Како се манипулира со фотографија, посебно во политиката

 

Политичари со добра политичка програма, можат да доживеат потполн неуспех заради една несреќно или површно одбрана фотографија, која покажува сосем друг имиџ од оној кој кандидатот го имаили би сакал да го има.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Досега секако дека сте ја слушнале народната „една слика вреди повеќе од илјада зборови“. Иако во минатото овој аксиом го прифаќаа мнозинството на луѓето, политичарите беа некако скептични. Сепак по многу години политичките партии и кандидатите сфатија дека изборот на фотографијата која ќе се појавува на нивниот пропаганден материјал, или во медиумите е од примарно значење.

Но со развојот на технологијата и со појавата на телевизијата како сеопфатен медиум (слика и тон), како и со развојот на социјалните мрежи, дури и компетентни и сериозни кандидати, политичари со добра политичка програма, можат да доживеат потполн неуспех заради една несреќно или површно одбрана фотографија, која покажува сосем друг имиџ од оној кој кандидатот го има, или би сакал да го има.

Фотографијата со помош на која кандидатот ја соопштува својата непосредност, компетентност, самодоверба, интелигенција, не смее да биде импровизација  пред објектив на некој пријател или фотограф аматер. Напротив, треба да биде резултат на работата на екипа, составена од професионален фотограф, кој се специјализирал за снимање на портрети, како и уметнички директор, кој му помага на политичкиот советник и шминкер.

Самиот поим имиџ (кој е увезен кај нас од САД) подразбира ставови, воглавно општествено прифатени, која една личност ги изградила за другите луѓе и широкоприфатените општествени ставови.

Кога зборуваме за имиџот на определена личносттие ставови се условени и се формираат врз основа на сигналите кои конкретната личност ги емитува кон надворешниот свет со својот изглед и однесување.

 

Вербална и невербална комуникација

Комуникацијата може да биде вербална или невербална. Во случај на политички кандидат, двата начини на комуникација имаат исто значење. Од него се очекува и надворешен изглед, кој треба да одговара на стереотипот на личност која претендира за некоја јавна функција, како и комуникација со зборови, на чијашто основа може да се заклучи дека конкретниот кандидат е во можност да елаборира сложени содржини и дека може вербално да се изрази со термини кои одговараат на неговата моментална улога, односно улогата која тој сака да ја преземе кога ќе ја добие поддршката на избирачите.

Невербалната комуникација најмногу придонесува за дефинирањето на имиџот на една личност, а посебно за кандидатот за некоја јавна функција, така што, на неа треба да ѝ се посвети посебно внимание и да се мисли на секој, наизглед безначаен детал. Овој вид комуникација подразбира емитување на сигнали кои влијаат на она што се зборува и она што се прави, а тие (сигнали) ја условуваат реакцијата на оној кој слуша и набљудува.

Во фазите од испраќањето на пораката до нејзиното разбирање, може да се интервенира така што примателот ја добие токму онаа порака која испраќачот сака да ја пренесе. Оваа интервенција воглавно се однесува на испраќачот, па, така, тој самиот станува порака.

Формирањето на победничкиот имиџ на еден политичар значи интервенирање на неговата комуникација, вербална или невербална, така што гласачкото тело би го перцепирала (би го доживеала) како победник и квалитетен политичар.

 

Што убав почеток на фотографијата!

 

najprva fotografija

Првата фотографија

 

Првата фотографија била патентирана во Франција во 1839 година од Луис Дагер, од чии идеи настана познатиот процес дагеротипија, а кој подоцна од државата доби доживотна пензија за изумот. Интересно е дека сите наоди, неопходни за фотографијата, претходно биле познати, но морало да се почека зрелоста на некоја компанија да го прифати ризикот.

Фотографијата, пак, уште од првиот ден со себе го понесе и моментот на интрига и политичка манипулација. Што убав почеток!

За фотографиите да се појават во весниците и да се користат како средство за информации требаше да помине долго време. Дотогаш весниците беа илустрирани со цртежи.

 

prvi vesnici so crtezi

Весник со цртеж (Daily Illustraded)

 

Со појавата на фотографиите во медиумите тие веднаш добија примат на вистинитост, бидејќи (барем тогаш така се размислувало) таа не е манипулирана од страна на човекот, за разлика од цртежите кои секогаш содржат нешто субјективно.

Манипулација со фотографијата почнала да се применува и на едно повисоко ниво. Еден од првите примери на манипулација може да се види во Првата Светска Војна на фотографија од Роџер Фентон, направена по наредба на кралицата Викторија. Таа трагала по фотограф кој бил испратен да ја фотографира Кримската војна (1853-1856), но не за да ги документира ужасите на војната, туку војната да се покаже на „убав начин“. Така настанале и портретите на Фентон кога офицери и војници позирале пред камера, а на нив немало ниту една борбена сцена или, пак, повредени војници. Интересен пример за оваа манипулација е дека Фентон бил првиот фотограф кој бил испратен во Кримската војна.

Фотографија од Кримската војна

Фотографија од Кримската војна, Роџер Фентон

 

Фото: манипулација без фото монтажа - крвавата Кримска војна (1853-1856) без ужас, Роџер Фентон.

Фото: манипулација без фото монтажа – крвавата Кримска војна (1853-1856) без ужас, Роџер Фентон.

Во првите дваесет години од своето постоење, фотографијата брзо се развива. Фотографите се натпреварувале кој ќе измисли подобар начин на фотографирање. Желбата да се подобри брзината на снимање и квалитетот на деталите, како и можноста за репродукција на високо квалитетни фотографии, доведе до разни пронајдоци, како што е техниката на восок хартија, албумен хартија и влажни слики. Со процесот на влажни слики се дојде до одличен квалитет на деталите.

На крајот на 19-иот и почетокот на 20-иот век фотографиите ја продолжиле својата борба за статусот во ликовната уметност. Сликата се менувала под влијание на фотографијата, како и фотографијата под влијание на сликарството. Во дваесеттите години на 20-иот век, пак, дојде до нивно спојување во колаж.

Во наредните децении, со развојот на технологиите се развиваат и капацитетите за обработка на фотографските слики. Работата на фотографот, исто така, се промени во согласност со барањата на времето и местото каде што живее. Од создавање реални слики од реални техники до повеќе фотошопиран процес во 3D софтвер за да се генерираат фотографии по желба, развојот на фотографијата се движеше со огромна брзина.

 

Политичка фотографија

Политичките фотографии изгледаат на прв поглед многу специфични. Постојат бројни барања кои мора да бидат одговорени, а влоговите се навистина високи. Но, тие во основа не се разликуваат од било кој друг вид на фотографија. Нивната анализа може да биде корисна информација за тоа како се одвиваат политичките кампањи за време на избори.

Ќе земеме за пример фотографија на политичар за плакат. Од една страна, фотографот верува дека неговите вештини и талент треба да бидат во преден план, или, едноставно кажано, да го претстави својот „стил“, но од другата страна ПР стратезите на политичарот имаат „поинакви“ идеи. Оваа борба е една од клучните точки на критика на фотографија.

Во политичките слики, што е лесно забележливо, е дека тие се на многу високо ниво на апстракција. Прво, тоа е едно лице, а ние избираме „едно лице“, иако знаеме дека структурата на демократијата е посложена од тоа. Од друга страна , обичните гласачи се елементи на фотографијата, наспроти едното лице. Ова второво е ниво на апстракција.

 

Поделба на фото манипулацијата

Фото манипулацијата е стара колку и фотографијата. Фото манипулацијата редовно се користи да ги измами или убеди гледачите. Често дури и суптилни и дискретни промени може да има длабоки последици за тоа како ние ја интерпретираме или судиме фотографијата.

Фото манипулацијата е гранка на фотографијата која ја користи фотографијата како основа, а алатките за нејзина манипулација како средства за дефинирање на посебен поджанр кој во дигиталното време комплетно се издвојува од класичната фотографија. Обично, фотоманипулацијата се остварува со монтажа, соединување на повеќе фотографии во една целина, дополнителна обработка со дигитално сликање, цртање врз неа и слично. Фото манипулација може да се оствари со пренагласено користење на одредени ефекти, но тоа се остварува ретко поради тоа што фотографијата го задржува класичниот интегритет.

 

Пикторализмот – почетокот на фотографијата и фото манипулацијата 

Како и да е, фото манипулацијата не е одраз само на дигитализацијата на фотографијата, таа почнува со самата фотографија. Всушност, фотографијата во почетокот се сметала за посебен стил на сликање. Фотографиите најпрвин биле развивани со своите основни контури, со благ фокус, па накнадно боени, доцртувани и слично со цел да се комплетира замислата на фотографот, односно сликарот. Oвој стил се нарекува пикторализам (огранок на романтизмот) и имал краток век откако Алфред Стиглиц, Стивен Стичен, Едвард Вестон и други, ги дефинираат основните начела на фотографијата, па таа продолжува да егзистира како самостоен правец. Меѓутоа, дел од пикторализмот продолжува да егзистира водоцниот 19-ти и почетокот на 20-иот век.

 

linkoln manipulacija

Манипулација на фотографии со Линколн…

stalin manipulacija

… и со Сталин

Во политиката

Најпрвата фото манипулација е извршена врз портретот на Абрахам Линколн во 1860 г., откако неговата глава е ставена врз телото на друга личност и тој портрет е искористен за печатење на Линколн врз банкнотата од 5 долари. Пропагандните постери и фотографии што го промовираа болшевизмот, подоцна комунизмот и култот на Сталиновата личност во Русија се изработени токму со фото манипулацијата преку фотомонтажа. Како што растела моќта на Сталин, така и Троцки, шефови на КГБ и останатите политички фигури исчезнувале од фотографиите на кои се наоѓал Сталин.

 

Во новинарството

Пионер меѓу манипулација на фотографијата во новинарството е Bernarr Macfadden, кој во средината на 1920-ите години, го смисли composograph-от –  процес кој обработува вистински настани, но со различни тела. Се прави шаблон од фотографии на девојки, на кои подоцна од фотографијата им се сече главата и на нивно место се ставаат глави од некои јавни или познати личности. Во 1930-тите години, уметникот John Heartfield користи тип на фото манипулација познат како фотомонтажи за да ја критикува нацистичката пропаганда.

Забележителен случај на контроверзна фото манипулација се случи во 1982 година кога  уредниците на National Geographic фотографски преселиле две од египетските пирамиди за да бидат поблиску. Овој случај предизвика дебата за соодветноста на фото манипулацијата во новинарството. Аргументот против беше дека во списанието е прикажано нешто што не постои, а го презентираат како факт. Имаше уште некои сомнителни фото манипулации како онаа со уредување на слика на Шер на насловната страница на Redbook, кога е променета нејзината насмевка и нејзиниот фустан. Друг пример се случил во почетокот на 2005 година, кога по ослободувањете на Марта Стјуарт од затвор, насловната на Њузвик осамна со фотографија на жена со тенок струк и глава од посочената личност, сакајќи да се укаже дека таа изгубила тежина додека била во затвор.

 

Насловна страница на national Geographic од 1982 година

Насловна страница на national Geographic од 1982 година

 

Во уметноста

Во уметноста фото манипулацијата добива најсилен одзив особено во времето на дигитализацијата. Широката употреба на Фотошоп му дава сосема ново значење на терминот фото манипулација. Всушност,  „фото манипулација“ како термин останува во стручната литература, додега денес сѐ е сведено на „фотошопирање“, „eдитирање“, „гибање“ на фотографијата. Со негова помош, како и со помошта на останатите софтверски програми за обработка, се става акцент на концептуалната вредност на фотографијата, се врши додефинирање на основната фотографија, а со тоа се подобрува и експресијата на фотографот. Тоа што беше надреализмот за останатото сликарство и уметност, тоа е фотоманипулацијата за фотографијата. Се вметнуваат форми, други слики, целосно се видоизменува оригиналната фотографија.

 

Манипулација со политичка фотографија во Македонија

Ова е најголемиот проблем на македонското новинарство и на фотографија, воопшто. Се разбира, Македонија ниту го измислила, ниту го патентирала овој изум, само го презела со идеја да се направи нешто од ништо. Обично се користи во политичка кампања за партиите да покажат поголема масовност на митинзите. А, како се прави?

Според македонските фоторепортери, кои со години ги покриваат политичките кампањи, манипулацијата може да се направи и со камера и со фотоапарат.

 

Сликај одозгора и одзади не оставај празен простор во фотографијата за да не даде комплетна слика : ВМРО-ДПМНЕ

Сликај одозгора и одзади не оставај празен простор одзади за да не се добие вистинска слика: СДСМ

8563760490_4e1fcc8bc3_b

…истиот рецепт и кај ВМРО-ДПМНЕ

 

Роберт Атанасовски (Франс прес):

„Зависи од стручноста на лицето што снима и во принцип се користи телеобјектив (за сликање од подалеку), а не широкоаголен. Се згуснува перспективата, така што се добива слика во која 30 луѓе може да изгледаат како 300. Обично се фотографираат одозгора под одреден агол, ама никако не треба да се остава празен простор однапред и одзади. Сликата е „полна“ и се добива ефект дека има многу повеќе луѓе отколку што има реално. Во секој случај јас не би го нарекол манипулација, туку едноставно занатски и професионално следење на настанот.  Затоа што може да има манипулација (условно кажано ) и обратно. Поголем број на луѓе да се претстават како помалку. Едноставно, едно купче на луѓе се сликаат одозгора, во тој случај се остава од страните празен простор и се добива ефект на помалку луѓе од реалниот број.

 

Манипулација за извртување на вистината

Фото манипулацијата ја менува содржината на настанот. Станува тешко за публиката да разликува помеѓу фотографија која манипулира и реалноста. Манипулирацијата со фотографијата се прави да ја измами публиката и да формира нивно поинакво јавно мислење. Читателот поради сето ова почнува да се сомнева во етиката на објавување што во светот резултира со дебата. За жал, Македонија е многу далеку од дебата на оваа тема, иако за време на избори, барем последните 10 години, манипулцијата со фотографиите и со видеата е огромна.

Прекршувањато на Кодексот на новинарите на Запад се земаа многу сериозно, особено во врска со дигитални измени на објавени фотографии. Таков беше и случајот во кој номинираниот за Пулицеровата награда за фотографија, Алан Детрих , мораше да поднесе оставка и да му биде одземена кандидатурата поради неговите манипулации на фотографиите.

Зголемената популарност на манипулацијата со фотографии покрена загриженост за тоа дали треба нереални фотографии да бидат прикажани во јавноста. Употребата на фото манипулација на веќе субјективни фотографии, создава конструирана реалност за поединецот и со тоа тешко може да се разликува факт од фикција.

Како и да е, факт е дека манипулацијата со фотографијата постои и во Македонија, но сѐ уште сме далеку од дебата на таа тема.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење