Каков е процесот на откривање на вистината во медиумските производи

 

МЕТОДОЛОГИЈАТА НА СЕРВИСОТ ЗА ПРОВЕРКА НА ФАКТИ ВО МЕДИУМИТЕ – (I дел)

– утврдување, структура, цели и ограничувања –

Утврдената методологија за анализа на објавените прилози во македонските медиуми кај рецензентите имаше за цел да ги направи поостроумни читателите, гледачите или слушателите и да ги направи почувствителни на лагата или искривената вистина! И секако, да ги направи повнимателни. Методолошкиот избор на Сервисот за проверка на факти се базираше на искуства на одредени искусни новинари, потоа на искуства на странски опсервери, како и на предлози на трети лица (читатели или гледачи) од кај нас. Секако, се користеше и Кодексот на честа на Здружението на новинарите на Македонија

 

[Вториот дел од овој напис со наслов „Вистинитост, извори, содржајност, коментирање“ можете да го најдете овде, а третиот дел со наслов „Плагијати, наслови, фотографии и говор на омраза“ можете да го прочитате овде.]

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Чинот на проверка на фактите во новинарството во една организирана и секојдневна активност кај нас како пионерски потфат ја имаше Сервисот за проверка на факти во медиумите (СПФМ) при Фондацијата Метаморфозис. Таквата активност е позната во либералните општества со демократски уредувања и станува сопатник на производството и дистрибуцијата на вестите. Тој чин претставува низа од активности на проверка на фактичките тврдења во одреден текст со цел да се утврди вистинитоста или точноста на фактичките содржини во текстот. Генерално, таа активност на рецензентот се однесува на вестите објавени на било кој медиум, потоа на репортажи, изјави, интервјуа и други жанрови во новинарството. Вообичаено е да се исклучуваат само коментарите (колумните) како авторски поглед на некои појави или личности. Во рамките на СПФМ, правени се соодветни анализи дури и на цели телевизиски дневници, што како активност на рецензентот вклучуваше и дополнителни оценки, пред сѐ, кај структурата на овие програми.

 

Проверка на фактите како реакциска активност

Чинот на проверка на фактите, инаку, во поновата историја на новинарството, постоеше во рамките на активностите на редакциите. Тоа се правеше пред текстот да биде објавен (ante-hoc) за да не се доведе читателот, гледачот или слушателот (со еден збор консументот) во некој вид заблуда или содржината да биде погрешно разбрана, па на консументот да му биде нешто сугерирано, без за тоа да постои основ. Ова го прават редакциите кои се опремени за такви проверки и кои имаат традиција до која држат, а сакаат да бидат до крај информативно коректни пред дистрибуцијата на текстот.

Постои нешто што вообичаено се работи и по објавување на еден текст (post hoc), обично на следните редакциски состаноци, особено ако некоја содржина предизвикала реакција во јавноста или кај дел од редакцијата има сомнение дека медиумот едноставно направил со изнесените тврдења (факти) повреда на професионалноста, односно ги довел консументите во заблуда.

Во развиениот свет, во современите американски списанија вообичаено е, на пример, една третина од вработените да работат на проверка на факти – на барање на авторот или на уредниците – а тоа е обично бројка на ангажирани лица која е еднаква на оние кои пишуваат стории. (Третата третина се административците).

Post hoc проверката на фактите најчесто е проследена со писмен извештај за неточности, која ја вршат опремени оддели (обично е наведува Factchecker од Вашингтон Пост, кој секоја година избира најголема „лажна вест“, тнр. Pinocchios). Во последно време има и специјализирани проекти посветени на post-hoc проверка на фактите, како што се FactCheck.org и PolitiFact.

 

Опсервација на вистинитоста на вестите во Македонија

Истражување на влијанието на проверка на фактите како практика кај нас е релативно нова. Настана во еден миг на проценка на стручниот дел од јавноста дека на глобално информативно ниво е загрозено правото на јавноста да добива точни и релевантни информции и дека политичките структури, во борбата за влат и влијание едноставно ги злоупотребуваат производителите на вести. Оттаму, аналитичката проценка на она што кај нас се извршува на овој план имаше за цел да исправи некои погрешни перцепции кај граѓаните или да ги обесхрабри политичарите од ширење дезинформации. И Сервисот за проверка на факти во медиумите (СПФМ) во рамките на Фондацијата Метаморфозис се појави токму по овие мотиви во услови кога медиумските слободи во земјава беа на најниско можно ниво и кога медиумите главно служеа за објавување на дезинформации или кога едноставно беа само пренос на партиски интереси.

Целта на екипата, која работеше врз прашањето на утврдување на методологија, беше да се подобри севкупната атмосфера во информативната дејност, како при начинот на правење на вестите или во пристапот кон изнесување на сознанијата од страна на македонските новинари, што севкупно требаше да резултира со промени во однесувањето на редакциите. Бидејќи, оправдано се очекува дека доколку новинарот или уредникот знае дека следува одржлива post-hoc рецензија од страна на СПФМ, може да добие и негативен одек во јавноста и да се намали неговата уверливост, а со тоа да биде девалвирана и неговата позиција на пазарот. Доколку таа рецензентска улога би била аналитичка и искажана на јазик кој би бил приемчив за консументите на медиумските содржини, би се чувствувала таа непристрасност во приодот, би требало да се создаде ситуација во која редакциите би биле повнимателни.

Авторите на Методолгоијата целат кон тоа написите да се анализираат според неколку главни критериуми во рамките на кои се поставуваат истражувачки прашања, со чии одговори се идентификуваат различни параметри, кои всушност ја дефинираат „оценката“ на рецензентот за анализираниот напис. Избраните параметри понатаму текстуално се елаборираат, со што се добива една конечна форма на рецензијата, составена од лесно воочливи (графички претставени) квалитативни оценки и текстуален дел кој го образложува изборот на рецензентот на конкретните параметри. Изборот на параметрите не значи нужно давање негативна или позитивна оценка. Работата на рецензентот е преку јасен текст да ги стави таквите оценки во контекст на анализираниот медиумски напис и на тој начин да ја дефинира сликата за неговиот квалитет.

 

Содржински компоненти на Методологијата

При изборот на елементи кои требаше да ги содржи Методологијата, се поаѓаше од искуства на домашни новинари, потоа врз искуства на странски опсервери, како и на предлози на трети лица (читатели или гледачи) од кај нас. Секако, се користи и Кодексот на Здружението на новинарите на Македонија. Искуствата на странските оценувачи се доминантни, бидејќи таму оваа активност постои доста долго, користените елементи го издржале тестот на времето и се земаат како сигурна база за аналитичка проценка. И токму затоа Методологијата е универзална, односно важечка за сите медиумски производи од опфатените новинарски жанрови. Па, така, кога рецензентот анализира било новинарски производ, тоа му овозможува да го пополни секој сегмент, односно да одговори на секое прашање поставено во Методологијата.

Ова значи дека авторот на рецензиите кај дневните вести, како и кај другите содржини, најчесто пред себе користи точно одредени прашања (или може да ги наречеме и точки за опсервација), кои се идентични во однос на секој поединечен наслов што се анализира. Ова, пак, значи дека позицијата на рецензентот е секогаш иста во однос на предметот на анализа и тоа е мерило дека секој наслов се гледа низ фер-плеј тест, односно дека методот не може да се смета оти има елементи на релативизација или на субјективен приод.

Затоа, прашањата и одговорите кои се дел од содржината на Методологијата дури имаат свој јасно видлив графички приказ, хронолошки и логички поставен, па и самите кај читателот доведуваат до заклучок за вредноста на текстот, кон еден вид на сумирање на „плусови“ и „минуси“ по многу сегменти. Впрочем, ова не значеше дека текстот неминовно мора да добие лоша или добра оценка, туку треба само да ги постават основите за дефиниција на квалитетот.

 

Кои написи се анализираат?

Јасно е дека во еден шаренолик простор исполнет со многу медиуми, каков што е македонскиот, не може да се рецензираат ни приближно сите или, да речеме, главни медиуми и написи во нив. Тука е неопходна селекција која ја врши уредништвото на Сервисот или пак самите рецензенти по свој избор. И едните и другите мора при тоа да се водат од некои критериуми.

Обично појдовен критериум за рецензија е избраниот новинарки производ да содржи група специфики кои го прават атрактивен. Или поинаку –новинарскиот производ да е јасно дефиниран како информативен, почнувајќи од содржината и формата. Според ова, рецензентите го препознаваат како информативно новинарско изразување со вредносен минимум на информацијата.

Што се подразбира под оваа дефиниција?

Во основа се работи за атрактивност на написот. Или, тоа е оној новинарски производ кој во даден момент многу веројатно би предизвикал поголем интерес кај консументите во однос на дневната понуда на наслови, бидејќи одговара на актуелноста во времето на објавувањето, се однесува на важни личности, групи луѓе или настани, врши некакво влијание врз сознајниот круг на теми кај читателите или гледачите и слично. Од ова произлегува дека тука селекција од тоа дали односот на рецензентот кон тој напис би бил како кон негативни примери од новинарската практика. Напротив, треба да се издвојуваат и оние написи со позитивен предзнак во анализата, како патоказ за авторите, но и за читателите. Дополнително, на изборот за рецензирање свое место има влијателноста на медиумот.

Какви беа првите реакции на работата на СПФМ, а со тоа и на Методологијата?

Рецензентот веднаш се соочува со тоа дека кај нас не постојат навики пишувачите на информации да се држат до правилата на професијата, па појавата на Методологијата секако предизвикува изненаденост или збунетост во редакциите.  Таа Методологија впрочем е во спротивност со основната цел на постоењето на многу медиуми а тоа е дека тие немаат задача да ја прикажат вистината, туку некого да убеди во тоа што е вистина а што не! Имаше и доста бурни реакции, па и разни видови на закани, обиди за интервенции и слично, но тоа само покажува дека Сервисот разбива една атмосфера на некритичко правење и примање на вестите и другите жанрови кај нас.

 

(продолжува)