И чаршиските муабети се информации, но треба да се проверат

[Рецензија: (Видео) МИНИСТЕР ОД ВЛАДАТА НА ЗАЕВ СО ОРУЖЈЕ ПРИСИЛНО ОДЗЕЛ ФИРМА: Гледач во живо му го „свари гравот“ на Чомовски!

 

Текстот што го анализираме тврди нешто за што не постојат никакви докази, ниту факти. Написот наводно открива некаква афера во владата, но таа не е проверена.

Линк до оригиналниот напис: (Видео) МИНИСТЕР ОД ВЛАДАТА НА ЗАЕВ СО ОРУЖЈЕ ПРИСИЛНО ОДЗЕЛ ФИРМА: Гледач во живо му го „свари гравот“ на Чомовски!

Датум и време на објавување: 15.11.2018

Датум на рецензирање: 20.11.2018

Рецензент: Ана Анастасовска

Првиот дел од насловот „министер од владата на Заев со оружје присилно одзел фирма“ веднаш ќе го привлече вниманието на читателот, бидејќи информацијата е атрактивна. Вториот дел од насловот „гледач во живо му го свари гравот на Чомовски“, пак, ја доведува во прашање веродостојноста на информација, бидејќи се работи за јавување на гледач во емисија.

Видно изреволтиран гледач, вечерва во отвореното студио на Чомовски, кое се емитува на „1ТВ“, откри нов скандал на владата на Р. Македонија, именувајќи го министерот без ресор Аднан Ќахил како „лопов“, кој со оружје му се закaнувал на бизнисмен од кого ја одзел и неговата компанија.

Според правилата на новинарската пракса, кога новинарот ќе дојде до некоја информација, треба да ја провери од што е можно повеќе страни пред да ѝ ја пренесе на јавноста. Но, во овој напис тоа не е случај.

Неподготвен, Чомовски се обиде да ја избегне темата и набрзина да го „откачи“ гледачот, кој имаше очигледна намера да посочи дополнителни докази за однесувањето на минситерот без ресор во владата на Заев, но благодарение на упорноста, тој соопшти дека за случајот освен премиерот Заев, запознати се и американската и амбасадата на Франција.

Тука е очигледна намерата за етикетирање на новинарот Александар Чомовски како провладин новинар, кој сака да ги скрие скандалите во Владата. Наместо докази и факти, текстот ни нуди напади врз новинарот.

Подолу е пренесена изјавата на гледачот.

Во новата влада на господинот Зоран Заев има поставени министри и министри без ресор, кои на еден академски граѓанин, ќе ви кажам име и презиме ако треба, има доведено инвеститор од надвор, има отворено фирма и под присила со оружје му ја имаат земено фирмата без никаков надоместок. Фирмата се вика „Манора“ – се работи за министерот без ресор Аднан Ќахил. Слободно, слободно… запишете да проверите, да видите сами. Подигнато е на многу високо ниво, па ќе видиме државата што ќе направи со овој случај – рече гледачот во живо.

И тука завршува написот. Иако гледачот со име и презиме го посочил министерот Ќахил, како и фирмата која, наводно, со уцена и оружје ја презел од некој бизнисмен, сепак, новинарот не ја проверил другата страна, иако имал можност за тоа. Доволно било да се побара изјава од Ќахил или, пак, да се најде сопственикот на фимрата „Манора“ и да се побара некаква потврда за изнесените информации од гледачот.

Вака пренесен текстот не информира, туку убедува и етикетира. Тоа се коси со новинарските стандарди и правила на пишување и особено со Кодексот на новинари, кој јасно пропишува дека информацијата до која ќе дојде новинарот потребно е да се провери од што е можно повеќе страни. Во овој случај, текстот е едностран и трвдењата во него немаат никаква тежина, туку можат да се оценат како „чаршиски муабет“.