ФБИ предупредува: Теориите на заговор нова закана од домашен тероризам

Фото: Принтскрин колаж

 

„Домашни екстремисти водени од теории на заговор се растечка закана за безбедноста“, стои во разузнавачки билтен на ФБИ што вчера (01.08.2019 г.) прв го објави американскиот Yahoo News, а го пренесоа сите американски медиуми. Во билтенот од 30 мај, што порталот го добил од теренската канцеларија на ФБИ во Феникс, Аризона, се нагласува дека тоа е прв извештај кој ги идентификува маргиналните теории на заговор како закана од домашен тероризам.

Пишува: Игор К. Илиевски

Документот се темели на низа случаи од други безбедносни тела, јавни информации, документи, човечки извори и истраги на ФБИ од 15 јануари 2008. до 30 јануари 2019 година.

ФБИ проценува дека антивладините, идентитетските и маргиналните политички теории на заговор многу веројатно мотивираат некои домашни екстермисти, целосно или делумно, да извршат кривични и понекогаш насилни дела. Понатаму, ФБИ проценува дека во некои случаи овие теории на заговор многу веројатно охрабруваат целење врз одредени личности, места или организации, со што ја зголемуваат веројатноста за насилство врз овие цели. Овие проценки се направени со висока доверба, стои во извештајот.

Во документот се нагласува дека „наративите во одредени теории на заговор тактично поттикнуваат или оправдуваат насилство“

ФБИ проценува дека овие теории на заговор многу веројатно ќе настанат, ќе се рашират и ќе еволуираат на модерниот пазар на информации, повремено предизвикувајќи и групи и поединечни екстремисти да извршуваат кривични или насилни дела, наведува документот на теренската канцеларија во Феникс.

СОЦИЈАЛНИТЕ МЕДИУМИ ТРЕБА ДА СЕ СПРОТИВСТАВАТ НА ЗАГОВОРНИЧКИТЕ СОДРЖИНИ

Во истиот пасус, ФБИ оценува дека степенот на закана може да се промени, меѓу другото, и со „значителни напори на водечките компании за социјални медиуми и интернет страници да ги отстранат, регулираат или да им се спротивстават на потенцијално штетните заговорнички содржини “.

ФБИ во документот нагласува дека иако криминалот и насилството поттикнато од теории на заговор не се нов феномен, во денешните услови на информациска поврзаност теориите на заговор поинаку се развиваат, шират и еволуираат.

Интернетот и социјалните медиуми им овозможи на промоторите на теории на заговор да создаваат и шират големи количества материјал преку онлајн-платформите, до кои брзо и лесно може да пристапи широка публика.

Врз основа на зголемениот обем и достапност на теориите на заговор со современите комуникациски методи, проценува Федералното истражно биро, логично е да се претпостави дека се поголем број поединци со екстремистички ставови ќе бидат изложени на потенцијално штетни теории на заговор, ќе ги прифатат оние кои се прифатливи за нивните ставови, и како резултат потенцијално да извршат кривични или насилни дела.

Интернетот, исти така, овозможи „краудсорсинг“(придонес на групата) ефект, кога следбениците на теориите на заговор самите обликуваат теорија пласирајќи информации кои го надополнуваат, прошируваат или локализираат нејзиниот наратив.

ФБИ проценува дека политичките теории на заговор ќе настануваат, ќе се шират и ќе еволуираат во современото информатичко опкружување и ќе поттикнуваат антивладини чувства, ќе промовираат расни и верски предрасуди, ќе ги зголемуваат политичките тензии и повремено ќе поттикнуваат и групи и поединци да извршат кривични или насилни дела.  Некои теории на заговор се „длабоко партиски“, оценува Бирото, и политички настани како американските претседателски избори следната година ќе влијаат врз нивниот развој и можни активности на екстремистите кои им се приклонуваат.