Кога „познавачите на состојбите“ се користат за секоја ситуација, постои сериозен проблем со информирањето

Бескрајни калкулации во медиумите во пресрет на претседателските и на, евентуално, парламентарните избори. Оваа ситуација ја гледаме секој ден, штом го отвориме првиот медиум за да се информираме за најновите политички вести. Се зборува за соработки, можни предизборни коалиции, заеднички кандидати, потенцијални победници или губитници итн.

Линк до оригиналниот напис: Ако се одржат изборите, АА и БЕСА може да ја победат ДУИ?!

Датум на објавување: 22.1.2019

Датум на рецензија: 31.1.2019

Рецензент: Фатљуме Дервиши

Злоупотреба на „познавачите на состојбите“

Новинарските правила предвидуваат користење неколку извори на информации за да се провери што е можно повеќе тоа што ѝ се пренесува на јавноста. Ова се прави со цел и самиот новинар да биде што посигурен во веродостојноста на својот текст. Но, изворите на веста обично се со имиња и презимиња (освен во случаите кога е побарана анонимност). Се претпоставува дека „познавачите на состојбите“ се експерти и нема причина тие да бидат анонимни. Еве во овој текст колкупати авторот се повикува на „анонимни експерти”:

Познавачите на политичката ситуација во Македонија сметаат дека парламентарните избори ќе го зголемат гласачкото тело кај албанската опозиција, а ќе ја ослабат позицијата. Според нив, ако евентуално се одржат заедно претседателските и парламентарните избори, ќе има зголемување на гласовите кај албанската опозиција и тоа кај АА на Села и БЕСА на Касами, бидејќи тие останаа цврсто на своите барања за албанските прашања што влијаеше на јавноста.

Од ДПА на Тачи и од БЕСА на Гаши, од моментот кога влегоа во Владата на Заев, како да се приспоија во СДСМ и не се изјаснуваат за ниту еден проблем што ги засега Албанците, па познавачите велат дека тие дури можат и да не добијат ниту еден пратеник ако изборите се одржуваат оваа година заедно со претседателските.

Коментари наместо факти

Изразот „познавачите на состојбите“ е употребен токму во двата параграфа кои се најмалку објективни само затоа што авторот немал доволно факти за поставените тези. Не е цитирана ниту една партија, ниту АА ниту БЕСА на Касами, а за можното зголемување на гласачкото тело нема ниту една анкета или друга анализа кои би биле веродостојни. ДПА и БЕСА на Гаши не биле контактирани пред авторот да каже дека „тие не се изјаснуваат за ниеден проблем што ги засега Албанците“. Нема ниеден доказ што би потврдил дека партиите во позиција навистина се ослабени.

Каде лежи проблемот на таквите вести?

Проблемот со вестите од овој вид е нивната цел. Обично вести се прават за да информираат за реалната состојба. Нивното подготвување бара време, ангажирање и труд за да се стигне до информации базирани на факти што се издржани. Вестите како оваа користат техники за манипулација, новинарот ги крие своите лични коментари и проценки позади „познавачите на состојбите“ и го зголемува или намалува рејтингот на партиите според неговата лична проценка.

Ова не е професионално информирање. За да се известува за рејтингот на политичките партии, се користат веродостојни анкети, спроведени според стандардите (не сите се такви). Кога се пишува за состојбата со политичките партии, се прашуваат политичките претставници, а кога ќе напишете дека некој одбива да одговори, прво мора да сте се обиделе да го прашате.