Известувањето за самоубиствата – професионално убиство на медиумите

Фото: pixnio/clipart-library

Едукацијата е една од најважните улоги што медиумите ја имаат на оваа тема. Многу е важно редовно да се известува за подигање на јавната свест за депресијата, која често се споменува како причина за самоубиствата. Едукативни текстови за препознавање симптоми, разговори со релевантни стручни лица, совети каде може граѓаните да се обратат ако имаат вакви проблеми

 

Пишува: Силвана Жежова

 

Централното место во медиумскиот онлајн-простор последната недела го зазедоа вести поврзани со две самоубиства, од кои едно на јавна личност, а друго на лице што не вршело никаква јавна функција. И во двата случаја насловите, но и содржината на вестите, беа преполни со сензационализам и непотребни детали за самоубиствата, кои воопшто не се информации од јавен интерес. Најголем број од медиумите содржеа детали што се во спротивност на сите кодекси, етички правила и препораки за професионално известување при вакви случаи.

Бидејќи медиумите претераа, Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Здружението на новинарите (ЗНМ) ги повикаа новинарите на почитување на етичките стандарди и норми и воздржување од сензационалистичко информирање.

Оттаму потсетија на член 7 и член 8 од Кодексот на новинарите, според кои:

Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост. Начинот на информирање во случаи на несреќи мора да биде ослободен од сензационализми.

Во врска со случајот со самоубиството на познатата македонска актерка и поранешна градоначалничка на Општина Кисела Вода, јавноста беше поделена за начинот на известување за деталите, бидејќи едни сметаа дека не е потребен сензационализам и детали, но, од друга страна, медиумите известувањето го правдаа со фактот што станува збор за јавна личност. Но, и во овие случаи новинарите имаат одговорност да известуваат урамнотежено, со сигурни докази потврдени од релевантни извори, секогаш почитувајќи ги личната болка и жалост на најблиските.

Самоубиствата на познати личности се настан вреден за објавување, за кој се смета дека е од јавен интерес, но и тука е потребна особена внимателност, со оглед на можноста од повторување на таквиот чин од ранливите категории граѓани“, се вели во извештајот „Етичко известување на медиумите во Европа и Македонија“.

Самоубиството, пак, на синот на поранешен штипски градоначалник воопшто не е тема од јавен интерес и оттука, овој случај, воопшто не требаше да биде третиран од медиумите. Истиот, не само што беше третиран на сензационалистички начин туку имаше наслови со фотографија од градоначалникот, на што се алудираше дека тој го извршил самоубиството.

 

ИЗВОРИ ПРИ ИНФОРМИРАЊЕ ЗА САМОУБИСТВА

Медиумите што известуваа за двете самоубиства, информациите ги базираа врз извештаи од МВР и Јавното обвинителство. Но, според магистерот по човекови права, Жарко Трајаноски, за поодговорно известување во врска со самоубиствата новинарите треба да се свртат кон поголем број релевантни извори и текстовите не треба да бидат копи-пејст на извештаите на Министерство за внатрешни работи.

Во случаите во кои одредено самоубиство покренува прашање од јавен интерес, известувачите не треба да се потпираат на „традиционалните“ извори (МВР, членови на семејството кои се во шок, чаршијата…), туку на релевантни извори, кои се упатени во оваа здравствена проблематика. На пример, во известувањата за самоубиства, генерално, многу ретко се користат како извори здравствени експерти за судска медицина или податоци од официјални здравствени институции надлежни за оваа проблематика, како што се, на пример, Клиниката за психијатрија, Институтот за судска медицина, Институтот за јавно здравје итн., вели Трајановски во написот „Како (не) треба да се известува за самоубиство: Воздржете се од сензационализам!“, објавен во Сервисот за проверка на факти во медиумите.

Според Трајановски, кога самоубиството се случува во приватноста на домот, потребата на јавноста да биде известена е помала, а одговорноста на медиумските работници што известуваат за такви случаи е многу поголема, поради поголемиот ризик за повреда на достоинството на жртвата и нарушување на приватноста на семејството и пријателите ((Не)етичко известување: Дали медиумите влијаат на бројот на самоубиства?)

Ова не беше запазено како правило во случајот со известувањето во врска со познатата актерка и поранешна градоначалничка.

 

УЛОГАТА НА МЕДИУМИТЕ: ЕДУКАЦИЈА И ПРЕВЕНЦИЈА

Медиумите, освен што треба да ги запазат сите професионални стандарди, норми и кодекси при известувањето за самоубиства, имаат уште поголема одговорност кон јавноста. Тие треба да внимаваат со начинот на кој известуваат да не поттикнат на истиот чин и други ранливи категории граѓани.

Ранливите групи граѓани може да бидат под силно влијание на медиумските извештаи за самоубиства и како последица на тоа да посегнат по својот живот, повторувајќи го истото дело, а особено доколку станува збор за детаљно, сензационалистичко и експлицитно опишано самоубиство“, се вели во извештајот „Етичко известување на медиумите во Европа и Македонија“.

Препораките се дека овие информации не треба да заземат централно место во информативниот медиум за да не придонесе кон репетитивно однесување.

Според „Препораките за известување за самоубиства“, ризикот од дополнителни самоубиства се зголемува кога сторијата експлицитно го опишува методот на самоубивање, користи драматични или живописни наслови или слики, а постојаното/детаљно покривање ја сензационализира или величи таа смрт.

И Светската здравствена организација (СЗО) упатува на особена внимателност во известувањето за случаи на самоубиства, со оглед на можноста од повторување на таквиот чин од ранливите категории граѓани.

Едукацијата, пак, е една од најважните улоги што медиумите ја имаат на оваа тема. Многу е важно редовно да се известува за подигање на јавната свест за депресијата, која често се споменува како причина за самоубиствата. Едукативни текстови за препознавање  симптоми, разговори со релевантни стручни лица, совети каде може граѓаните да се обратат ако имаат вакви проблеми.

Медиумите имаат голема улога во тоа да се разберат факторите што придонесуваат за овој проблем, како и да се едуцира јавноста за овој општествен проблем, а особено тие што се соочуваат со ризик од таков тип однесување да побараат соодветна помош, се додава во извештајот „Етичко известување на медиумите во Европа и Македонија“.

И СЕММ и ЗНМ акцентираат дека медиумите имаат голема улога во тоа да се разберат факторите што придонесуваат за овој проблем, како и да се едуцира јавноста, а особено оние што се соочуваат со ризик од таков тип однесување со цел да побараат соодветна помош.