Манипулативен наслов за младата скопјанка со попреченост ги донесе читателите во заблуда

 

[Рецензија: Млада скопјанка со попреченост: Се качувам во автобус и ме лажат дека следна станица е Рекорд ]

Насловот на веста е тенденциозен, сензационалистички и наведувачки:

Млада скопјанка со попреченост: Се качувам во автобус и ме лажат дека следна станица е Рекорд

Кога ќе го прочитате овој наслов, веднаш помислувате дека станува збор за луѓе кои намерно ја лажат девојката со попреченост за тоа на кое место се наоѓа, а всушност станува збор за нешто сосема друго.

Линк до оригиналниот напис: Млада скопјанка со попреченост: Се качувам во автобус и ме лажат дека следна станица е Рекорд

Датум и време на објавување: 29.5.2019

Датум на рецензија: 4.6.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Вистината е поинаква. Кога ќе се отвори текстот и ќе се прочита целосно, јасно е дека не станува збор за луѓе кои ја лажат туку се работи за звучните сигнали во автобусите кои или ги нема, или не се добро наштелувани. Таа во нејзината изјава никаде не вели дека ја лажат, туку ја објаснува фактичката ситуација што ѝ се случува кога ќе се качи во автобус и укажува на еден системски проблем со кој се сочуваат лицата со попреченост.

Проблемот е што луѓето многу малку ги читаат текстовите, а уште помалку ги читаат текстовите до самиот крај. Па затоа многумина направија две грешки. Прво наседнаа на овој манипулирачки наслов, а второ не го прочитаа текстот докрај за да сфатат дека насловот е тенденциозен и изваден од контекст.

Веста со ваков наслов првично е објавена на порталот Балкан.мк, ама подоцна е избришана и не може да се најде. Но, според креираниот линк точно може да се види каков бил насловот, кој потоа го преземале уште неколку медиуми.

На социјалните мрежи овој текст беше споделен од голем број луѓе кои наседнале на насловот и пишуваа гневни коментари. Тука ќе наведеме само неколку:

Ема е пример за девојка во општеството и нема да ја скршат вакви идиоти.

Багра

Срам да им е

Ве воспитува ли некој по дома

Колкав гад треба да бидеш да го направиш ова

Срамота

Би ги тепал додека мрдаат

Згора на сè текстот целосно е преземен од телевизија Телма без да се наведе изворот, по што тенденциозно му е сменет насловот и е искористен за манипулација на читателите. За да ја разјасни ситуацијата, девојката која се спомнува во текстот, објави појаснување на нејзиниот Фејсбук профил, во кое вели дека никогаш не дала изјава за порталот Балкан.мк и дека никогаш не изјавила дека луѓе ја излажале.

Секој текст заслужува скокотлив, интересен наслов, кој ќе ги натера читателите да го кликнат и да го прочитаат написот докрај. Но, тоа не значи дека треба да се премине границата на пристојност и етичност и да се креираат лажни, манипулирачки содржини кои ќе ја дезинформираат јавноста.

А, исто така, бидејќи се намножија ваквите објави и читателската публика треба да биде повнимателна кога ќе се сретне со вакви наслови. Па, пред да донесе избрзан заклучок, прво треба да го прочита целиот текст докрај, да види кој го напишал, да провери дали е објавен од релевантен медиум, кои се изворите и потоа да формира свое мислење за содржината.