Читателот треба да знае дека коментарите немаат место во вестите

Скриншот од веста што се рецензира

Неопходно е новинарот да се „исклучи” од емоциите, личните оценки, коментари и ставови пред да седне да напише вест. Постојат случаи кога коментарите се користат за да се дополни некоја информација, можеби да ѝ се даде повеќе „шмек“ на веста, но тоа е погрешен начин на известување, каков што е случајот со веста што ја рецензираме.

Линк до оригиналниот напис: Иванов може да се казни до 5 години затвор!

Датум и време на објавување: 7.11.2018

Датум на рецензија: 9.11.2018

Рецензент: Фатљуме Дервиши

 

 

Коментари скриени во веста

Претседателот се соочува со тужби за многу важни прашања за кои медиумите честопати изразија загриженост, а и неговото дејствување се оспоруваше. Во овој текст, делот каде што се известува за можните тужби и за временскиот период што му се заканува со затвор е во ред, доколку судот најде дека е сторен прекршок. Но, текстот содржи и коментари.

За да се добие појасна слика, ќе наведеме неколку коментари што ги употребил авторот:

  • …црно му се пишува…
  • …по неговата тврдоглавост…
  • …му нанел голема штета…
  • …влијаеше на матните глави…

 

Експертите не треба да бидат анонимни!

„Експертите за ’Журнал’ велат дека претседателот нанел голема штета на угледот на Македонија, особено со својот говор во ОН, тој влијаеше на матните глави што се противат на интеграцијата на земјата во НАТО и во ЕУ.“

Експертите што ги консултирал новинарот не би требало да останат анонимни. Тие се познавачи на областа и нивната титула и нивното име служат за да ја направи приказната убедлива, проверена и кредибилна. Не можете да се повикате на нивното име за да дадете ваши оценки за тоа што го пишувате. Ова е јасно дефинирано со Етичкиот кодекс на новинарите.

 

Етички кодекс на новинарите

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.

 

Читателот треба да знае

Секој поединец има свое гледиште за настаните, личностите, политиката, уметноста, одредени функционери, за различни појави. Вестите треба да им обезбедат на читателите јасна слика на тоа што се случило, реално и објективно, за читателот да  може потоа слободно да направи проценка на тој настан, на таа личност, функционер или појава, без да му се наметне мислењето од новинарот. Се разбира и новинарите можат да пишуваат коментари и ставови, и честопати ги пишуваат токму за да ги разјаснат збиднувањата според нивното гледиште и за да влијаат врз создавањето на јавното мислење, но оваа форма на пишување е посебна категорија во рамките на новинарството (традиционални медиуми или портали) и треба јасно да се наведе дека станува збор за коментар.