Цртаните филмови „од нашето детство“ не беа (само) од Источниот блок

При известувањето за концертот што на 23 јуни 2019 г. во Градскиот парк во Скопје го одржа Филхармонијата на РСМ, одредени медиуми некритички пренесоа нецелосно точна информација дека се работело за музика од цртани филмови „од Источниот блок“.

Пишува Филип Стојановски

 

Флоскулата дека на високооценетиот концерт беа претставени „цртани филмови од Источниот блок“ се провлекува низ вестите објавени од медиуми од различни страни на медиумскиот пејзаж. Медиумите што ја употребија помеката формулација „претежно од Источниот  блок“, сепак не најдоа за потребно да ги едуцираат читателите за соодветното потекло на одделните цртани филмови, меѓу кои имаше и југословенски, западноевропски и американски.

Ваквото известување остава погрешен впечаток за составот на медиумските содржини што се конзумираа во текот на „нашето детство“, односно во времето на детството на врсниците на диригентот Џијан Емин. Се работи за периодот на седумдесеттите  и осумдесеттите години, кога Република Северна Македонија беше дел од Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

СФРЈ ≠ СССР

Наспроти животното искуство на мнозинството граѓани на регионот што живееја во тој период, последниве децении и во странство и кај нас постои тенденција на тој историски период да се гледа симплистички, како „период на комунизмот“, при што некритички се изедначуваат состојбите во СФРЈ со тие во другите земји во кои владееја комунистички партии, како СССР и Варшавскиот договор.

Политичка поделба на Европа во времето на Студената војна (1947-1991), мапи од Википедија.

Од различни причини, кои не се тема на овој текст (од идеолошко-политички мотиви до незнаење), дел од креаторите на јавно мислење на бившојугословенските простори го пренебрегнуваат фактот дека еден од основните постулати на државниот идентитет на Југословените беше инсистирањето на независност во однос на СССР, за која беше платена висока цена во периодот на Информбирото (1948-1956).

На политичко ниво, погрешното ставање во ист кош на СФРЈ со земјите од Источниот блок понекогаш предизвикува бурни реакции, за што е пример февруарскиот скандал по изјавата на британски функционер, кој ја посочи Словенија како „советска вазална држава“.

Разликите во степенот на информираноста не се само географски, туку и генерациски.

Може да се претпостави дека уредниците или новинарите што известувале за нешта од времето на своето детство или младост најдобронамерно сметале дека нивните читателите имаат слично ниво на општа култура како нив. За жал, во случајот на помладите генерации, тоа често не е така. Затоа професионалните медиуми се поставени пред дополнителен предизвик, кои за да ја пренесат целата вистина не може да се потпираат на претпоставените предзнаења на публиката, туку треба да пренесат и дополнителни факти, едуцирајќи и за историскиот контекст.

ПРОГРАМСКАТА ШЕМА НА ЈУГОСЛОВЕНСКИТЕ ТЕЛЕВИЗИИ БЕШЕ ПОНАКЛОНЕТА КОН ЗАПАДОТ

СФРЈ не само што не беше дел од Источниот блок туку и беше еден од основачите на Движењето на неврзаните, чија мисија беше противење на блоковските поделби. Покрај тоа, во седумдесеттите и осумдесеттите години, и поголемиот дел од вкупната медиумска продукција во федерацијата, а особено таа наменета за децата, потекнуваше од Западниот блок.

Во поглед на цртаните филмови, само американската продукција заземаше далеку поголем дел од времето на малите екрани од производите по потекло од СССР и нејзините сојузници. (Напомена: Се работи за проценка, бидејќи за точната минутажа не постојат јавно достапни податоци.)

Од САД доминираше класичната холивудска продукција од кратки цртани филмчиња до 5-6 минути, но и подолги форми од 20-30 минути, кои се прикажуваа во вечерните термини во недела или наместо играни серии во утринските програми:

  • Волт Дизни („Фабриката на Мики Маус“)
  • МГМ (Том и Џери, Пинк Пантер),
  • Ворнер Брадерс (Душко Долгоушко, Брзата Птица Итрица и Којотот)
  • Парамаунт (Попај),
  • Универзал (Чили Вили),
  • Макс Флечер (Мачорот Феликс, Бети Буп),
  • Хана Барбера (Мамли, Кременковци, Станлио и Олио, Штрумфови,), како и
  • нискобуџетните Филмејшн („Тарзан – господар на џунглата“, Спорт Били, „Хи-Мен и господарите на вселената“…)
  • кон крајот на осумдесеттите и „Нинџа-желки“ и други производи од помали продукции.
Оркестарот и бендот на Филхармонијата и хорот „ПроАрс“ со кадар од цртаниот филм „Како козаците ги спасуваа свршениците“ во текот на концертот „Ну погоди“. Фото: CriThink.mk.

Наспроти нив, цртаните филмови од Источниот блок беа претежно пократки форми како советските „Ну пoгоди“ или „По патот со облаците“, при што исклучок беа подолгите руски „Три банани“ и „Василица Прекрасна“ и украинските „Како козаците ги спасуваа свршениците“ и „Момчето со уздата“, кои беа репризирани поретко од претходно наведените подолгометражни остварувања.

Гледачите од Југославија навистина имаа прилика за пристап до дел од импресивното културно наследство на анимациските продукции од земјите на Источниот блок, како

Арно ама, не може да се тврди дека „источните“ цртани беа доминантни, туку е пореалистично да се каже дека беа еден дел од разновидната понуда од целиот свет.

Така, од Западниот блок потекнуваа и низа анимирани филмови од копродукции во разни комбинации меѓу Франција, Белгија, Канада, Швајцарија: од т.н. „Колен“ до „Денвер, последниот диносаурус“, а дел од нив се темелеа на популарни франкофонски стрипови како Таличниот Том („Лаки Лук“) и „Марко и Шарко“ (во оригинал „Бул и Бил“).

Влијателна беше и италијанската продукција од „Ла Линеа“ (од децата наречен „Баљум Баљум“) и бебешката „Шарка“ (во оригинал „Пимпа“) до италијанско-јапонската копродукција Калимеро, кој беше толку популарен што остана во македонскиот сленг како синоним за изреката „нема правда“.

Влијателни беа и јапонските цртани филмови со Хипо и Чипо, Пчеличката Маја, Пчеличката Хачи, како и сериите направени од врвни аниматори според светските детски литературни класици како „Хајди“ и „Волшебникот од Оз“, во која името на главниот лик Дороти беше преведено како Дафинка.

Од Велика Британија потекнуваа популарниот „Бананамен“, „Веселите Грашковци“ и велшкиот „Вили Ква Ква“ наменет за помали деца.

На вагата може да се стават и други видови забавна програма и за деца и за возрасни, како американско-британската копродукција „Мапет шоу“.

Сличен сооднос можеше да се забележи и кај образовната програма, за која модел низ целата федерација беше ББЦ од Велика Британија, при што беа увезувани природонаучни серии како „Опстанок“, емисиите на Дејвид Белами, Артур Кларк итн. Домашната продукција имаше директно влијание на западните стандарди, особено по ангажманот на Џон Тимоти Бајфорд во ТВ Белград, автор на едукативни серии како „Полетарац“ (1980), по која се појавија низа слични продукти, како „Бушавата азбука“ на ТВ Скопје (1985). Во обете автор на анимациите беше белграѓанецот Душан Петричиќ, кој сè уште е активен како карикатурист.

Најнакрај, терминот во 19:15 часот во Југославија често се прикажуваа и домашни цртани филмови за деца, како хрватскиот „Професор Балтазар„ и словенечкиот „Мечето Бојан“. Во уште неколку места низ СФРЈ имаше развиено и продукција на анимирани филмови „за возрасни“, меѓу кои и Скопје, каде најистакнати творци беа Дарко и Афродита Марковиќ.

(Корисниците на „Фејсбук“ може да погледнат дел од повторно објавената продукција од тоа време во јавната група „Ретро-серии, цртани, музика и спорт – Македонски телевизии“).

КОИ БЕА „ЦРТАНИТЕ ОД НАШЕТО ДЕТСТВО“ ПРЕТСТАВЕНИ НА КОНЦЕРТОТ

Значаен дел (3/8) од малиот примерок цртани филмови популарни пред три до четири децении одбран за концертот „Ну погоди“ во Скопје не беа од Источниот блок, покрај тоа што во неговиот наслов беше употребено името на советскиот/рускиот цртан филм за Волкот и Зајакот, своевиден омаж или одговор на Том и Џери. Меѓу нив беа и неврзаниот „Балтазар“ (СФРЈ/Хрватска), како и цртаните од земји што во времето на Студената Војна беа асли членки на НАТО: „Ла Линеа“ (Италија) и „Пинк Пантер“ (САД).

Во продолжение ги претставуваме верзиите на овие цртани филмови, кои се јавно достапни на интернет заедно со информација за нивната земја на потекло.

„Како козаците ги спасуваа свршениците“ од СССР, поточно од Украина, кој на хумористичен начин ја обработува сериозната тема на трговија со луѓе.

Густав од Унгарија, со епизодата во која бара (идеална) сопруга.

„Козле Бозле“ од Полска со епизодата „Кога Козлето не би скокало“ (на интернет е достапна и верзијата синхронизирана на македонски јазик).

„Ла Линеа“ (Линијата) од Италија со епизодата La sexlinea, која не беше дел од редовните репризи за деца „на времето“.

„Ну пагади“ од СССР, попрецизно од Русија, со епизодата посветена на Олимпијадата во Москва од 1980 година.

Од истата серија беше прикажан и дел една понова епизода (бр. 20, наречена „Во дачата“), од 2006 година.

Професор Балтазар произведен во СФРЈ, поточно во Хрватска. Прикажаната епизода беше „Маестро Коко“ од 1967 г.

Мечето Ушко од Полска со епизодата „Спакуван ручек“ од 1975 г.

На крај, Пинк Пантер од САД со епизодата „Пинк, планк, плинк“, во која се појавува и авторот на познатата тема, Хенри Манцини.

Цртаните филмови се форма на изразување која освен забавниот карактер, може да постигне високи уметнички вредности. Дополнително е исклучително важна нивната улога во воспитно-образовниот процес на младата медиумска публика. Затоа е важно и медиумите да се однесуваат сериозно при известувањето за нив.