„Мајка“ и „татко“ се единствените родителски одредници во македонските закони

Фото: Томислав Георгиев, „Колектиф.мк“

 

Откако јавноста беше погрешно информирана, од Министерство за труд и социјална политика излегоа со демант. Но, веќе стопати повторената дезинформација (особено на социјалните мрежи) стана вистина. Одредбата која, исто така, подлежеше на манипулации, односно дефиницијата за бракот, е утврдена во Законот за семејство, и таму нема промени за ова прашање. Останува дека „бракот е заедница меѓу маж и жена”

 

Пишува: Силвана Жежова

 

Ширењето на дезинформациите во јавноста за наводното укинување на термините мајка и татко и нивната замена со родител 1 и родител 2, всушност, потекна од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата (веројатно инспирирани од Франција), кои реагираа дека со новиот предлог-закон за спречување и заштита од дискриминија „се укинуваат термините мајка и татко и се воведува терминологијата родител А и родител Б“, како и тоа дека „се менува дефиницијата“ за брак.

Ги прашуваме предлагачите што значи воведувањето на терминот „родов идентитет“? Дали ќе се укинат термините мајка и татко, вклчувајќи ги наставните содржини во основното образование и дали следно е воведување на терминологијата родител А и родител Б, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Но, оваа прашална форма на опозицијата во врска со предлог-измените на законот, од страна на јавноста беше доживеана како констатација. Односно, веста се пласираше како веќе завршена работа на власта и како да се веќе усвоени законски измени со кои термините мајка и татко се заменуваат со родител 1 и родител 2.

Со оглед на нејзината податливост за креирање шеги и споделување низ социјалните мрежи, оваа дезинформација се рашири низ „Фејсбук“ и „Твитер“ со брзина на светлината и тоа токму на овој начин – преку статуси и твитови што содржеа шеги и вицови. И иако никој нема ништо против шегите и вицовите на социјалните мрежи, сепак, заедно со нив се прошири и дезинформацијата како употребата на термините „родител 1“ и „родител 2“ да е завршена и готова работа. Иако станува збор за термини од кои Македонија е далеку исто онолку колку што е далеку од Франција, на пример, земјата од каде што потекна оваа терминологија.

 

ДЕМАНТ – НЕМА ТЕРМИНИ „РОДИТЕЛ 1“ И „РОДИТЕЛ 2“

Откако јавноста беше погрешно информирана, од Министерство за труд и социјална политика излегоа со демант. Но, веќе стопати повторената дезинформација (особено на социјалните мрежи) стана вистина.

Одредбата која, исто така, подлежеше на манипулации, односно дефиницијата за бракот, е утврдена во Законот за семејството, и таму нема промени за ова прашање. Останува дека „бракот е заедница меѓу маж и жена”.

Во Република Северна Македонија бракот, како и вонбрачната заедница, се заедници меѓу еден маж и една жена, и родителите се именуваат како татко и мајка, се вели во демантот на Министерството за труд и социјална политика.

Оттаму појаснија дека главната цел на предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација, со вклучувањето на основите на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, ја проширува заштитата од дискриминација кон оваа група граѓани.

Ова законско решение овозможува превенција и еднаков пристап до механизмите за заштита од дискриминација за сите граѓани. Основа за донесувањето на овој закон е токму Уставот на Република Северна Македонија, во кој се утврдени основните слободи и правата на човекот и граѓанинот, појаснуваат од министерството.

 

ОД КАДЕ ПОТЕКНАА ПОИМИТЕ „РОДИТЕЛ 1“ И „РОДИТЕЛ 2“ 

Термините родител 1 и родител 2 потекнуваат од Франција, каде што кон средината на февруари францускиот Парламент усвои нов амандман со цел да се отстрани дискриминацијата против истополовите родители.

Но, со овој амандман се овозможува само во француските школи да се заменат зборовите татко и мајка.

Овој амандман настојува законски да ја искорени различноста на родителите на децата во административните обрасци што се поднесуваат во училиштата. Имаме родители што се заглавени во прилично старомодни општествени и родителски модели. За нас, овој амандман е мерило на општествена еднаквост, изјави Валери Петит од партијата Републиката во движење (РЕМ) на Емануел Макрон.

Предлогот за укинување на именување на родителите според полот е даден уште во 2013 година пред легализација на истополовите бракови. Но, и во Франција предлогот не е најдобро прифатен, бидејќи се поставува прашањето кој е родител 1, а кој родител 2.

Временското поклопување на третирањето на антидискриминаторските прашања во двете држави беше искористено за ширење лажни вести и наводно усвојување непостојни термини во нашите закони.