Јавна анкета претворена во гатање

 

[Рецензија: Анкета на МТВ: Кампањата на Силјановска Давкова подобра од кампањата на Пендаровски]

 

Македонската телевизија спроти вториот круг на претседателските ибори објави резултати од анкетата што ја има извршено агенцијата, по нејзин налог. Во овој напис е објавен само еден сегмент од таа анкета, тој што оди во прилог на кандидатката Гордана Силјановска Давкова, иако содржи одговори на низа прашања поставени од анкетарите. Одговорите, секако, фрлаат повеќе светлина на позицијата на обата канидати, но тие не се такви за да се извлекува заклучок каков што стои во насловот на текстот.

Линк до оригиналниот напис: Анкета на МТВ: Кампањата на Силјановска Давкова подобра од кампањата на Пендаровски

Датум и време на објавување: 25.4.2019

Датум на рецензирање: 30.4.2019

Рецензент: Љубомир Костовски

Конкретно, агенцијата „М-Проспект“ за МТВ спроведе нова телефонска анкета на примерок од 980 испитаници на македонски и на албански јазик. Истражувањето е направено од 22 до 26 април, а сите резултати се подложни на статистичка грешка од 3,1 отсто, со прифатливо ниво на доверба од 95 отсто. Според анкетата, за Стево Пендаровски во вториот круг би гласале 31,7 отсто од испитаниците, а за Силјановска – Давкова, која ужива поголема доверба кај македонскиот електорат, би гласале 29,1 процент. Понатаму, 40,3 проценти од анкетираните одговориле дека на 5 мај сигурно ќе излезат на гласање.

На прашањето за кого ќе гласаат во вториот круг на претседателските избори, Пендаровски има мала предност – 31,7 отсто би го заокружиле неговото име, а за Силјановска-Давкова би гласале – 29,1 отсто, што е разлика од 2,6 отсто и сè уште е во рамките на статистичка грешка. На првото гласање разликата изнесуваше 2,7 отсто, што е еднаква на таа што се покажува и пред второто изјаснување на гласачите. Гласачкото тело на Силјановска-Давкова е забележливо само кај Македонците (39,6 отсто), за Пендаровски се 25,7 проценти, а 33 отсто ќе апстинираат во разни форми (не сакаат да кажат, нема да гласаат, не одговараат на прашањето). Во однос на расположението кај Албанците, за Пендаровски би гласале 42,7 отсто, за Силјановска 0,2 отсто, додека дури една четвртина сè уште не знае и така натаму.

Каква е очекуваната излезеност е едно од следните прашања. Само 40,2 отсто рекле дека сосема сигурно би излегле да гласаат, со одговорот „би гласале“ се изјасниле 12,6 отсто од анкетираните, а 26 отсто се определиле за „можеби“, додека ептен пишман се околу една четвртина од гласачкото тело. Јасно, на анкетата одговараат тие што се најдени дома, додека отсутните, кои ги има многу, секако не се вклучени во изјаснувањето, но и во конечниот резултат!

„Република“ во својот прилог извлечен од оваа анкета, без да даде увид во горенаведените клучни прашања и одговори, издвојува само две прашања според кои Силјановска-Давкова „води“. Тие се однесуваат на поддршката на кандидатите кај етничките Македонци, кај кои довербата кон проф. д-р Гордана Силјановска Давкова изнесува 28,9%, акај Стево Пендаровки 22.5%

Од ова, без да се даде увид во тоа за кого би гласале гласачите припадници на сите етнички заедници, односно сите гласачи, се извлекува заклучок според кој „овие бројки укажуваат дека кандидатот за претседател Силјановска-Давкова ужива поголема доверба кај Македонците околу 6,4%, што не е за потценување. Ако вака продолжи трендот на качување на довербата кај Силјановска-Давкова во вториот круг од претседателските избори ќе победи со убедлива предност. Бидејќи граѓаните веруваат повеќе во програмата и кампањата што ја води Силјановска-Давкова“.

И така, наместо да имаме поглед кон вкупните податоци од анкетата и да добиеме нешто што би претставувало издржана анализа на изборниот циклус, нам ни е понудено „гатање“ со делумно, селективно преземање елементи од едно испитување на јавното мислење.