Како новинарите да се заштитат од клевета?

 

Во македонските медиуми, особено он-лајн изданијата, многу често може да се прочитаат информации со кои се клеветат одредени личности, јавни функционери или други личности од јавната сфера, без притоа да се води сметка за вистинитоста на информациите кои се објавуваат. Има новинари кои затскривајќи се зад терминот „шпекулации“ си дозволуваат да објават сè и сешто, па оттука и не се трудат да ги проверат истите. А не се свесни дека таквите шпекулации може да им донесат тужба за клевета.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Клеветата и навредата во Република Македонија се декриминализирани. По предлог на Владата, Собранието на РМ, кон крајот на 2012 година го усвои Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Овој Закон беше донесен во договор со Здружението на новинарите на Македонија. Донесувањето на Законот значеше дека за нарушување на честа и угледот на кој било македонски граѓанин не може да се изрекува казна затвор, туку оштетената странка може да поведе постапка пред граѓански суд за надоместување на евентуална нематеријална штета.

 

ШТО Е КЛЕВЕТА?

Клеветата, во македонското законодавство, се смета за потешко дело со кое се нарушува честа и угледот на граѓанинот. Членот 8, став 1 од Законот за граѓанска одговорност пропишува:

За клевета одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, пред трето лице изнесува или пронесува невистинити факти што се штетни за неговата чест и углед, а знае или бил должен и може да знае дека се невистинити.

Според оваа дефиниција, за клевета се одговара исклучиво за објавување на невистинити факти, а излегува дека вистинитите факти не можат да се сметаат како клевета, иако може да ги нарушат честа и угледот на личноста. Втор елемент што треба да се исполни за да се оквалификува едно дело како клевета, е намерата да се наштети на честа и угледот, што е клучен приницип изграден од Европскиот суд за човекови прави и слободи. Во спротивно, нема да се смета за клевета некоја клеветничка изјава ако авторот на изјавата покаже дека со неа немал намера да нанесе штета на честа и угледот на засегнатата страна. И трет принцип што го опфаќа оваа дефинција, е дека оној што ја објавил изјавата бил должен или можел да знае дека содржината на изјавата содржи невистинити факти. Во овој дел на дефиницијата се потенцира принципот дека авторот на изјавата, како професионален новинар, бил должен да знае за фактичката состојба од областа за која пишува и се повикува на неговата професионална обврска да ги провери фактите во изјавата пред да ги обајви.

 

ЗАШТИТА НА ИНФОРМАЦИИТЕ

Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета гарантира заштита на тајноста на информациите. Во членот 12 е предвидена можност судот да може да побара од новинарот да открие релевантни информации за утврдување на вистинитоста на информацијата без да го идентификува изворот.

Од тужениот новинар или друго физичко лице кое професионално врши дејност на информирање на јавноста, во постапката за граѓанска одговорност за навреда или клевета според овој закон не може да се бара да го открие својот таен извор на информации за фактите кои е должен да ги докажува.

Во ставот 3 од истиот член се вели дека „одбивањето на тужениот да го открие тајниот извор на информации не може да се земе како негово признание на вината или да го заснова заклучокот дека не ја докажал вистинитоста на фактите или основаноста на верувањето  во нивната вистинитост“.

 

 

КАКО НОВИНАРИТЕ ДА СЕ ЗАШТИТАТ ОД КЛЕВЕТА?

Постојат неколку основи и правила во новинарството кои новинарите мора да ги почитуваат со цел да бидат професионални во својата работа, и секако за да можат себеси да се заштитат од тужби. Таквите правила се содржани во Кодексот за новинари, како и во други прирачници за работата на новинарите и доволно е тие да се следат.

Основната обврска на секој професионален новинар е да ги провери фактите со кои располага пред што било да напише или да објави во медиумот каде што работи. Тоа значи дека новинарите треба да водат сметка за јавно кажаниот збор, бидејќи во спротивно, тоа може да повлече одговорност. Новинарите особено треба да бидат внимателни кога пренесуваат туѓи изјави во кои се говори за факти и тие не треба да се земаат здраво за готово. Во тој случај, новинарот најмалку што може да направи, е да ја запознае засегнатата страна со обвинувањата од трето лице и да побара коментар. Најдобра заштита за новинарите е да пишуваат за работи коишто може да ги докажуваат на суд ако евентуално бидат тужени.

Приказната никогаш не треба да се заснова само врз еден извор на информации без разлика колку фактите кои се изнесуваат се очигледни. Барајте одговор на сите факти, не е доволно само да напиштете „побаравме одговор и не добивме“. Гледајте да имате доказ дека сте побарале коментар, односно гледајте вашето барање за коментар да биде написмено. Испратете СМС порака или електронска пошта. Исто така одговор може да побарате и преку социјалните медиуми. Немојте да пишувате без да бидете сигурни дека лицето од кое барате коментар за наводи против него ги видел повиците, ја видел пораката или го читал мејлот или ја видел пораката на социјалните мрежи.

Не брзајте со заклучоци кога ги пишувате вашите приказни, туку користете внимателен речник. Немојте да сугерирате дека некој сторил некакво кривично дело или се огрешил пред законот. Тоа е сепак тешко обвинување. Новинарите  мора посебно да бидат внимателни со секој извор на информација.

Во отсуство на официјални информации, новинарите некогаш мора да користат и неофицијални информации. Тие некогаш се многу корисна алатка да стигнете до битни информации, меѓутоа, не секогаш овие извори можат да бидат веродостојни. Во вакви ситуации најдобро е новинарот да ги праша овие лица дали ако биде потребно би биле подготвени да сведочат на суд и таму да го повторат она што го имаат изјавено за новинарот. Ако овие извори на инфромации не се подготвени да сведочат на суд по потреба, тогаш новинарот мора да ја „замрзне“ извесен период целата евиденција од контактите и разговорите со изворот.

Во случај уредникот да инсистира да објавите некоја приказна, да пишувате текстови со клеветнички изјави, тогаш ако сте уверен дека приказната која треба да ја пишувате е лажна, одбијте да пишувате. Во спротивно ризикувате не само да ве тужат и да бидете казнет за клевета, туку свесно да го изгубите и вашиот професионален кредибилитет како новинар, на кого професијата му наложува да трага по вистината.

Начинот и тонот на известување во многу околности можат да ви помогнат да немате главоболки со судски тужби за клевета. Тоа значи дека вашето известување треба да биде избалансирано давајќи им еднаков и фер третман на сите инволвирани страни во приказната. Таа цел ќе ја постигнете ако се обидувате да не заземете страна, вашите чувства и мислења да ги држите настрана од приказната, без разлика што тоа не секогаш е лесна цел за постигнување.

Новинарите никогаш не треба да заборават да направат разлика меѓу сомневања и факти. Не треба да се рече дека некој е корумпиран само затоа што во јавноста се шпекулира дека е коруптивен или ако за него има само покренато обвинение за корупција. Новинарите мора да ја почитува пресумпцијата на невиност. Секој е невин сè додека не се докаже спротивното.

Кога известувате од јавни настани гледајте веродостојно да ја пренесете атмосферата од настанот, точно да ги пренесете изјавите од учесниците и да не заземете страна, односно, вашето известување треба да биде неутрално.