Лажни вести: подобро да се спречи отколку да се лечи

Фото: Ilmicrofono Oggiono, flickr, 2018
Фото: Ilmicrofono Oggiono, flickr, 2018
Фото: Ilmicrofono Oggiono, Flickr, 2018

 

Обидите да се смени нечија интернализирана вредносна или идентитетска структура со изложување факти е речиси залудно. Кога интернализираните структури не станале такви поради присуство на факти, туку, напротив, поради нивно отсуство, не можеме да очекуваме истите да бидат заменети од факти или какви било „објективни“ информации, само затоа што објективни факти и информации постојат

 

Пишува: Гоце Арсовски

 

Кои се причините за настанување на овие лажни вести? Зошто тие успеваат да се рашират толку далеку и толку брзо? Напредокот во технологијата е само алатот и припишувањето на леснотијата со која информациите се шират единствено на технолошката страна е неодговорно, ако не и погрешно. Причината зошто луѓето се одлучуваат да ги одберат копчињата Like или Share не лежат во нивната достапност, видливост, боја или одличен визуелен дизајн.

 

ЛАЖНИ ВЕСТИ – ИЗНЕНАДУВАЊЕ, КАКО ЛАНСКИОТ СНЕГ

Потеклото, ако може така да се нарече, на лажните вести, е во постмодерната филозофија, особено западниот постмодернизам. Но, пред да резултираат во феноменот лажни вести, кој е видлив денес, чекорите на ова движење можеме да ги следиме од поодамна: лековите се заговор за профит од големите фармацевтски куќи и тие не дејствуваат, не постои глобално затоплување, менталните болести се измислени и дијагнозите за истите се резултат на монопол од психијатриската професија, вакцините предизвикуваат аутизам итн., итн. Ова се само неколку примери, кои јасно можеме да ги пресликаме и во сега присутното соочување со лажните вести.

Интернетот и, особено, социјалните медиуми, се само уште една алатка преку која релативизмот во кој живееме успева многу подобро и побрзо да се шири. Бидејќи секое тврдење, без разлика од која научна област доаѓа, секогаш е подложно на културално релативизирање, не е тешко да се претпостави дека луѓето ќе се трудат да се држат до веќе добро познатите за нив вистини, без разлика што „најновите истражувања“ им сугерираат дека токму тие можат да им наштетат!

Обидите да се смени нечија интернализирана вредносна или идентитетска структура со изложување факти е речиси залудно. Кога интернализираните структури не станале такви поради присуство на факти, туку, напротив, поради нивно отсуство, не можеме да очекуваме да бидат заменети од факти или какви било „објективни“ информации, само затоа што објективни факти и информации постојат. Отпишувањето (дискредитирањето) на информациите што се противат на овие интернализирани факти е само еден начин како личноста ја зачувува својата вредносна и идентитетска структура.

Плејада на теории на заговор, пропагандни материјали во традиционалните и поновите медиуми, како и, во крајна линија, сопствената биасираност и наклоност, се повеќе од доволно ресурси за организмот што се чувствува нападнат, да пребегне кон нивно користење. Овие ресурси, кажано широкоградо, ги исполнуваат сите предуслови за да им се „додели“ кредибилитет, бидејќи ретерирањето кон познати информации, ставови, па и емоции, прави личноста да се чувствува безбедно, сигурно – да остане на „познат терен“, сигурна дека светот/државата/самата личност функционира логично и целисходно.

 

ПРЕПОРАКИ

Побуна против авторитетот, односно неговото отсуство, претставува клучен момент во борбата со континуиран релативизам и неговите рецидиви. Доколку идните поколенија не го прескокнуваат овој чекор, имаме барем мала шанса ваквите ставови да станат мета на преиспитување понатаму во животот. Без овој основен предуслов тешко може да се очекува дека личноста ќе стане отпорна на релативизам и на лажни вести. Доколку личноста успешно ја надмине фазата на побуна против авторитетите, можеме да се надеваме на следниве исходи:

  • не секој млад возрасен ќе ги отфрли сфаќањата и ставовите пренесени од родителите, кои не се базираат на факти од реалниот свет – ќе има неуспешни обиди, кои ќе резултираат со преголема и заканувачка за организмот когнитивна дисонанца;
  • не сите ставови и информации пренесени од родителите ќе бидат мета на преиспитување, бидејќи (добар) дел од нив ќе биде утврден во факти.

Eден корисен механизам за соочување со сопствените, внатрешни, „лажни вести“ може да биде хуморот. На пример, шегувањето со пријателите или гледањето сатирични ТВ-програми може да помогне да се намали доживувањето на напад, кога сме соочени со факти и гледишта поинакви или спротивни на нашите. Оваа вежба не треба да се сфати како механизам за менување нечие мислење, но дигиталното „доживување“ на туѓата гледна точка, кое е донекаде дистанцирано од секојдневното „реално“ судирање на мислењата, може да биде моќна алатка во арсеналот на една личност за сопственото преиспитување, а со тоа и критичкото размислување кон вестите, вклучително и лажните вести.

Без развиено критичко мислење насочено кон надвор (околината), но и критичко размислување насочено кон внатре (самата личноста), не можеме да кажеме дека сме безбедни од лажни вести. Без редовно изложување на спротивставени ставови и мислења, само ги зголемуваме шансите нашите сопствени ставови и мислења да ги заоструваме и радикализираме, бидејќи отсуството на туѓи гледишта со текот на времето прави нашите ставови (и сличните на нив) да ги доживуваме како реална, вистинита слика за објективната реалност.