Колумна со невкусен манипулативен наслов за специјалната обвинителка пласирана како вест

 

[Рецензија: Катица Јанева во кома, неизвесно е дали ќе се извлече и со какви последици]

Манипулативен текст со наслов кој ве наведува да помислите едно нешто, за откако ќе го прочитате текстот да сфатите дека суштината е сосема друга. Насловот ги преминал границите на умерена скокотливост и по потрага по што поголем број на кликови станал во најмала рака невкусен.

Линк до оригиналниот напис: Катица Јанева во кома, неизвесно е дали ќе се извлече и со какви последици

Датум и време на објавување: 02.7.2019

Датум на рецензија: 05.07.2019

Рецензент: Симона Атанасова

 

Катица Јанева во кома, неизвесно е дали ќе се извлече и со какви последици

Текст со ваков наслов споделен на социјалните мрежи веднаш предизвикува заинтересираност, но и загриженост. На прв поглед, без да се прочита текстот, насловот ве наведува да помислите дека специјалната обвинителка Катица Јанева се соочува со сериозни здравствени проблеми. Тоа е доволно да се разгори љубопитноста на читателот да го кликне текстот.

Но, кога ќе се отвори и прочита текстот станува јасно дека тоа што се соопштува во насловот всушност го нема во текстот.

А текстот всушност е колумна. Објавена на непознат портал од уште понепознат автор и преземена од други портали. На сајтот каде што е првично објавена колумната е потпишан Дедо Ѓоргија под што стои забелешка од редакцијата дека „името на авторот на овој текст е познато на редакцијата“. Тоа значи дека авторот може да е кој било, дури и некој кој што не е релевантен и компетентен.

Текстот, во медиумот што го презел, „залутал“ во погрешна категорија, односно во категоријата вести каде што се објавуваат официјални информации, извештаи и новости, наместо во категоријата колумни каде што се објавуваат лични ставови и видувања на одредени автори.

Поделбата на категории во медиумите не е случајна. Со тоа суштински се разграничува содржината на објавените написи. Во категоријата вести во никој случај не смеат да се најдат лични ставови и коментари. Во спротивно се прави спинување и манипулација на читателот да мисли дека чита вест, а всушност чита нечиј коментар кој може и да е целосно неточен и тенденциозен.

Иако е колумна, сепак нивото на напишаното е доста ниско. Нафрлени се обвинувања без никакви конкретни докази. Обвинителките од СЈО се ословуваат како „Ката“ и „Фата“, а СЈО се нарекува „циркус“ што е непримерно.

 

ЛАЖНА ВЕСТ И СПИН

Во текстот се провлекуваат една лажна вест и еден спин.

Лажна вест е дека:

ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија на која граѓаните и’ дадоа најголема поддршка на минатите избори.

Резултатите од изборите покажуваат дека ова е целосно неточно. Последните избори беа претседателските оваа година, на која ВМРО-ДПМНЕ освоија 377.446 гласови, а СДСМ 435.656 гласови. Пред претседателските беа локалните избори во 2017 година на која ВМРО-ДПМНЕ убедливо изгуби од СДСМ освојувајќи само 5 општини, во споредба со СДСМ која победи во 57.

Спин е дека:

На последните анкети на јавното мислење на оваа партија (ВМРО-ДПМНЕ) и’ даваат повторно најголема доверба.

Во текстот не е наведно за која анкета станува збор, кој ја објавил и колкава е таа „најголема доверба“. Единствена релеавантна анкета објавена после претседателските избори е анкетата на М-проспкет според која навистина ВМРО-ДПМНЕ има најголема доверба. Проблематичен во текстот е зборот повторно кој алудира дека партијата ВМРО-ДПМНЕ добивала најголема доверба и на претходните анкети, но на последните анкети пред претседателските избори, најголема доверба кај населението уживаше СДСМ.

Пропагандистички и тенденциозен текст полн со невистини, објавен преку превезот на колумна со цел неосновано критикување, спинување и манипулирање на јавноста. Текстот прекршува редица на новинарски правила објавени во новинарскиот кодекс за професионални новинари.