Антивакцинални кампањи: Требаат ли бели мантили во ААВМУ?

Фото: pixabay.com

Под диригентството на Светската здравствена организација (СЗО) се зајакнува кампањата што пропагира обврзувачко вакцинирање на децата како начин да се спречат многу актуелни епидемии. Од друга страна, пропагирањето на невакцинирањето стивнува и затоа што во многу земји има и забрана на таквото однесување дури и на социјалните мрежи. На прашањето на истражувач на „360 степени“ за тоа зошто кај нас таквата пропаганда против вакцините се дозволува дури и на јавниот сервис, во ААВМУ рекле дека немаат надлежност – не биле лекари да пресекуваат во вакви работи. 

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

На 18 март во емисијата „360 степени“, која се емитува на фреквенцијата на „Алсат – М“се објави прилог во кој се прикажува како јавниот сервис и еден приватен канал промовираат антивакцинална кампања од инаку познати протагонисти на ваква реторика. Репортерот Петар Клинчарски на јасен, едноставен начин и преку многу учесници ни го отвори проблемот на „држењето вода“ во нашата земја на антивакциналните размислување, дури и преку репризи на ТВ-прилози од 2011 година (!).

Сево ова се одвива среде една акутна ситуација, која ја имаме, а која практично значи дека постои епидемија на морбили со повеќе смртни исходи. Од декември 2018 г. и заклучно со 15.3.2019 г., во Република Македонија се регистрирани 555 случаи на мали сипаници, а од нив, 439 се епидемиолошки поврзани.

Иако, репортерот се обратил и до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги – ААВМУ, затоа што и во ваква ситуација со епидемијата на морбили, кај радиодифузерите сѐ уште дуваат ветришта што го олеснуваат, а можеби и шират отпорот против вакцинацијата, оттаму добил одговор дека се работи за ситуација за која тие не биле компетентни.

Најпрвин тука е прашањето како една Агенција што врши надзор над програмската содржина и која може да реагира промптно ако некој новинар, на пример, бил „строг“ кон некој политичар, да не речеме и кога интервјуто „уште не преспало“, ама за нешто што трае најмалку деценија и се емитува дури и на јавниот сервис и тоа во ударно време, со несоодветни актери се прават „слепи“. И тоа во ситуација кога му се прави огромна штета на јавното здравје! За реакцијата што се очекува од ААВМУ не треба да се има бел мантил, туку да се има елементарна информираност за ситуацијата во која се наоѓаме и ние и светот на овој план. Се работи за прашање од висок јавен интерес и како такво мора да е во надлежност на регулаторното тело за медиуми.

Јавниот сервис признава дека спорниот прилог (исповед на извесна Слаѓана Велков) се емитувал и на Првиот и на Третиот канал (Собранискиот) и тоа многупати како реприза откако првпат е прикажан во 2011 година, сепак, уредничката Виолета Димовска не ја гледа својата вина за тоа.

Според СЗО, вакцинацијата против сипаници во Македонија е во драстичен пад во последните години, период што коинцидира со пропаганда против вакцинирањето од страна на одредени медиуми. Илустрација од @reflektor_mk, употребена со дозвола.

Покрај на Јавниот сервис, од видеоклиповите достапни на „Јутјуб“ може да се види дека во периодот по 2011 година Велков била неколкупати промовирана како медицински авторитет  и преку ТВ „Сител“, во емисијата „Јади бурек“.

Во октомври 2014 година Лекарската комора на Македонија побарала преземање мерки против емисии во  кои се промовира „давање здравствени услуги од лица што се декларираат како доктори (надрилекари), самоуки нутриционисти без соодветна диплома и лиценца за работа“, со наведување на примерот на „Слаѓана Велков на телевизија ги коментира квалитетот и валидноста на вакцините“. Комората тогаш побарала вклучување во оценување на стручноста на „секоја емисија од областа на медицината и алтернативната медицина“ за што најавиле обраќање до регулаторното тело. Нема јавно достапна информација што им било одговорено.

 АНТИВАКСЕРИ

Инаку, појавата на Слаѓана Велков е регионален скандал подолго време! Таа има завршено медицина, но нема лиценца да работи како лекар. Обвинителството за високотехнолошки криминал во Србија, уште во 2015 година почна со постапка против Слаѓана Велков и им наложија на вештаци и експерти да го испитаат лекот што истражителите го набавиле, а кој се нуди како лек. Исто така ќе ја испитаат и наводната диплома што таа ја поседува од Македонија, пишува српски „Блиц“ во напис пренесен од ТВ „Сител“.

Обвинителството и полицијата биле во контакт со луѓе што имаат здравствени проблеми по земањето на хемикалијата MMS, која Слаѓана Велков ја претставува како лек за разни болести, вклучувајќи аутизам кај децата. Според првичните наоди, хемикалијата при реакција ги има истите својства како белило, кое е многу штетно за здравјето на луѓето – вели изворот за „Блиц” запознаен со податоците од истрагата.

Според изворот, во исто време ќе се проверувала и дипломата на Велков на која таа се повикува, истовремено признавајќи во своите деманти дека нема лиценца за работа како лекар во ниту една од двете засегнати земји.

Во овој случај тоа е од суштинско значење за да се проверат наводната диплома и сертификатот. Човек не може да оди на курс и да рече дека е лекар. Тоа е од суштинско значење за граѓаните да бидат внимателни кога некој нуди нешто преку интернет како лек – вели изворот на „Блиц“.

Во прилогот емитуван на „360 степени“ хрватски лекар вели дека во шишенцето со препаратот MMS, кое го промовира(ла) Велков, има хлорид, кој може моментно по пиењето да ги блокира белите дробови, а наводно го претставувале како средство за лекување на Даунов синдром кај децата!

Честа посетителка на ТВ-студијата е и Јадранка Бибан, која неодамна гостувала на „Канал 5“, а уредничката Јадранка Спанџовска истакнува дека немало реприза на таа антивакцинална тирада на гостинката по интервенција на Лекарската комора.

Првиот човек на Лекарската комора на Македонија – Калина Гривчева-Старделова  – како давател на изјава за прилогот на истражувачот од „360 степени“, јасно истакна дека двете споменати и чести гости на малите екрани немаат никаква регистрација кај нив како лекари, па дури немаат ни акредитација за лекување со т.н. традиционални, природни лекови!

Додека глобалните мрежи објавија војна против антиваксерите, во земјава сомнежот кон вакцините и против традиционалната медицинска грижа се промовира преку телевизиските канали, дури и преку јавниот ТВ-сервис! Се јавуваат дури и лица штосе промовираат како доктори, иако здравствените работници јасно говорат дека тие „доктори“ не се тоа во вистинска смисла на зборот. Кој им прави надзор на тие луѓе, се прашуваат вистинските лекари.

Министерот Филипче изјавува дека се консултира со јавниот обвинител што да се преземе против ваквите „протагонисти“.

Отфрлањето на вакцинацијата СЗО го нарекува едно од 10-те најголеми опасности за здравјето на луѓето. Таа оценка е, всушност, ноторен факт.