Наслов што создава паника и служи само за кликови

 

[Рецензија: ВИДЕО: Дебар под полициска опсада, ЕБР, Тигрите и екипи на антитероризам на терен]

 

Насловот на текстот што го рецензираме непотребнo шири паника меѓу граѓаните, бидејќи станува збор за вежба. Ги наведува читателите на погрешно толкување, како во Дебар да постои терористички напад, поради што службите се на терен.

Линк до оригиналниот напис: ВИДЕО: Дебар под полициска опсада, ЕБР, Тигрите и екипи на антитероризам на терен

Датум и време на објавување: 25.5.2019

Датум на рецензија: 27.5.2019

Рецензент: Силвана Жежова

Во телото на текстот се објаснува дека станува збор за вежба, но пред читателот да стигне до вистинските информации, паниката веќе е создадена и тој е изманипулиран. Станува збор за информација која до медиумите е испратена од страна на Министерство за внатрешни работи. Но, во случајов таа е злоупотребена од медиумот и се вади бомбастичен наслов. Имајќи предвид дека голерм број читатели ги читаат само насловите, преку овој конкретен наслов веќе се дезинформирани.

Манипулацијата во насловот е направена, пред сè, незаслужено, односно со многу малку труд да се добијат многу кликови, што целата вест ја прави да биде окарактеризирана како clickbait, односно мамец за кликови. Дури откако ќе ја прочитаат вистинската вест, читателите ќе сфатат дека се измамени, оти Дебар не е под никаква полициска опсада, туку дека, едноставно, станува збор за полициска вежба.

Според новинарските правила, насловот на текстот треба накратко да информира за што се пишува во веста, за читателот и без да ја прочита целата содржина, да биде накусо, но точно информиран. Ова правило воопшто не запазено во насловот. Напротив, тој е сензационалистички и манипулативен.

Насловот на текстот исто така го прекршува едно од основните правила на Кодексот на новинарите, кое гласи:

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.

Лажните наслови што не соодветствуваат со содржината на текстот се честа појава на медиумскиот простор и имаат единствена цел, да привлечат што поголем број читатели. Еден наслов, сосема друга содржина. Во овој случај, насловот е типичен пример како медиумите во борбата за читателска публика не избираат средства за остварување на целта.