Груевски од Тирана за Будимпешта побегна со „Малев“? Авиокомпанија која не лета од 2012 година?

 

[Рецензија: Ексклузивно: Груевски побегна преку Албанија]

 

Белградска „Политика“ денеска објави текст според кој, поранешниот македонски премиер Никола Груевски и осуденик на двегодишна казна затвор побегнал во Унгарија откако ја преминал македонско-албанската граница со лажен пасош и потоа со првиот утрински лет од Тирана полетал за Будимпешта со унгарската компанија „Малев“. Написот е сосема неточен. Унгарскиот национален авиопревозник „Малев“ не лета уште од 3 февруари 2012 година, а повеќе не ни постои како фирма. Исто така, не е можно Груевски да ја поминал македонско-албанската граница „со лажен пасош“ зашто македонската полиција извести дека тој не излегол од  земјата на ниеден од легалните гранични премини.

Линк до текстот: Ексклузивно: Груевски побегна преку Албанија

Датум на објавување: 15.11.2018

Датум на рецензирање: 15.11.2018

Рецензент: Владимир Петрески

Текстот на „Политика“ е нашироко пренесен од над 30 портали во земјава, од редица портали во Србија, како и од „Танјуг“. Иако изобилува со пикантерии, според кои Груевски цело време носел темни очила и капа, кои не ги извадил во текот на целиот лет, дека кога стигнал во Тирана бил прифатен од вработените во тамошната унгарска амбасада и слично, најважниот факт што покажува дека написот е невистинит е информацијата дека тој заминал за Будимпешта со првиот лет од Тирана со унгарската компанија „Малев“. Проблем е само што оваа компанија не постои, и тоа уште од 2012 година.

 

„МАЛЕВ“ ОДАМНА БАНКРОТИРА

Случајот со банкротот на „Малев“ е многу добро познат и за него наголемо пишуваа меѓународните медиуми. Имено, компанијата со години работеше со загуби, поради што бараше и доби помош од унгарските власти. Проблемот беше само што таквата државна помош е противзаконска според правилата на Европската Унија, која побара од компанијата да ги врати сите пари добиени од државата во периодот 2007-2010 година во износ од над 170 милиони евра, што беше еднакво на вкупните приходи за 2010 година. На крајот, „Малев“ имаше долгови кон кредиторите во вкупен износ од 270,5 милиони долари и мораше да замине во банкрот. Сето тоапокажува дека лет од Тирана до Будимпешта со „Малев“, едноставно, е невозможен.

Друг крајно сомнителен момент во написот е дека Груевски ја поминал границата со лажен пасош. И ваквото тврдење е крајно проблематично. Во написот не е наведено дали лажниот пасош бил на негово или на друго име. Но, ако бил на негово име, тоа ќе предизвикало тревога во компјутерите на МВР на граница, зашто неговиот пасош е одземен уште од јули лани, а и ако пасошот не бил на негово име, тогаш неговата фотографија и неговото лице би го издале неговиот идентитет. Груевски, како долгогодишен премиер, е широко познат во земјата и тешко дека би можел незабележено да излезе од неа. Настрана фактот што македонската полиција извести дека тој не излегил преку ниеден од легалните гранични премини, што значи дека е направена проверка и оти лице со неговото име или со неговиот лик не е пронајдено во полициската база за влез и излез од државата.

 

ИЗВОРИ НИ ЗА ЛЕК

И, на крај, целиот напис има тон на произволни и лесни тврдења, кои не се поткрепени со никакви извори. За ниедна информација во написот и за ниедно тврдење нема наведено од каде потекнуваат и кој ги дал. Нема ни повикување на анонимни извори – било официјални или неофицијални, што, исто така, дополнително го зголемува сомневањето дека она што е објавено е, всушност, невистина.

На крајот од текстот се поставуваат редица прашања до надлежните во Скопје и Тирана, па дури и во приказната се вмешува и Вашингтон, кој се обвинува дека ги замешал прстите во бегството на Груевски. Но, многу подобро и попрофесионално ќе било весникот да се запрашал самиот себе како ќе поминат тврдењата изнесени во самиот текст кога за нив не само што нема никаков извор, туку нема ни назнака од каде потекнуваат.