Црна кампања: Тамара Тодевска е политичка жртва на „уставобранителите“

Тамара со големиот успех на Евровизија под новото име на земјата – Северна Македонија направи деби што кај дел од политичкиот спектар не може да ѝ се прости. Против неа застана моќна пропагандна машинерија, која реши да ја следи постојано и преку неа да си ги наплатува изгубените политички битки од реалниот живот. Што е тоа црна кампања? Што е тоа outrage?

Пишува: Љубомир Костовски

„На 3-ти јуни годинава пишував за Тамара. Денеска е 4-ти јули и еве повторно ќе пишувам за неа. Причината сите ја знаете, па не гледам потреба од вовед…“ – ова е само сегмент од текстовите што може да ги отвораме кога ја разгледуваме сè уште актуелната тема за поп-пејачката, која не многу одамна ни го осветли образот на една од најзначајните музички манифестации во светот со повеќе стотини милиони гледачи. Објективно Тамара Тодевска со композицијата „Горда“ беше првата според стручното жири, по исправката со „аферата Белорусија“, а втора откако се пребројаа гласовите од ТВ-воутингот, резултат што, едноставно, е тешко да се повтори во рамките на нашата естрада.

Од воведот во текстот, инаку, ако не сте оттука, не можете да сфатите веднаш зошто Тамара била толку време актуелна, освен ако природно не си помислите дека тоа е само еден од многуте панагерици за нејзиниот блескав настап. Обратно, се работи за еден од многуте написи што во континуитет, како што се гледа ако го отворите тој материјал, се пишувани против нашата сограѓанка, а што може да се третира како црна кампања, при што „долговечноста“ на темата очигледно нѐ соочува токму со една од карактеристиките на таквата кампања: ќе се говори или пишува за една личност или појава и тогаш кога објективно нема нови моменти за да го оправдаат тоа репризирање. Само таа, Тамара, како личност и сѐ она што таа го претставува да не исчезне од порталите, социјалните мрежи или ТВ-екраните…

Нема сомнение дека настапот на пејачката Тамара на годинашниот натпревар на „Евровизија“, уште пред нејзиното излегување пред публиката, откри дека постои концепт за градење отпор кон тој настап. Тоа одеше дотаму што се објавуваа барања да не се гласа за неа. Според пропозициите што важат за оваа манифестација, македонските граѓани не можеа да гласаат за композицијата „Горда“, со која таа настапи, па барањата се „испорачуваа“ до дијаспората, која, нели, доколку сакала имала можност да го стори тоа. Во „КриТинк“ веќе пишувавме за таа појава, како и за тоа дека Тамара ја имаше можноста да биде првата презентерка на новото име на државата. Таа тогаш беше сметана за „предавник на името“ и оттогаш претставува постојана цел на „уставобранителите“. Наша реакција беше дадена во првата половина на мај, а знаеме дека сега е средина на јули!

ШТО Е ТОА КАМПАЊА?

Во основа, кампањата претставува организиран метод и систем на ширење идеи и наративи.

Пропаганда е планирана употреба на која БИЛО форма на јавна или масовно произведена комуникација, која е дизајнирана со цел да оствари влијание врз разумот и емоциите на дадена група со специфична цел, било таа цел да е воена, економска или политичка. Па така, секоја активност што има намера да шири ставови и принципи преку пишан, печатен или сликовит медиум, директно или преку импликација, и која е дизајнирана со цел да влијае врз луѓето да поверуваат во тоа што пропагаторот го пропагира претставува пропагандна активност. (Повеќе за ова во текстот на АЕлксандар Нацев, со тоа што таму се користи сè уште „стариот термин“ пропаганда).

Тамара треба да биде дел од некаква „патриотска“ ситуација, каква што беше „одбраната на името“, за со користење на нејзиното име да се врати во јавната орбита тој наратив со одбивање на прифаќањето на Преспанскиот договор. Кампањата беше црна, бидејќи беше комплетно исполнета со негативни емоции (омраза, нетолеранција, ширење на сториите што ќе ја оцрнуваат и надвор од професионалниот ангажман…).

Но, секогаш не оди сè така како што е замислено. Без оглед на тоа дека кампањата е изведувана од центри што располагаат со сите потребни „материјали“ и користат методи на психолошка војна, се чини дека самиот успех на интерпретаторката ја сопре лавината. Тамара доби толку пофалби и тоа од многу релевантни меѓународни оценувачи, што им ја „затвори устата“ на критичарите. Дури и фактот што таа не доби доволно гласови од публиката (дијаспората)  за комплетен триумф, ја направи црната пропаганда неделотворна, бидејќи, голем дел од јавноста се заврти со прекор кон тие што не гласаа за Тамара и со тоа оневозможија таа евентуално да стане севкупен победник на манифестацијата. Во тој пресврт на јавното мислење, јасно, се претеруваше, пред сè во оценка колку дијаспората кај нас е моќна да дава десетици, па и стотици илјади гласови по мобилните, но кога некој ќе посака валкана пропагандна игра, ќе добие соодветен одговор во сличен стил.

Што со „неискористениот материјал“, собиран по центрите за негово користење, а во ситуација кога политичката борба остана актуелна и кога „уставобранителите“ ги губеа битките во секојдневието?

Очигледно омразата се остави за подоцна, за прилика што треба да се чека.

ЗОШТО ТОКМУ ТАМАРА?

Но, да се запрашаме – зошто токму Тамара? Оние што ја водат кампањата самите си кажуваат. На порталот „zase.mk“ авторот што се потпишува постојано под „уметничко име“ Пацифист го објаснува тоа со јасен политички речник.

Таа е одличен вокал и изведувач со шарм на сцена што плени. Сè останато што Тамара како личност преставува, јас го презирам. Или во една реченица, како пејач е одлична, како личност е опортунист. Јас таквите не ги сакам!, а Тамара тоа упорно го потврдува.

Секој од нас во животот ги чека своите пет минути, период во кој максимално ќе ги искористи сите укажани шанси и ќе го остави својот печат. Тамара ги дочека своите и покажа која е. Таа е главниот естраден лик на оваа Влада. Тодевска пееше на спотот „За европска Македонија“ пред референдумот, пееше на „Натофест“, на прославата за независноста на Македонија, пред влада, на „Евровизија“, „Парадата на гордоста“ (ок, парадата не беше организирана од Владата, ама видовме министри како презадоволно ја фалеа) и конечно еве вчера ја пееше химната на Македонија на прославата на 4ти Јули во американската амбасада во Скопје…“.

Значи претходно наброените „аргументи“, како „пејачка на Владата“, се собирале и се чекал погоден момент. Тој повод лежи во веќе извесниот факт дека таа на свеченоста во Амбасадата на САД отпеа само дел од химната, која има три строфи и прескокна еден дел во кој се споменуваат „Гоце Делчев, Даме Груев, Сандански“…

Веројатно е јасно дека оние што водат кампања против актуелната Влада, а со инструментализација на Тамара, чекаа одново таа да треба да биде дел од некаква „патриотска“ ситуација, каква што беше „одбрана на името“ во мај. Прашањето со химната е токму погоден миг, бидејќи оваа сценско-музичка творба и симбол на една земја веќе е користена во таа намена и еднаш е испробана при посета на странски лидер на земјава. Имено на 3 април годинава, при доаѓањето на сега веќе експремиерот на Грција, Ципрас, и свечениот пречек пред нашата Влада, химните на двете земји, на македонските домаќини и на гостите од Грција, само се свиреа инструментално. Владата за тоа даде објаснување  – „ …поради технички и организациски причини, кои произлегоа од стеснетата временска рамка на активностите“, но потоа во кампањата за избор на претседател на РСМ, кандидатката Гордана Давкова, ова го користеше со цел да ги подигне националните чувства на гласачите. И таа ситуација се повтори на свој начин во мигот кога Тамара ја изведуваше македонската химна во просториите на Амбасадата на САД во земјава, при прославата на Денот на независноста, 4 Јули. Тамара скусувањето на химната го објасни со возбудата што ја имала и се извини, но очигледно не можеше да се спречи лавината од осуди и разни дискредитации

Нашата поп пејачка ја изведе македонската национална химна, но за време на интонирањето, случајно или намерно, ги изостави Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули и Јане Сандански… Ваквиот нејзин потег предизвика бурни реакции во дијаспората, но и на социјалните мрежи. Обединетата македонска дијаспора повика на итно изјаснување и извинување од страна на амбасадата на САД во Скопје, Македонија, за неприфатливата грешка при пеењето на химната од Тамара Тодевска за време на приемoт по повод Денот на независноста 4 Јули.

Како потпрашање што произлегува од кампањата против Тамара сама по себе се наметнува дилемата: зошто изведбите на химната што се инструментални не наидуваа на осуда, ако веќе наводното користење на текстот „е законски обврзувачко“? Или, зошто при поранешните скусувања, кои биле многу порадикални и тоа во присуство или организација на политичари од претходната власт, немало никакви реакции, особено не налик на оваа со Тамара? Да не говориме за реакции од типот на таа на Обединетата македонска дијаспора?!

„Вистиномер“ веќе спореше со Давкова за изведувањето на химните само на инструментален начин и го поврза тоа дури и со правила на интернационалните спортски сојузи. По ова некако замолчеа таквите хорски измислици, користени во една кампања, кои се покажаа и неделотворни.

Ова со изведбата на химната од страна на Тамара, пак, подигна невидена тензија, „од сите оружја“. Неделниот портал „Република“ на јавноста ѝ „укажа“ дека „грешничката“ може да добие и казна затвор од три месеци до три години, потсетувајќи ги надлежните дека е повреден чл. 178 од КЗ, односно дека постои намерна повреда на честа и угледот на државата. Од правен аспект е секако тешко да се докаже дека постоела намера кај пејачката за „повреда на угледот и честа“. Но, да се запрашаме дали овие гласила реагирале во други слични поводи, па дури и такви со интернационална димензија?

На пример, при прославата на 100-годишнината на Кумановската битка на Зебрњак во октомври 2012 година. Во снимката од таа манифестација, на која беше и претседателот на Србија, министерот за надворешни работи на земјата, нашата (тогашна) министерка за култура итн., како и публика од 5.00 луѓе од две држави, хорот одвај да ја испеа само првата строфа од нашата химна, во траење од 40-ина секунди, со што очигледно направи „фаул“, бидејќи се работеше за културна манифестација, која траеше долго, а неколку минути  секако немаше ништо да оддолжат. Ама можеме да се обложиме дека реакција немаше, па и од медиумите што денес се перчат над името и честа на Тамара.

Зошто нема реакција? Секако, затоа што таму присутните за таквите медиуми се „недопирливи“ и не се можни за политичка експлоатација. Сведоците за нарушување на угледот на државата пред политичкиот врв на Србија и Македонија, едноставно, не можат да бидат објект на outrage – ситуација кога кон некој се излева бес, кој треба да внесе вознемиреност во јавноста, да предизвика морална осуда и срам кај некој што е цел на тој чин. Крајната цел е, впрочем, да доведе до казна, до третман на злосторници на некои лица и одвратност или гнев во јавноста кон нив.

Во Зебрњак изведувачите добија само аплауз.