Медиумите за Парадата на гордоста да известуваат професионално, без говор на омраза и дискриминација

Првата Парада на гордоста (Skopje Pride) ќе се одржи на 29 јуни (сабота) со цел да се испрати пораката за еднаквост и да се зголеми свесноста за хомофобијата, трансфобијата и бифобијата во нашето општество.

 

Пишува: Силвана Жежова

 

Маршот, како што вели Кочо Андоновски од Организациониот одбор на Парадата, е во спомен и на сите борци за човековите права на ЛГБТИ-заедницата во минатото, со идеја за општество во кое сите ќе се еднакви.

Во пренесувањето на овие пораки од страна на организаторите и учесниците на овој настан, несомнено голема улога имаат и медиумите. Советот за етика во медиумите (СЕММ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во заедничко соопштение ги повикaa медиумите да известуваат професионално и одговорно, третирајќи ги темите што ја засегаат ЛГБТИ-заедницата низ призма на афирмација на човековите права и осудувајќи ги говорот на омраза и дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

Кочо Андоновски од Организациониот одбор на Парадата за „КриТинк“ вели дека медиумите треба да ги следат насоките од повикот за професионално и одговорно известување за Парадата на гордоста, која ја упати Советот за етика во медиумите и Здружението на новинари на Македонија.

„Таму јасно се наведува дека на темите што ја засегаат ЛГБТИ-заедницата треба да им се пристапи низ призмата за афирмација на човековите права на овие луѓе и борбата против дискриминација. Исто така, медиумите треба да се свесни за нивната огромна улога во справувањето со говорот на омраза на нивните интернет-платформи, но и во самите медиумски содржини што ги пласираат. Имајќи ја предвид историјата на напади врз ЛГБТИ-луѓето во нашата земја и медиумските хајки против заедницата, сметаме дека медиумските работници имаат специфична одговорност во превенцијата и осудата на насилството и стигматизацијата“, вели Андоновски.

Извршната директорка на Советот за етика во медиумите, Марина Тунева, за „КриТинк“ вели дека известувањето на медиумите за активностите на ЛГБТИ-заедницата создава различни перцепции кај публиката токму поради различното известување за оваа група, што неретко луѓето ги води кон тоа да си го постават прашањето: „Која е коректната слика за нив?“

„Преку своето известување, новинарите треба да им овозможат на луѓето да гледаат на оваа популација на истиот начин како што размислуваат и за сите други во општеството. Тоа вклучува користење веродостојни извори на информации, ослободеност од стереотипи, предрасуди и погрешни слики. Темите што ја засегаат ЛГБТИ-заедницата треба да се третираат низ призма на афирмација на човековите права. Коректното, вистинито и инклузивно медиумско известување има клучна улога во подигнувањето на јавната свест, разбирање и почитување на животот на припадниците на ЛГБТИ-заедницата и нејзините права во државата. Тоа е и во духот на Универзалната декларација на Обединетите нации на човекови права, според која сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви во достоинството и правата“, вели Тунева.

Во однос на претстојното известување на медиумите за Парадата на гордоста, таа додава дека медиумскиот простор мора да биде ослободен од дискриминаторски, исклучувачки говор и говор на омраза насочен кон сексуалните и родовите малцинства.

Медиумите не треба да дозволат да бидат злоупотребени и да послужат како средство за упатување повици за обединување на поединци и групи за радикално однесување и постапки што ги загрозуваат јавниот ред и мир во општеството. Само професионалното и етичко известување ќе ѝ дозволи на медиумската публика самостојно да донесе вредносни судови кои се засновани на факти, наместо предрасуди и митови, додава Тунева.

Пред една година, Советот за етика во медиумите, Здружението на новинари на Македонија и Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги со Коалицијата „Маргини“ потпишаа Декларацијата за етичко и професионално известување за теми поврзани со ЛГБТИ.

Помеѓу принципите што ги содржи оваа декларација се наведуваат: нестереотипизирачко известување за ЛГБТИ; осуда на говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет или која било припадност на историски и општествено маргинализирана група; непарцијално известување за активностите на ЛГБТИ-заедницата и активистите за човекови права во рамките на целокупната општествена, политичка и културна сфера, почитувајќи ги нивниот личен интегритет, мислење и активности.

Новинарите што сакаат да го проследат настанот треба да се акредитираат на skopjepride@gmail.com. Маршот ќе почне точно напладне на 29 јуни (сабота), од Паркот на жената-борец.

DEKLARATSIJA-za-etichko-i-profesionalno-izvestuvane-za-LGBTI-vo-mediumi