Исчезнатата девојка по која се трага на „Фејсбук“ не е од Шутка, туку од Србија

[Рецензија: Украдена девојка од Шутка… ]

 

Во сензитивен момент, кога кружат непроверени информации дека во скопската населба Шуто Оризари се крадат деца, на социјалната мрежа „Фејсбук“ се појавува објава со фотографија за на која се тврди дека е девојка од Шутка и оти таа е украдена.

Но, девојката нема никаква врска со Шуто Оризари. Со мало пребарување на „Гугл“ се доаѓа до вистинската информација. Станува збор за шеснаесетгодишната Ф. Ј. од Железник во Србија, која исчезнала на 24 јануари.

Линк до оригиналниот напис: Украдена девојка од Шутка…

Датум и време на објавување: 29.1.2019

Датум на рецензирање: 30.1.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Фотографијата што се објавува на социјалните мрежи во Македонија, со тврдење дека станува збор за украдена девојка од Шутка, е фотографија што, најверојатно, роднина на исчезнатата Јашари (човек со исто презиме) ја објавил на „Фејсбук“ на 26 јануари. Во придружниот статус се бара и помош за пронаоѓање на девојката.

Дезинформацијата во Македонија е објавена на Фејсбук-профил од каде досега (31.1.2019) има близу 800 споделувања, а тие се споделуваат понатаму далеку повеќе.

Во дел од статусите се забележува и дискриминаторски говор во однос на етничката припадност на девојката Ромка. Во дел од коментарите на објавите се вели „омажена е за Белгија“, алудирајќи на еден видеоклип кој служи за потсмев на ромската популација.

Други коментари даваат лажни информации како, на пример: „Избегана е, Прилеп бегалка ја зеле“, „полицијата прави бизнис со органи“, „полицијата ги краде“.

Објавите на социјалните мрежи не се регулирани како медиумите и авторите не одговараат за прекршување на етичките правила и кодекси. Освен во многу ретки случаи, законот не може да ги ограничи објавите на социјалните мрежи. Но, свеста на луѓето мора да биде поголема и да не се наседнува на вакви замки, кои многу лесно можат да се прошират на социјалните мрежи и да изманипулираат голем број луѓе.

Точноста на информацијата може да се провери со два клика. Во вакви чувствителни случаи секогаш е подобро да се провери нешто пред да се сподели, отколку само да се преземе со добра намера да се помогне. Со „слепото“ преземање вакви манипулации може да се направи повеќе лошо отколку добро и да се предизвика неосновано ширење паника вo јавноста, а со тоа индиректно да му се помогне на тој што свесно ја направил манипулацијата.