Кога медиумите влегуваат во „офсајд“

Foto: Pexels
Foto: Pexels

Фото: Пекселс

Намерно или ненамерно, медиумите во Република Македонија често знаат пред имињата на обвинетите, осудените или уапсените, да ја наведат и етничката припадност, а во некои случаи и религијата. Криминалот може да биде мотивиран од различни фактори, но треба да биде јасно дека криминалот, неморалноста и злоупотребата на државните функции не се дел од етиката на ниту една националност или религија. Затоа, на авторите на кривичните дела не треба да им се наведе етничката припадност, особено не во мултикултурните земји.

 

Пишува: Џенис Сулимани

„Шверц со тутун, уапсени седуммина Албанци”. Кога читаат ваков наслов, читателите повеќе се фокусирани на припадноста на сторителите, отколку со конкретните имиња или со самата појава на шверцот. Албанците би го поставиле прашањето зошто само ние Албанците мора да се занимаваме со криминал, додека другите етнички групи пред ова прашање би ставиле црна дамка врз албанската заедница. Во некои случаи вакви наслови се повторуваат во текот на една недела и се создава впечаток дека криминалот станува или била навика на етничката заедница која се товари за кривичното дело на седумте лица.

Во истиот текст, кој го пренесува соопштението на МВР, никаде не е наведена етничката припадност на шверцерите. Во новинарскиот производ е наведено само родното место на сторителите на делото.

„Од МВР додаваат дека тутунот бил запленет и истиот бил предаден за понатамошно постапување. А поради немање документација за тутунот, уапсени се лицата З.З., Н.М., З.Р., А.М., Н.У., С.С. и М.И. (сите од гостиварското село Врапчиште). За случајот беше информиран Јавниот обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.“

Затоа, со право можеме да се запрашаме зошто на јавноста *и е потребна етничката припадност на уапсените?! Да, јавноста треба да биде информирана за вистината и само вистината, но во вакви случаи вистината почнува и завршува со бројот на уапсените лица и количината на дрога со која се фатени.

Македонија како земја каде што живеат разни етникуми не треба да си го дозволи луксузот кривичните дела да ги „обојува“ според етничката припадност или религијата.

„Уапсени двајца Македонци – се обиделе да прошверцуваат хероин во Грција“. Ова е уште еден сличен наслов во медиумите во Македонија. При читањето на главата на текстот, со право можеме да го поставиме прашањето зошто било потребно да се истакне етничката припадност, кога во полициското соопштение се наведува дека се работи за македонски државјани.

„Според информациите на известувачката на МИА од Атина, се работи за македонски државјани, на возраст од 41 до 48 години. Дрогата беше скриена во внатрешноста автомобилот, а била откриена од полициско куче.“

Третиот пример, за да се докаже негативниот замав на ова појава, носи наслов: „Во Скопје се уапсени двајца Албанци со две мали деца.“ Јавноста не заслужува вакви наслови кои имаат тенденција да манипулираат преку „повикување на емоции“. На овој начин, насловите на написите водат кон негативни примери, кои потоа многу лесно влијаат, придонесуваат за потврдување на стереотипите. Ова не оди во полза на Македонија, ниту е за доброто на општеството.

Во Македонија недостасува социјална кохезија. Ваквите написи, со наслови што повеќе посегнуваат по емоциите отколку по вистината, не помагаат во рушење на стереотипите. Со ваквиот пристап медиумите излегуваат од рамките на својата мисија да бидат коректори на негативни појави и едукатори за создавање здраво општество против криминалот, без оглед на тоа кој е сторителот.

Сума сумарум, читателот треба да ги открие ваквите написи и да научи дека медиумите често знаат да излезат од својата мисија. Знаат да се повикуваат на емоции. Затоа, читателот треба да ги следи вестите со смиреност, но, исто така, треба знае да направи разлика. Криминалот има име и презиме. Во современо општество, кое претендира да биде демократско и ја поддржува вистинската критика, фиљан човек може да биде осомничен, обвинет или осуден, но никогаш како Албанец, Македонец, муслиман, православен или католик, туку според кривичното дело за кое го товарат надлежните институции.