Бесмислен и манипулативен текст

 [Рецензија: CEНЗАЦИОНАЛНО ОТКРИТИЕ НА НАСА: Исус е во центарот на гaлакcиjaта!]

Бесмислен текст базиран на нешто што се случило пред речиси 30 години, а сега од целосно непознати причини е повторно актуелизирано и служи за манипулација на јавноста и ширење теории на заговор.

Манипулацијата е направена уште со самиот наслов и главната фотографија, кои се креирани со цел да привлечат што повеќе кликови на страницата.

Линк до оригиналниот напис: CEНЗАЦИОНАЛНО ОТКРИТИЕ НА НАСА: Исус е во центарот на гaлакcиjaта!

Датум и време на објавување: 13.4.2019

Датум на рецензирање: 15.4.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Насловот не само што е сензационалистички туку е и неточен. Ниту НАСА навистина тврди дека нејзиниот телескоп фотографирал крст во вселената ниту Исус навистина се наоѓа во центарот на галаксијата!

Насловната фотографија, всушност, е колаж од две фотографии споени за манипулацијата да изгледа поуверливо. На левата страна е прикажана фотографија од филмот „Страста на Христос“ на која е претставен Исус Христос распнат на крст, а на десната страна е додадена фотографијата што ја снимил телескопот на НАСА. Но, науката има објаснување за формата прикажана на оваа фотографија и тоа нема никаква поврзаност со религијата. На официјалната веб-страница за телескопот „Хабл“ пишува:

Формата „Х“ се должи на апсорпцијата на прашина и ја означува точната позиција на црна дупка, која може да има маса еднаква на милион ѕвезди како сонцето. Најтемната лента, најверојатно, е прстен од прашина, кој има дијаметар од 100 светлосни години.

Низ текстот се нафрлени разни констатации, кои без потврда висат во воздух. Се тврди дека за фотографијата се развила дебата на интернет. Нема објаснување каде се развила и кој ја води таа дебата, па се наметнува прашањето дали воопшто постои дебата. Потоа, се вели дека „многумина мислат оти фотографијата го покажува Исус на крстот“, но, нејасно е кои се тие „многумина“ и колку се на број.  Написот се повикува и на наводни „верници и религиoзни теоретичари“, за кои, исто така, нема потврда кои се и дали навистина изјавиле дека формата прикажана на сликата е некаква „небесна врата“ (што и да значи тоа).

Случајно или не, овој текст се објавува во текот на постите пред најголемиот христијански празник Велигден. Ова не е првпат некое откритие на НАСА да се поврзува со религиски обележја,  пред пет години  во дел од  медиумите излегоа написи со наслов: „НАСА сними крст во круг на Марс“.

На интернет, особено на социјалните мрежи, може да се прочитаат различни објави вклучувајќи и содржини за теории на заговор, ама тоа не значи дека тие треба да бидат медиумски пренесени и да влијаат на пошироката читателска публика. Задача на новинарите е да ги проверат информациите пред да ги објават, да направат добра селекција и уште подобра проценка, што заслужува медиумски да биде третирано како вест, а тоа не е.