Медиуми, заштитете нè од лагите на политичарите!

Foto nga: Medium.com
Foto nga:

Фотографија од: Medium.com

Анализа за изигрувањето на изјавите на функционерите по референдумот и немоќта на медиумите да кажат кој лаже, а кој ја кажува вистината. Aларм, граѓанинот е незаштитен!

Од: Aгрон Врангала

Политичките претставници во Македонија не се конзистенти во своите изјави. Преземаат огромен ризик да го променат тоа што го рекле на почеток. Каде се медиумите во оваа приказна? Како дозволуваат секој политичар на кој ќе му текне да ги изигра своите изјави, да се појави во медиумите без никој да се спротивстави? Пазете, во овој случај единствените жртви се граѓаните.

Граѓанинот денес не е заштитен од насилството на политичкиот дискурс. Наместо медиумите да бидат коректор, селектор, она што се нарекува чувари на јавниот интерес (watchdog), тие се здружуваат со политиката, пренесувајќи ги нивните изјави без анализа и без проверка на фактите, оставајќи го граѓанинот сам, незаштитен. Медиумите, покрај информирањето, имаат задача „да направат разлика меѓу доброто и лошото“ и да ѝ покажат на јавноста каде лежи проблемот со овие изјави.

Новинарството е повеќе од буквално пренесување изјави. Граѓанинот има право да ја разбере „тајната“ на заматениот став на политичарот и тоа новинарот може да го стори преку новинарски жанрови како што се: анализата, коментарот, проширената вест, интервјуто.

Пример за овој феномен е начинот како медиумите известија за оценката на резултатите од референдумот од страна на политичките партии или, поточно, од владејачката коалиција на СДСМ-ДУИ.

Откако беа објавени резултатите од страна на Државната изборна комисија, се појавија лидерите и им честитаа на граѓаните за постигнатиот резултат. Премиерот Заев го прогласи референдумот за успешен. Веднаш по него, истото го изјавија и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, а потоа и двајцата вицепремиери, Бујар Османи и Радмила Шекеринска, изјавувајќи дека референдумот бил успешен. За волја на вистината, лидерот на ДУИ, лично, никогаш не изјави дека референдумот бил успешен, туку само го пофали ангажманот на граѓаните што гласале на овој референдум. Образложението на гореспоменатите функционери дека референдумот бил успешен се базира на фактот дека во претходната неделата „за“ гласале над 600.000 граѓани.

И, како што е вообичаено, сите медиуми ги објавија изјавите на највисоките државни функционери. Но, што навистина се случи? Овие функционери, во овој случај, среде бел ден ја излажаа јавноста. Излажаа бидејќи референдумот не беше успешен поради тоа што не успеа да добие најмалку 50 отсто гласови од вкупниот број гласачи во земјата, како што е предвидено со закон, дури и за консултативен референдум. Како што објави ДИК, гласале вкупно 666.743 гласачи или 36,91 отсто од вкупниот број избирачи. Од нив, 609.813 или 91.46 проценти, одговориле со „за“, додека 37.700 или 5,65 отсто одговориле со „против“.

Референдумот не беше успешен. Прашањето што се поставува е: Дали тој ден имаше некој новинарски прилог што ќе им кажеше на граѓаните дека властите лажат кога велат дека референдумот бил успешен? Одговорот е не! Значи, тука секој може да каже што ќе посака, а медиумите пренесуваат сѐ. Во ред, медиумите треба да го пренесат тоа што го кажуваат политичарите, но треба да додадат дека тие лажат среде бел ден.

Доколку некој мисли дека Кодексот на новинарите на Македонија го забранува тоа, греши. Како пример ќе наведеме потточки од првата точка на овој кодекс:

„Новинарот може да објави нешто за кое нема баш докази, ама за кое има доволно индикатори дека е вистина, односно нешто за што постои основано сомневање. Основано сомневање подразбира презентирање аргументи кои се разумни и кои се индикатор дека нешто е вистина, без да имаме конкретен доказ за вистинитоста“.
„Објавување информации што имаат статус на ’доверливи‘ е можно тогаш кога ќе се утврди дека правото на јавноста да биде информирана е поголемо отколку правото на почитување на причините за доверливост
на информациите“.

Нашите медиуми сѐ уште не стигнале до тој стадиум. Тие не се осмелуваат да навлезат во толкувања, туку вршат просто известување. Притоа, забораваат дека не се тука само да ги кажаат боите и имињата на боите, туку и да кажат што е бело, а што е црно, и што значи белото, а што црното. Ова е многу важно.

Во светот е познат моделот за кој зборувам. На пример, познатиот новинар на Си-ен-ен, Андерсон Купер, одделува неколку минути за да ги протолкува изјавите на службените лица и начинот како тие лажат кога изјавуваат нешто или, со други зборови, се обидуваат да пренесуваат лажни вести. Погледнете ја тука анализата на новинарот.

Медиумите се сметаат за многу моќен филтер за обработка на суровиот материјал, кој доаѓа од секаде. На граѓаните им е потребна помош. Медиуми, заштитете нѐ од лагите на политичарите!