Еднострано, коментаторско и неосновано фалење на Самсоненко

 

[Рецензија: ОБИДИТЕ НА ЗАЕВ ДА ГО УHИШTИ САМСОНЕНКО: Доделуваат 500.000 евра, а му ги блокираат сите сметки, проекти и инвестициски планови]

 

Целосно едностран текст, коментаторски напишан, полн со пофалби за Сергеј Самсоненко. Написот оддава впечаток дека е зготвен во ПР кујната на Самсоненко и ѝ е послужен на јавноста да го дегустира под превезот на новинарски текст.

Линк до оригиналниот напис: ОБИДИТЕ НА ЗАЕВ ДА ГО УHИШTИ САМСОНЕНКО: Доделуваат 500.000 евра, а му ги блокираат сите сметки, проекти и инвестициски планови

Датум и време на објавување: 5.6.2019

Датум на рецензија: 10.6.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Написот има една единствена цел – да го величи Самсоненко и неговите дела, а да ја критикува и понижува сегашната власт. Притоа изоставувајќи ги сите сомневања за лукративни и други скандали поврзани со неговото име. Иако досега не е отворена ниту една истрага против него, новинарски истражувања покажуваат дека барем зад некои од неговите бизниси во Македонија се кријат офшор фирми од Кипар и Белизе. Да не говориме, пак, за податокот дека Општина Аеродром договорот за концесија за Спортскиот комплекс „Јане Сандански“ го склучи на 4. јануари 2013 година, инаку датум кој истовремено беше и последниот ден од рокот во кој сите заинтересирани инвеститори можеа да доставуваат понуди.

Во написот сето тоа е вешто избегнато и целата концентрација е насочена на тоа колку што е можно повеќе да се воздигнува неговото име, но и поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ:

„Направи – во буквална смисла нa зборот – чyдa кои се’ уште траат“ 

Текстот започнува со набројување на проекти поврзани со спортот реализирани од владата на ВМРО-ДПМНЕ за кои неосновано е заклучено дека се силна и успешна инвестициска приказна. Написот продолжува со агресивно фалење на Самсоненко. Се набројуваат проекти кои што тој ги реализирал и донесен е заклучок дека тие се успешни без притоа да се наведе на што се должи тој заклучок. Ниту, пак, се спомнува неговото пријателство со истакнати членови и поддржувачи на поранешната влада. А, ништо не е напишано ни за кризата со која се соочува ракометниот клуб „Вардар“, за неисплатените плати и за неколкуте откажувања на Самсоненко од клубот и исто толку премислувања за таа одлука. И за време на пишувањето на овој текст, неизвесна е иднината на „Вардар“ и исто така, повторно, неизвесно е заминувањето на Самсоненко од клубот.

Написот содржи цела една плејада на произволни тврдења, кои не се со ништо поткрепени, но и исто толку премолчувања. Се спомнуваат суми инкасирани во буџетот на државата за кои наводно е заслужен Самсоненко преку неговите инвестиции, но тие во никој случај не се реална фактичка состојба. туку се проценка за која е непознато на кој начин е добиена.  Едноставно се вели дека „Самсоненко вложи oгромни средста во Македонија, а проценките се дека државниот буџет инкасирал околу 100 милиони евра во минатите 10 години од инвестициите на Русинот.“ Ова се неверојатни бројки, кои ги нема во податоците за директните странски инвестиции што редовно ги објавува НБРМ. За буџетот да заработи 100 милиони евра од странски инвеститор, неговите инвестиции би требало да се меѓу една до две милијарди евра, ако се имаат предвид сите поволности и ослободувања од даноци и други давачки, кои странските инвеститори ги уживаат во земјава. Да беше ова вака како што се тврди во текстот, Самсоненко би требало да е најголемиот или барем еден од трите најголеми инвеститори во земјава, а Русија (од каде што доаѓал капиталот за инвестициите, наводно потекнувајќи од профитите од неговите тамошни бизниси), би требало да биде меѓу трите земји со најмногу инвестиции во Северна Македонија. Но, податоците на НБРМ не покажуваат ништо слично.

Понатаму, Самсоненко се претставува во улога на жртва, кој е постојано на мета на власта, но во ниту еден момент не се наведуваат причините за тоа. Се вели дека причина било за власта да се допадне на западните земји, но ништо конкретно не е кажано за тоа кои се причините зошто бизнисите на овој странски инвеститор се предмет на државни контроли од различни видови. И ако веќе тоа е така, зошто Самсоненко не излегол во јавноста да ги објасни овие „тортури“, како што се вели во текстот, кои наводно му ги правела власта, ниту, пак, има поднесено тужби заради тие „тортури“ пред судовите. Плус се тврди дека дури и на банките им било забрането да работат со овој инвеститор, што е, се разбира, незаконски и голем скандал, за кој Самсоненко не само што има право, туку има и обврска да го обелодени. Но, такво нешто, исто така, се нема случено.

На крајот на текстот, исто така коментаторски, им се држат бизнис лекции на власта, премиерот Заев, гувернерката на Народна банка и градоначалникот на Општина Аеродром, како треба да постапуваат во однос на Самсоненко и се поучуваат оти требало да му се извинат. Од нив се бара и да ги занемарат принципите на владеењето на правото и правната држава и да се повлечат инспекциите за да му се удоволи на инвеститорот.

Но, оној момент, кој е најпроблематичен и кој провејува низ целиот текст е користењето на шампионската титула на Ракометниот клуб „Вардар“ како доказ дека сите активности и инвестиции на овој странски инвеститор се законски и дека во нив нема ништо проблематично, туку, напротив, дека сè што тој направил е за пофалба. Се разбира, тука станува збор за замена на тези, односно мешање баби и жаби. Тоа е исто како да се каже дека до неодамна најдобриот светски велосипедист Ленс Армстронг, за кого е утврдено дека со години користел допинг на забранети супстанци, не можел тоа да го стори затоа што е најдобар. И овде се наметнува истата теза – дека со бизнисите на Самсоненко се е во ред затоа што неговиот тим (чии играчи со месеци не се платени) е светски шампион. Се разбира, едното со другото нема никаква врска. Но, шампионската титула на РК „Вардар“ во целиот напис се користи како врвен доказ за законската исправност на инвестициите на Самсоненко и за наводните грешки на актуелната власт.

Написот, кој е далеку од професионално новинарско дело, служи само за да се воздигнува инвеститорот како да станува збор за голем хуманитарец, а не за бизнисмен со кој се поврзани голем број контроверзии.

Нема ниту еден единствен извор во текстот, сè се базира само на лична перцепција коментаторски и нападно напишана. Ниту од Самсоненко, ниту од надлежните институции не е побарано да го искажат својот став и да ги потврдат или негираат искажаните еднострани тврдења.

Кодексот на новинари е категоричен дека:

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.