Критики тон, извори ни за лек

(Рецензија: Тенковите без масло, касарните прокиснуваат, стражите без лекови)

 

Паничен опис на состојбата во АРМ, кој е многу застрашувачки и предупредувачки. „Македонија маршира кон НАТО, без тенкови и возила во кои не е сменето маслото, војниците се жедни и гладни, не се ни бањати, во касарните прокиснуваат покривите“. Ваков текст, кој не е поткрепен ни со еден доказ и валиден извор дека тоа што е напишано е вистина, кај граѓаните може да предизвика страв и загриженост дека Македонија е без војска, а со тоа е загрозена и нејзината безбедност.

Линк до написот: Тенковите без масло, касарните прокиснуваат, стражите без лекови

Датум на објавување: 25.9.2018

Датум на рецензирање: 26.9.2018

Рецензент: Александар Писарев

Текстот е објавен во чувствителен момент, кога темата број еден во државата е нашето членство во НАТО и ЕУ. Кај читателите може да предизвикува потсмев од типот „зарем со ваква војска сакаме во НАТО“. Во текстот се објавени многу загрзижувачки тврдења за состојбата во АРМ и, доколку не се измислени, предупредуваат на тревога.

Како да веруваме во веродостојност и вистинитост на напишаното кога нема валиден извор од кого се добиени тие податоци.

Ако изворот сакал да остане анонимен, тоа требало да се нагласи. Се повикува на „таен документ и извештај“ до кого дошла редакцијата. Да поверуваме дека е така.
Ако не сакале да се објави факсимил или барем делови од факсимилот на документот, со што би ја потврдиле веродостојноста на објавеното, требало да се слушне и другата страна на која ѝ е упатен „извештајот за состојбата во АРМ“, а тоа е надлежното министерство. Таму требало да се праша дали навистина постои таков документ и дали од теренот и од „касарните што прокиснуват и каде војниците се гладни и жедни и на тенковите „Т-72 А“ моторното масло и хидрауличното масло за топ е со истечен временски рок“… навистина е пристигнат во министерството. На тој начин медиумот можел да ја провери вистинитоста на податоците што ги добил и да биде сигурен дали можеби некој не манипулира со него и не му доставува лажни документи со намера намерно да предизвика штета и паника меѓу граѓаните.

Можело малку и да се разгледа за да се види какви оценки добива АРМ во седиштето на НАТО во Брисел, каде што се одржуват редовни мултилатерални консултации Македонија-НАТО и каде се разгледуваат партнерските цели за нашето членство во алијансата.

Еве што вели Член 1 од Новинарскиот кодекс:

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е можно. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка или шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.