Демант, бездруго, мора да се објави

 

Текстот што го рецензираме пренесува изјава на пратеничката Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ за наводно незаконско вработување во Централниот регистар. За овие тврдења Централниот регистар испрати демант, кој медиумот не го објави.

Линк до оригиналниот напис: Стаменковска: Во склоп на многубројните огласи за незаконско и партиско полнење на администрацијата, власта не го заобиколи ниту Централниот регистар

Датум и време на објавување: 26.9.2018

Датум на рецензирање: 27.9.2018

Рецензент: Силвана Жежова

Во текстот се изнесени обвинувања дека директорката на Централен регистар вработува „партиски војници“ во, како што се вели, нерегуларна и противзаконска постапка. Од Централен регистар ги демантираа овие обвинувања и ги посочија законите врз чија основа на 9 август биле вработени посочените 34 лица.

Централниот регистар, согласно матичниот закон, постапката за вработување треба да ја води согласно Законот за вработените во јавниот сектор и согласно Законот за административните службеници. Според статутот на оваа институција, вработените во Централниот регистар се државни службеници. Дали е вистина дека директорката на Централниот регистар си донела Колективен договор во кој имплементирала одредби со кои си дозволува вработувања согласно Закон за работните односи, се вели во изјавата на Стаменковска.

Но, од друга страна, во демантот на Централниот регистар точно се објаснува според кои закони се примени нововработените лица.

За сè што не е регулирано во Законот за Централниот регистар и Колективниот договор на ЦР, се применуваат одредбите од Законот за административните службеници и Законот за работните односи. Согласно, став 2 и 4 од член 4 од Законот за административните службеници за потребите на Централниот регистар се потврдени и регулирани со самиот Закон за Централниот регистар, а воедно е дадена и утврдена можноста во самиот закон со Колективен договор да се уредат прашањата за и од работен однос, се вели во демантот.

Централниот регистар е претставен како партиска инстутиција, која служи за вработување приврзаници на СДСМ, со што воедно се дискредитира професионалноста на институцијата. Исто така, во текстот се алудира на тоа дека власта има некаква кампања за незаконски вработувања, при што и оваа институција е дел од тоа. Но, во демантот на Централниот регистар се вели дека „постапката била целосно транспарентна спроведена согласно Законот за Централниот регистар, сите позитивни законски норми и општи акти на Централен регистар, како и согласно Колективниот договор склучен помеѓу директорот на Централен регистар и претседателот на Синдикалната организација на ЦР“.

Објавувајќи го огласот за новите партиски војници на СДСМ, таа врши противзаконско вработување ставајќи го Колективниот договор над Законот. Ваквите и слични начини на вработување се дел од кампањата на СДСМ за партизирање на институциите од јавниот сектор.

Текстот има цел да прикаже дека сите вработувања што се прават се незаконски и единствено се вработуваат партиски луѓе. Воедно и дека се заобиколуваат сите процедури што треба да бидат запазени. Но, од Централен регистар реагираат дека „несвојствено за претставник од Законодавниот дом, кој ги гласа законите, е да не ги познава истите“. Во таа насока е и забелешката која, исто така, стои во демантот, а во која се вели „демантираме дека вработените во оваа институција се државни службеници, односно ја информираме пратеничката дека вработените во Централниот регистар се административни службеници“.

Овој напис е проблематичен од гледна точка што не е побаран одговор од нападнатата институција. Да стануваше збор за програмски говор на пратеничката Невена Стаменковска, не претставува никаков проблем да се објават делови од такво обраќање. Но, кога е нападнато лице или институција, од нападнатата, критикуваната страна треба секогаш да се побара одговор. Па, макар и ако таа институција каже дека ќе прати демант подоцна и одбие да одговори на нападите. Тогаш медиумот ќе може да го извести токму тоа – дека одговор од Централниот регистар не е добиен, но дека институцијата ќе одговори по пат на демант. Но тоа не е сторено. Како што не е објавен ни демантот на Централниот регистар кога истиот е испратен. Настрана фактот што демантот не е објавен, туку утредента медиумот повторно ѝ отстапува простор на истата пратеничка за повторно да го нападне Централниот регистер, со што целата дебата ја прави еднострана, а сликата штосе добива во јавноста е сосема необјективна.