IQ-то е во ред, но новинарските стандарди се нa ниски гранки

[Рецензија: Националното IQ на Македонија е 82, најниско во регионот]

 

Доведувањето во прашање на интелигенција на една нација е прашање кое несомнено удира врз националната гордост на нејзините припадници. Дали е една нација поглупава или попаметна од другата е чест предмет на шеги, но оваа тема во континуитет ја истражуваат и сериозни научни имиња и таа предизвикува бројни контроверзи во научниот свет како поради методологијата која ја користат тие истражувања, така и поради мотивите и контекстот во кој потоа се ставаат податоците до кои е дојдено.

Линк до оригиналниот напис: Националното IQ на Македонија е 82, најниско во регионот

Датум и време на објавување: 02.07.2019

Датум на рецензирање: 05.07.2018

Рецензент: Југослава Дуковска 

Предмет на оваа рецензија е новинарски напис кој некритички пренесува информација за наводно научно истражување кое покажало дека на Балканот Македонците имаат најнизок коефициент на интелигенција од сите свои соседи. Но, ако ја тргнеме настрана повредената национална гордост, овој напис има сериозни проблеми, кои, на крајот, комплетно го дискредитираат како сериозно новинарско четиво.

Одвреме-навреме, во домашните, еднакво како и во медиумите во регионот се појавуваат текстови кои се повикуваат на некакви научни истражувања за степенот на интелигенција кај нациите во светот. Се работи за доста читани четива, „лесна литература“, која гарантира кликови, бидејќи задоволува љубопитност на широка читателска публика. Но, тука почнуваат и проблемите, бидејќи речиси секогаш медиумите ги занемаруваат изворите на овие истражувања и не се трудат да ја утврдат нивната кредибилност, туку одат на сензацијата која тие ја носат. Сличен е случајот и со текстот кој го анализираме тука.

Написот почнува со оваа реченица:

Коефициентот на интелигенција на национално ниво во Македонија е 82 бода и е најнизок во регионот. 

Поентата на напишаното во текстот е дека сите нации во регионов се поинтелигентни од жителите на Македонија, наведувајќи која нација остварила колкав „скор“ на IQ и дека тоа, наводно, го тврди сериозен научен труд, наречен „Интелигенција на нациите“, никаде не наведувајќи кој е автор на тој труд, какво е научното реноме на тој научник, каква е научната методологија која била користена, колку нации се опфатени и која била целта на истражувањето.

За волја на вистината, во написот е даден линк до сајтот на Институтот за општествени истражувања од Алстер (УИ), кој води до пдф документ, кој, пак, содржи вовед на предметниот научен труд. Па, така, читателот може да се запознае со изворот на овие податоци. На тој сајт дознаваме и дека автори на книгата се Ричард Лин и Дејвид Бекер.

Но, дури откако читателот ќе спроведе сопствена истрага, пребарувајќи по интернет за да открие за какво научно дело се работи, кои се авторите и колку релевантна институција е институтот кој ја издал оваа книга, што кажале другите за него, ќе биде во состојба да донесе свој суд за веродостојноста на информациите кои ги прочитал во написот кој го рецензираме.

Интернет-истрагата покажува дека имињата на двајцата потписници на овој научен труд се прилично контроверзни фигури во научните кругови, лица чиишто трудови честопати се критикувани, бидејќи континуирано се обидуват да докажат дека интелигенцијата е врзана за национална и расна припадност и дека белата раса и припадниците на нациите кои живеат во земји со постудена клима се супериорни во однос на црната раса, на жителите на африканските, централноазиските или пак, карипските држави. Ова посебно важи за професорот Ричард Лин кој e контроверзна научна фигура и кому минатата година му е одземена професорската титула од страна на неговиот матичен Универзитет од Алстер, каде долги години работел на катедрата за психологија, токму поради неговите научно непоткрепени расистички и шовинистички тврдења. Наводното научно списание, кое тој го уредува, „Mankind Quarterly“, претставува вистински гласник на разноразни расни теории и афирмација на фашистички научни теории од типот на еугениката. Всушност, Лин, заедно со една поголема група на научници е пропонент на еугенички ставови, кои одамна се осудени како ненаучни, расистички и назадни од меинстрим науката, редовен соработник е на ултра-десничарски сајтови и списанија и миленик на нео-фашистички фигури во светот.

Сето тоа го нема како податок во написот кој е предмет на оваа рецензија.  И не само што читателот не е информиран кој тоа и со какви цели тврди дека Македонците се најнеинтелигентен народ на Балканот, туку авторот на текстот не се потрудил ниту да го даде контекстот на податоците, кои ги објавува, за да ја потврди релевантноста на тоа што го објавува, како да се работи за некаква аксиома за која не вреди да се дискутира и треба да се прифати таква, здраво за готово.

Пред неколку години, порталите од Македонија и од регионот споделија едно такво истражување, според кое Македонија има просечен коефициент на интелигенција 91, што е помало од повеќето западноевропски земји, но затоа поголемо од она на Албанија, Црна Гора, Србија. И во тој случај медиумите аматерски си ја сработија работната задача и не го дадоа контекстот на истражувањето чии наводни резултати ги објавуваат. Да го стореа тоа, читателите ќе дознаеа дека авторот на ова истражување е истиот Ричард Лин, овојпат во ко-авторство со Финецот Ванханен и дека се во прашање истите елитистички и расистичко-шовинистички идеи кои се наѕираат во заднина и на тоа истражување.

Наместо заклучок на ова рецензија, следниов коментар: интелигенцијата е едно, но често имаме проблем со непочитувањето на новинарските правила и норми, како во случајот со овој напис.