Домашен „Рекет“ со домет до Белград?!

 

[Рецензија: Црно на бело: Експлицитните фотографии и две видеа докажуваат дека Боки 13 бил во врска со српски политичар]

Аферата „Рекет“, која веќе неколку седмици го преокупира вниманието на целокупната македонска јавност, свои политички одгласи има и во соседна Србија. Тоа, на еден исклучително вулгарен и невкусен начин го покажува текстот што го рецензираме. Се работи за текст во македонски медиум, кој тврди дека постојат информации од истрагата поврзана со аферата „Рекет“, кои инволвираат во своевидна секс-афера неименуван српски политичар со Бојан Јовановски познат како Боки 13. Да биде уште посимптоматично, до информациите од истрагата која се спроведува во Скопје, наводно дошле повеќе српски медиуми, кои се повикуваат на „свои“ извори блиски на истрагата во Македонија, а медиумот чиј текст го рецензираме само ги цитира нив како релевантни извори.

Линк до оригиналниот напис: Црно на бело: Експлицитните фотографии и две видеа докажуваат дека Боки 13 бил во врска со српски политичар

Датум и време на објавување: 17.08.2019

Датум на рецензирање: 22.08.2019

Рецензент: Југослава Дуковска 

Дека нешто навистина смрди во целава работа, не само во рецензираниов текст, туку и во медиумите и политичкото милје во регионов, покажува и леснотијата со која неколку таблоидни српски и босански медиуми унисоно и без задршка „закашкаа“ неименуван српски политичар, чијшто опис беше толку детаљно даден што не ни требаше да му се наведе името.

Самиот наслов веќе го пали алармот:

Црно на бело: Експлицитните фотографии и две видеа докажуваат дека Боки 13 бил во врска со српски политичар

Се разбира, текстот не нуди ниту експлицитни фотографии ниту видеа и тој ништо не докажува, туку само пренесува туѓи шпекулации, ама, сеедно, насловот тоа го тврди!

Потрагата по изворите на овој шпекулативен и оцрнувачки текст на интернет води до интересни сознанија. Имено, текстови со речиси идентична содржина, во кои се наведува дека српски политичар бил во интимна врска со лицето познато како Боки 13, дека наводно постоеле телефонски пораки, фотографии како и видеоснимки од двајцата и дека политичарот бил познат по тоа што често патувал насекаде и објавувал слики на социјалните мрежи, а неодамна престојувал и во Скопје, речиси истовремено се појавија во претпладневните часови на 17 август во повеќе српски и неколку босански медиуми.

Текстот што е предмет на ова анализа, на „Република.мк“ е објавен речиси симултано со нив и ги пренесува нивните тврдења без да наведе кој е конкретниот извор, туку само дека се работи за „српски медиуми“ и нивни „извори од истрагата во Скопје“. Колку и да звучи наивно заднината на оваа своевидна кампања, таа воопшто не е таква.

Во телефонот на уапсениот Бојан Јовановски, односно Боки 13, полицијата пронашла шокантна преписка со еден српски политичар, пишуваат српските медиуми.

Се вели на почетокот на написот. Потоа следува реченица која, сликовито, убива – не само една, туку неколку „муви“ со два, добро пресметани удара.

Пронајдени се дури и експлицитни фотографии од нивното интимно дружење и тие сега се во рацете на истражните органи во Скопје, кои утврдуваат дали врската на водителот и српскиот политичар има врска со аферата „Рекет“, која со недели ја тресе Македонија, но и регионот.

Првиот удар е инволвирањето на „неименуваниот српски политичар“ во дегутантна секс-афера со контроверзна личност каква што е Боки 13, чија естрадна појава, додека беше дел од неа била осмислена да шокира со сексуалните конотации.

Вториот удар – преку „врската“ со Боки 13, политичарот се имплицира и во коруптивна афера далеку поголема од она што на прв поглед претставува „Рекет“. Бидејќи аферата ја става во функција на продуцирање многу поголема политичка афера во Србија – со парите од Орце Камчев и со блискоста со Боки 13, политичарот без име, всушност, ги финансирал протестите против власта на Вучиќ во соседна Србија! Овој втор удар на српскиот политичар, овој пат именуван и во друштво со свои сопартијци, му го задаваат српските таблоиди, два дена подоцна, на 19 август.

Имено, рано наутро, во текст објавен во 7.35 часот, српски „Курир“ објавува дека валканите пари од аферата „Рекет“ што ја тресат Северна Македонија, но и целиот регион, оделе, преку Вук Јеремиќ и неговите контакти од Македонија, за Сојуз за Србија, а дека во целата афера биле вмешани и Бошко Обрадовиќ и Драган Ѓилас, сите од опозицискиот СЗС. Парите од „Рекет“, тврдат неколкумина српски политички „аналитичари“, биле наменети за финансирање на протестите против власта на Александар Вучиќ. Неколку часа подоцна, Ѓилас на прес-конференција најавува тужби против „Курир“.

Гледајќи го поширокиот контекст на текстот што го рецензираме, станува јасно дека е наменски неговото објавување во медиум што е директно поврзан со нескриена блискост со опозициската ВМРО-ДПМНЕ и кој аферата „Рекет“ досега ја третираше преку низа критички обоени, најчесто плукачки настроени написи, секогаш трудејќи се да ја докажат директната инволвираност на власта на СДСМ со актерите на оваа афера. Овој пат, преку овој напис, без ниту ронка вистинитост и објективност, всушност, одработува за конкретни политички цели во Србија, не воздржувајќи се притоа да го допре – дното на новинарството.