Куманово: Информативна сесија за грантови од проектот „КриТинк“

Фондацијата „Метаморфозис“ и Евротинк – Центар за европски стратегии ги покануваат локалните граѓански организации и медиуми од Североисточниот плански регион на информативна сесија во врска со Програмата за мали грантови во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, поддржан од Европската Унија.

Информативната сесија ќе се одржи на 13 јуни 2019 г. (четврток), со почеток во 11 часот, во просториите на Салата за венчавки (поранешен Занаетчиски дом) во Куманово.

Конкурсот за мали грантови е вториот од двата циклуса на Програмата за мали грантови и е објавен на 31 мај, а ќе биде отворен до 15 јули 2019 година. Во рамките на вториот циклус е предвидено да се доделат 10 гранта со кои ќе се поддржат проекти од 8-те плански региони во Македонија. Ќе бидат доделени поединечни грантови во износ помеѓу 6.000 и 7.000 евра.

Детаљни информации за проектот и Програмата за мали грантови се достапни на веб-локациите на партнерите и на веб-локацијата на проектот http://crithink.mk/

Основна цел на проектот е да промовира медумска писменост како основа за зачувување на правото на граѓаните да имаат различни мислења, преку стимулирање култура за критичко мислење, плурализам на мислења и демократски вредности.

Специфичните цели на проектот се:
– Да се поттикнува култура на критичко размислување преку едукација на општата јавност за штетните ефекти на медиумските манипулации врз демократијата и европските вредности.
– Да се зголемат капацитетите на граѓанските организации и медиумите да се справуваат со медиумски манипулации (вкл. и говор на омраза) преку подобрување на медиумската писменост во содејство со државните институции.
– Да се зголеми побарувачката од граѓаните за поголема отчетност и одговорност на медиумите преку јавно неформално образование, промоција на професионалните стандарди и меѓународните практики за заштита на слободите на мислење и изразување.

Сите детали за повикот се достапни на следниот линк:
http://crithink.mk/baranje-za-aplikacii-kritink-2/