Читателите веруваат само кога новинарот употребил факти, а не претпоставки

Скриншот од веста што се рецензира

Повикувањето на веројатност и лажната аналогија се два механизма за манипулирање на јавноста. Двата механизма го карактеризираат новинарскиот производ што го рецензираме. Повикувањето на веројатноста има цел да го убеди читателот дека нешто што може да се случи е аргумент оти истoтo мора да се случи. Од друга страна, лажната аналогија се однесува на тенденцијата да се направи аналогија помеѓу две работи што не се поврзани, а потоа аналогијата се користи за да се постават претпоставки.

Линк до оригиналниот напис: „Со 6 телохранители, возач и службено возило, МВР сѐ уште не му влезе во трага на поранешниот премиер Груевски?”

Датум и време на објавување: 10.11.2018

Датум на рецензија: 16.11.2018

Рецензент: Џенис Сулимани

 

 

 

 

Во новинарството нема „можеби“ – потребни се факти!

Во текстот што е предмет на оваа рецензија, пренесувајќи ја информацијата дека поранешниот премиер и актуелен пратеник Никола Груевски има службено возило со возач и шест телохранители од редовите на МВР, се тврди дека многу лесно може да биде фатен од полицијата и уапсен.

„Се поставува прашањето, дали овие шест телохранители и возачот излегле од службената полициска контрола или МВР и Владата блефираат дека не знаат каде се наоѓа Груевски?”

Авторот го поставува прашањето беспредметно, бидејќи во овој случај нема простор за веројатност, со оглед на тоа дека не значи оти телохранителите, кои се од редовите на МВР, се истите полицајци кои треба да го уапсат Груевски. Уште помалку може да се прави аналогија меѓу привилегиите што тој ги има како поранешен премиер и случајот кога Груевски се гони кривично. Авторот на текстот како да не знае дека Груевски требало да биде уапсен откако ќе го прими решението за издржување на казната затвор и оти му е одбиена жалбата за одложување на издржувањето на казната затвор. Решението, иако беше обелоденето, сепак, не беше примено од Груевски.

 

Нема потреба од претпоставки кога имаме аргументи 

Јавноста треба да го знае тоа што не е наведено во текстот што го рецензираме. А тоа е дека Кривичниот совет во четвртокот (8 ноември) ја одби жалбата на адвокатите на поранешниот премиер Никола Груевски, а која самиот Груевски ја имаше поднесено за одложување на издржувањето на казната затвор. Во одлуката на Кривичниот совет се наведува дека „по проценката на фактите и аргументите во жалбата, Кривичниот совет донесе одлука и ја потврди одлуката на судијата за извршување санкции. Одлуката да се достави до странката, а истата стапува во сила кога странката ќе ја прими одлуката”.

Тоа значи дека во моментот кога Груевски ќе ја прими одлуката на Кривичниот суд, мора да се пријави во затворот во Шутка. А не како што се тврди во текстот што го рецензираме, дека неговите телохранители од МВР треба да го принудат Груевски да влезе во затвор. Груевски е осуден на две години затвор за случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.

Неопходно е новинарот повеќе да се фокусира на фактичката состојба и вистинските аргументи, без никаква тенденција за веројатност или лажна аналогија. Кога читателот ги чита фактите, создава правилен став за политичките процеси, додека претпоставките и шпекулациите ја доведуваат во заблуда јавноста и не даваат простор за медиумска, но и политичка писменост. Затоа, кога ќе видите таков текст, имајте превид дека не треба да се смета за сериозен новинарски производ.