градежништвото и индустријата додека бизнис-секторот мака мачи за да опстане. Експертската јавност континуирано алармира на фактот дека градежништвото, кое е основна гранка и повлекува многу други во државата, е во очаен пад речиси цела година и оти тоа во голема мера влијае на слабиот економски раст.

Во однос на падот во градежништвото, според Владата, тоа се должеше на застојот на изградбата на автопатиштата и други стопирани проекти, поради погрешната проекција. Со продолжување на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, Миладиновци-Штип, железничката пруга кон Бугарија и други капитални проекти, се очекува подобрување на состојбата во градежништвото. Текстот не нуди одговор за причините за лошата состојбата во оваа гранка, ниту, пак, има посочено експерт со име и презиме, кој би го коментирал тоа. Во текстот се тврди дека индустријата е во пад, но според последните податоци на Државниот завод за статистика, објавени на 29 ноември, индустриското производство бележи пораст од 5,2 проценти во првите 10 месеци во споредба со истиот период лани.

Според многу критичари, Владата потфрли во економски политики додека долгот енормно расте, што, според нив, ја води државата кон еден опасен пат на економски план.

Во однос на долгот, министерот за финансии Драган Тевдовски многупати во јавноста образложувал дека по долго време, оваа година, јавниот долг е ставен под контрола. „За прв пат по повеќе од 10 години, јавниот долг е ставен под контрола и е подобрена структурата преку зголемена рочност и пониски каматни стапки. Владата планира постепена буџетска консолидација, со буџетски дефицит од 2 отсто на среден рок“, изјави Тевдовски на јавната дискусија на Економскиот факултет насловена „Јавните финансии на крстопат“.

Кога медиумот објавува текст, кој има претензија да ја анализира економијата во државата, потребни се бројки што ќе ги поткрепат или демантираат пишувањата дека нешто чини или не, потребни се ставови на аналитичари што ќе бидат откриени со име и презиме и кои ќе ја образложат таквата состојба, ставови од надлeжените институции, како на пример, Министерство за финансии, кое е повикано во текстот.

Паушалните обвинувања не се клучен доказ дека „економијата тоне“. Во однос на задолжувањето, пак, и Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд препорачуваат фискална консолидација, која е предвидена со Фискалната стратегија до 2021 година. Државата не би можела да ги сервисира обврските ако не се задолжува, но поважно прашање е за што се трошат тие пари. Односно дали се инвестираат во капитални проекти, и така повеќекратно парите да се вратат кај граѓните или во непродуктивни трошоци, кои не прават никаков поврат на средства.