Како да се справиме со дезинформациите на Кремљ

Фото: Брајан Витмор, 2017, скриншот

 

Постариот истражувач и директор на Руската програма во Центарот за анализа на европските политики (ЦЕПА), истражувачки институт посветен на студии за Источна, Централна Европа и Русија, Брајан Витмор, одржа виртуелно предавање, кое можеше да се следи во четири града од Источна Европа: Букурешт, Киев, Подгорица и Скопје, на тема справување со дезинформациите што потекнуваат од Кремљ, како резултат на актуелните спротивставени политики на Русија кон Западот и пошироко. Претставник на „КриТинк“ го следеше излагањето на Витмор, при што ги пренесуваме најважните точки.

 

За разлика од западните демократии, каде што, пред сѐ, владеат правила на игра, преточени во легислатива, во Русија законите се на второ место зад моќта и парите. Затоа, за да се разбере политиката на дезинформации на актуелното раководство на Русија, многу е важно да се сознаат личноста и целите на рускиот претседател Владимир Путин. Витмор за Путин рече дека е производ на поранешната советска тајна служба КГБ, но, исто така, на дивиот капитализам од 90-тите години од минатиот век по падот на комунизмот и растурањето на Советскиот Сојуз.

На прашањето што сака Путин, Витмор одговара:

Путин го сака она што не можеме да му го дадеме: сака да ја поврати империјата! Затоа, вели тој, московскиот лидер нема никогаш да сопре. Тој ќе оди до крај, движејќи се кон целта на систематски начин, бездруго хибриден и, како таков, целосно без скрупули.

Токму затоа, властите во Кремљ се обидуваат да го поткопаат меѓународниот систем на правила на игра, кој е спротивен на нормите што владеат во Русија и кои вклучуваат култ на личноста, раширена корупција, кокетирање со организираниот криминал (една од првите активности на Путин во Петроград, според Витмор, била воспоставување односи меѓу властите во градот и организираниот криминал на обострана корист и на штета на обичните граѓани), а преку ширењето на дезинформациите се прави обид да се извезат руските норми на однесување во политиката.

Она што Витмор го смета за многу важно и на што треба да се обрати поголемо внимание за демократските земји да можат да се справат со клептократскиот режим во Кремљ е корупцијата. Системот заснован на пари и моќ, а не на правила преточени во легислатива, почива врз алчност. За таа алчност да може да се практикува, потребно е да се корумпираат сите што таквиот режим сака да ги контролира зашто тој што е корумпиран, тој е контролиран.

Корупцијата е новиот комунизам, вели Витмор, осврнувајќи се на стратегијата што режимот на Путин ја користи како ефективно оружје за да го дестабилизира Западот. Тој направи паралела со периодот на Студената војна, кога тогашниот СССР го користеше комунизмот како идеолошко оружје во конфронтацијата кон Западот.

За да се спротивставиме на сето тоа, Витмор го предлага следново:

Ние треба да го засилиме нивото на отпорност дома, во нашите земји, Мора да сториме нешто за постојната поларизација во нашите општества, слабостите што Русија ги користи за да сее поделби, и ефикасно да се бориме против перењето пари.

Во однос на борбата против дезинформациите, Витмор имаше две препораки. Првата е новинарите и медиумите да се фокусираат врз точноста и, второ, да не се пресметуваат, односно да не навлегуваат во бесконечни откривања на безбројните дезинформации кои излегуваат од Кремљ и секогаш да бидат свесни за замките, кои, всушност, претставуваат психолошки операции.

За да може на меѓународната јавност да ѝ се продаде приказна со која ќе се објасни однесувањето на големците во Кремљ, нивните идеолози (како А. Дугин) се повикуваат на традицијата и семејните вредности, како оправдување за непочитување на воспоставените меѓународни правила. Режимот на Путин, покрај ова, промовира и евроскептицизам целејќи кон тоа да го наруши легитимитетот на европските институции, а со тоа и европското единство во борбата против дезинформациите што пристигнуваат од Кремљ.

Системот на Путин, самиот по себе, не е популарен, вели Витмор.

Ако комунизмот говореше за повисоки идеали, овој систем се базира врз алчност, смета тој и додава дека за јавноста во Русија тоа воопшто не е атрактивно (таа е изоставена од „плодовите“ на корупцијата) и затоа на таквиот систем му е потребна фасада, која ја гледаме во форма на различни идеи и концепти што ги турка руската пропаганда, при што сите се насочени против западниот начин на живеење. Правењето разлика меѓу таа фасада и суштината на работите е од најголема важност за да се одговори на предизвиците што Русија ги става пред Западот денес.

Но, битката сѐ уште трае, особено кога станува збор за дезинформациите. Витмор признава дека ни е потребно дополнително сознавање на појавите, процесите и резултатите на руската пропаганда:

Сѐ уште не сум одлучил дали руската пропаганда стана многу пософистицирана отколку во времето на Студената војна, кога беше многу смешна со напорите да се покаже дека Американците го режирале слетувањето на Месечината, или социјалните мрежи го направија нејзиното ширење многу поефикасно, вели тој.