Импресум – легитимација на медиумот

Фото: pxhere

 

Ако во импресумот нема барем име и презиме на уредникот и име на издавачот, таков медиум и таков импресум се проблематични, бидејќи зад објавеното практично не стои никој

 

Пишува: Александар Писарев

 

Може ли медиум навистина да биде медиум доколку нема јасно објавен импресум и поставен на своите страници? Не може! Бидејќи таа мала рубрика е легитимација на медиумот и на читателите, гледачите или слушателите (со еден збор консументите) им дава прецизен одговор кој е одговорен за содржините што се објавуват на неговите страници. Кој е тој одговорен во медиумот кому можат да му се обратат консументите доколку сакаат да реагират на нешто што е објавено, да ја укажат или да ја исправат неточно објавената информација. Со еден збор, таа мала рубрика во медиумот, која се нарекува импресум, транспарентно им кажува на консументите, на широката публика, односно на јавноста кој и „за чија сметка“ ги информира за прашањата од јавен интерес.

Иако во Македонија е сè уште предмет на многубројни дискусии и расправи во јавноста, Законот со кој се уредува работата на медиумите и нивното однесување во медиумскиот простор многу јасно ја наложува обврската на издавачот или сопственикот на видно место и транспарентно да го објави импресумот. За жал, кон оваа обврска не се придржуваат сите медиуми. Голем број од нив воопшто немаат импресум или тој е нецелосен и без потребните релевантни податоци за издавачот и уредувачкиот тим. Тоа е особено евидентно кај разни електронски медиуми и блогови чие масовно присуство во медиумскиот простор е последица на брзиот технолошки развој и интернетот. Не се работи само за веб-страниците и блоговите, туку и за етаблирани портали, кои имаат силно влијание во креирањето на јавното мислење и се влијателни на пазарот на информациите.

Многумина не знаат што значи овој поим – импресум. Преземен е од латинскиот јазик од зборот impressu, кој означува деко нешто е втиснато/отпечатено/пресувано. Зборот е преземен и во македонскиот јазик.

Кога е во прашање печатен или електронски медиум, кој претендира да биде кредибилен, референтен и да ужива доверба во јавноста, во импресумот би требало да ги содржи имињата на носителите на следните функции и да изгледа вака: издавач, директор и главен уредник, заменик на главниот уредник, одговорен уредник, уредник на политичка рубрика, уредник на надворешнополитичка рубрика, уредник на дописна мрежа, уредник на веб-страницата.

Следуваат: репортерите, уредникот на фотографија, уредникот на специјални изданија…, фоторепортери, арт-директор, постојани колумнисти, постојани соработници, стручни консултанти, лектор.

Се разбира, ова е само урнек. Распоредот на позициите или самите позиции можат да бидат и поинакви, во зависност од природата на медиумот.

Импресумот во многу земји е и законска обврска на издавачот. Одреден медиум, печатен или електронски весник, книга, публикација итн. јасно го назначува името на издавачот и уредникот кои се одговорни за содржината на отпечатеното или обајвеното. Доколку се работи за печатен медиум, публикација или книга, импресумот треба да содржи и година на издавање, број на примероци, лектор…

Во Македонија тоа е прецизно регулирано и објаснето и во Закон за медиумите, кој во поглавјето „Импресум“ во член 14, став 1. вели:

Издавачот на медиум е должен на видно место за секој поединечен носител на содржина (на пример, примерок од печатен медиум и телевизиска емисија) да обезбеди објавување на следниве податоци: – назив и адреса на седиштето и уредништвото на издавачот на медиум; – име на одговорното лице на издавачот на медиум; – име и презиме на одговорниот уредник, односно уредниците во согласност со внатрешната организација на уредништвото и – назив и адреса на печатницата и датумот на печатење или препечатување, како и бројот на печатените примероци, кога се работи за печатен медиум.

Исто важи и за порталите. Порталите, според последната верзија на законските прописи, нема да мора да се регистрираат во Агенцијата за медиуми, туку само во Централниот регистар. Сепак, Агенцијата за медиуми ќе има надзорна функција врз порталите, кои по ново се викаат електронски публикации.