Боки 13 не рекетирал за да ѝ врати пари на Карлеуша

[Рецензија:Српски Курир ја реши мистеријата: Боки 13 рекетирал за да ѝ врати долг на Јелена Карлеуша ]

Како дел од низата шпекулативни и тенденциозни објави во српските медиуми за случајот „Рекет“ се појави сензационалистички натпис, со кој се тврди дека е решена мистеријата зошто Бојан Јовановски – Боки 13 го рекетирал Орце Камчев. Ни помалку ни повеќе туку „за да ѝ ги врати парите на неговата пријателка Јелена Карлеуша“.

Линк до оригиналниот напис: Српски Курир ја реши мистеријата: Боки 13 рекетирал за да ѝ врати долг на Јелена Карлеуша

Датум и време на објавување: 8.8.2019

Датум на рецензија: 13.8.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Српскиот медиум „Курир“ тврди дека Боки 13 во неколку наврати позајмил пари од турбофолк пејачката Карлеуша. За ваквото тврдење медиумот буквално ништо не ѝ нуди на јавноста за да докаже дека напишаното е вистина, но затоа влезен во улога на истражен орган, нуди сензационалистички наслов дека „е решена мистеријата“.

Сè што на читателите им е понудено е фразата „Курир открива“. А како „Курир“ открива не е јасно. Информацијата виси во воздух бидејќи нема извор, нема никаква потврда, целосно е еднострана и тенденциозна. Ниту е прашана пејачката дали има вистинитост во тоа што наводно го открива медиумот. Да ја прашале, текст немало ни да има, а со тоа ниту кликови и споделувања на сензационализмот. Кратко по бомбастичната објава, Карлеуша во изјава за „Репортер“ ги демантираше тврдењата.

Информациите што ги прочитавте во српските медиуми се апсолутна груба лага. Бојан никогаш од мене не позајмил пари. Никогаш ништо не ми должел, ниту имам сознанија дека е должен некому во Србија. Се што можам да кажам за Бојан е дека отсекогаш самиот си плаќал сè, никогаш никој не му го платил дури ни ручекот.

Освен за долговите кон Карлеуша, српскиот медиум тврди дека Боки 13 решил да рекетира во договор со македонскиот државен врв, вклучувајќи го и премиерот Зоран Заев. Ниту според снимките кои ги објави италијанскиот медиум „Ла Верита“, ниту според досегашната (13.08.2019) истрага на македонските институции нема потврда дека навистина Заев и државниот врв биле вклучени во незаконски дејствија. Па така српски „Курир“ и македонските медиуми кои го преземаа текстот, вршат груба манипулација на своите читатели.

Забележително е дека ниту српскиот медиум кој првично ја објави оваа вест, ниту поголемиот дел од македонските медиуми кои ја преземаа веста без да ја проверат, не го објавија демантот кој го даде српската пејачка.

Се чини дека српски „Курир“ го објавил текстот во потрага по што поголем број на кликови и споделувања без разлика што информацијата е неточна и што со нејзината објава се врши грубо дезинформирање на јавноста. Македонските медиуми, пак, не се потрудиле да направат ни основни проверки на веродостојноста на информацијата, па само набрзина лошо ја превеле и ја објавиле со печатни грешки и уште пострашно – со лаги.