Како да се известува за сексуалните работници реално и без сензационализам

Еден од првите големи чекори што треба да го направат новинарите е да се сообразат на новиот и соодветниот речник и говор кога станува збор за сексуалната работа, сексуалните работнички и работници и за активностите кои произлегуваат од нивната работа.

Во истражувањето „Медиумите и маргинализираните заедници“ на авторите на Жарко Трајаноски и соработниците Ирена Цветковиќ и Станимир Панајотов, во име на Коалицијата “Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници”, направено во 2011 година, нaведени се клучните согледувања за односот на медиумите кон овие групи. Наш интерес, во овој случај, е известувањето на медиумите за сексуалните работници и нивната работа.

Авторите на оваа студија наведуваат дека медиумските продукти имаат предоминантно сензационалистичките наслови („Откриено дувло на проституција во Карпош”, „Откриен бордел среде Скопје”) зад кои стојат новинарски текстови напишани главно врз основа на полициски извештаи и билтени.

Следната битна карактеристика во известувањето за сексуалните работници е дека медиумските содржини во нивниот сензационалистички пристап ги пренебрегнуваат битните разлики (меѓу оддавање на проституција, посредување во вршење проституција, принудна проституција и трговија со луѓе) и поттикнуваат стигматизирање на сексуалните работници.

Во анализираните медиумски производи, сексуалните работници се игнорираат од страна на медиумите  дури и во написите за теми што најмногу ги засегаат нивните права, како што е темата „легализација на проституцијата”.

Според актуелната пракса на новинарите, интересот за апсења на уредниците и на публиката е главната причина што за сексуалните работнички и корисниците  на дроги главно се зборува во негативен контекст, при некоја акција на полицијата.

На тој начин, во медиумите се истакнуваат, но и одржуваат, негативните стереотипи, бидејќи корисниците на дроги и сексуалните работници се претставени како криминалци или лица што го кршат законот.

 

7742339592_f570a88227_z

Протест на сексуалните работници за време на Меѓународната конференција за СИДА во Вашингтон, 2009 година, фото: PJ Starr

 

Иако оддавањето на сексуална работа (како и издавањето на простории за вршење на проституција) не е кривично дело, туку прекршок против јавниот ред и мир, новинарите, најчесто, само ги пренесуваат полициските  известувања во кои сексуалните работници се претставуваат како криминалци.

Загрижувачки е фактот, констатираат истражувачите во оваа анализа, што новинарите ретко се обидуваат да ги преиспитаат полициските извештаи во кои корисниците на дрога и сексуалните работници се претставуваат како криминалци, дури и кога тие бараат заштита токму од страна на полицијата во случаи на повреда на нивните права.

 

Да се потсетиме…

 

Овие сознанија, кои се само дел од исцрпната анализа, повикуваат уште еднаш да се навратиме на „Кодексот на новинарите на Македонија“ во кој, во членовите 8 и 10, можат да се пронајдат насоките до кои треба да се држат медиумските професионалци кога е во парашњето известувањето за сексуалната работа.

 

Член 8.

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.

Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда.

Член 10.

Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).

 

4230747398_c1fb8e25c4_z

Скулптура на сексуален работник, Амстердам 2009 година, фото: Kate Hopkins

 

Зошто е важна новинарската компетенција кога се известува за сексуалната работа

 

Сексуалните работнички отсекогаш се на маргините на општеството – и денес и наназад во историјата.

За нив се врзуваат стереотипи, понижувачки именувања, стигматизација и рамнодушност во однос на нивното човечко достоинство.

Ова се отсликува и во медиумското известување за оваа дејност и за сексуалните работнички.

Овие слабости треба да бидат заменети со реализам, сочувство и со алтернативни политики, сензибилизирани на потребите на оние кои одбрале да се занимаваат со оваа професија.

Правото на живот, на сигурност, на слобода на говор, на политичка акција и здружување, на пристап до информации и до основните здравствени и образовни сервиси, се исто толку важни за сексуалните работници и работнички како и за секој друг.

Новинарите треба да ги застапуваат тие права еднакво силно како што тоа го прават и за сите други.

 

Сексуална работа: За именувањето станува збор!

 

Еден од првите големи чекори што треба да го направат новинарите е да се сообразат на новиот и соодветниот речник и говор кога станува збор за сексуалната работа, сексуалните работнички и работници и за активностите кои произлегуваат од нивната работа.

Колку побргу новинарите ја напуштат праксата на употреба на стеретипите, навредливите, нехумани именувања и јазикот на улицата, кога станува збор на сексуалната работа, толку побргу ќе се еманципираат себеси и публиката и толку побргу ќе им помогнат на нивните сограѓани кои живеат под секое достоинство и надвор од рамките на почитувањето на основните човекови права.

Ако не го направат тоа, (о)стануваат дел од оние кои ја продолжуваат агонијата на луѓето на маргините, дел од оние кои ја подржуваат хипокризијата, дел од оние кои дискриминираат.

Сексуалните работници први го промовираа и ги застапуваат овие термини – секуална работа, сексуални работници, сексуални работнички, сексуални услуги…

Набргу еден добар број на меѓународни организации од областа на здравјето, социјалната сфера и од областа на човековите права, ги прифатија овие термини – вклучувајки ги Обединетите нации и нејзините агенции.

Термнините се неутрални, дескриптивни и информативни без да судат, осудуваат, без да бидат исполнети со стигматизирачка и навредлива историја.

Прифаќањето на овие термини како новина и промена во досегашните навики на новинарите е многу повеќе од „политичка коректност“. Тоа е одраз на висока свест за хумано и достоинствено прифаќање на луѓето од оваа професија како личности.

246578845_134ce5b5c1_z

Поранешна сексуална работничка од Кигали, Руанда, Африка. Има преживеано геноцид, но не ја губи надежта, 2006 година, фото: Kresta King

Сексуалната работа и човековите права

 

Во обидите да се справи со сексуалните работнички, токму креаторите на политиките и спроведувачите на законите се оние кои ги кршат човековите права на оваа група граѓани.

Сексуалните работници се луѓе како и сите други и корпусот човекови права им припаѓа ним исто толку колку и на сите луѓе без исклучок и без ралика на нивната професија, раса, верска или било која друга припадност.

Иронично е, но креаторите на политиките често ги кршат човековите права на сексуалните работници токму тогаш кога тврдат дека им помагаат. Зашто, сѐ додека постои претпоставка дека сексуалната работа е нехумана, нема да може да се постигне ништо на планот на подобрување на реалноста на припадниците на овие групи.

Уште еднаш: Правото на живот, на сигурност, на слобода на говор и изразување, на политичко здружување и акција, пристапот до информации, здравствени и образовни услуги, не смеат никому да му бидат ускратени заради неговата професија.

Намалувањето на стигмата и дискриминацијата (како декриминализацијата) ќе им помогне на овие луѓе тогаш кога ќе сакаат да ја променат професијата. Зашто, потврдено е дека токму криминалните досиеа и белегот што го носат овие луѓе ги спречува да направат промени во нивниот живот – ако тоа го сакаат.

293847744_93867e7a61_z

Кампања за користење кондоми, Акра, Гана, Африка, 2006 година, фото: Erik Cleves Kristensen

Сексуалните работници се дел од решението, а не дел од проблемот

 

За тоа дека сексуалните работници се дел од решението, а не дел од проблемот, ќе наведеме само еден пример: Еманципираните сексуални работници имаат многу повеќе знаење за сексуалното и за општото здравје и практикуваат сигурен секс од поголемиот дел од општата популација. Тие често пати ги подучуваат своите клиенти и затоа не треба да се демонизираат, туку да се искористат нивните добри страни во борбата против ХИВ/СИДА-та.

Еманципираните сексуални работници имаат знаење и за здравјето на средината во која работат.

Признавањето на оваа реалност, како и на сите останати елементи поврзани со сексуалната работа, е само еден чекор кон еден друг концепт и пристап кон сексуалните работници за што, се разбира, меѓу другите, пресудни се и медиумите и промената на навиките на нејзините припадници кон оваа група граѓани.

 

(Фотографија на насловната страна: Сексуална работничка на работно место насред зима, Стратхона, Ванкувер, САД, јануари 2013, фото: Dave King)


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење