Наслов кој ветува многу, а нуди многу малку

Скриншот од веста која се рецензира

„Насловот ја продава веста“ е израз што е апсорбиран од сите новинари и медиуми и ова непишано правило се применува во главата на речиси секој медиумски производ. Во само неколку збора треба да се опфати целата информација, да се пренесе главната порака, да се направи написот привлечен, но, притоа, многу е важно тој да биде веродостоен и јасен. Во „епохата на борбата за кликови“ често се употребуваат привлечни наслови, но,не секогаш се почитуваат и другите принципи на професијата.

Линк до оригиналниот напис: „Се мобилизира македонската полиција, испратени покани за резервистите (Документ)“

Датум и време на објавување: 16.11.2018

Датум на рецензија: 27.11.2018

Рецензент: Фатљуме Дервиши

 

 

 

 

Значењето на овој наслов во историскиот контекст

Не само во Македонија, туку и во секоја земја, новинарски напис што зборува за посебна и вонредна мобилизација на државната полиција, секако, ќе го привлече интересот на читателите. Од многу едноставна причина, бидејќи се работи за личната безбедност на граѓаните, на читателите. Меѓутоа, во последните години, Македонија има специфична историја со полициските акции, ги имаше многу, со мистериозни позадини и со последици што се предмет на истрагата на органите на прогонот. Затоа, секого би го интересирало што е причината овој пат за вонредната мобилизација на полицијата.

 

Манипулација со насловот

Авторот брзо признава дека оваа информација била пренесена и од други медиуми и во објаснувањата што ги добил од одговорните институции се наведува дека првичната идеја била погрешна. Мобилизацијата на полицијата и резервистите нема врска со протестите. Министерството за внатрешни работи им објасни на медиумите дека ова е само редовна вежба.

И покрај тоа, избраниот наслов не ја дава главната информација на веста, која е потребна за да не се даде лажен сигнал и да не се создаде погрешно убедување. Згора на тоа, додадениот збор „(Документ)“ го запечатува првичниот впечаток што читателот го добива од насловот. Во илустративната фотографија е прикажан припадник на Специјалните полициски сили, а не полициски резервист од секторот на скопската полиција.

На резервната полиција на Македонија ѝ е испратен повик за мобилизација, тоа е бомбастичната вест пласирана од неколку македонски портали.

Меѓутоа, од Министерството за внатрешни работи велат дека станува збор за редовни есенски вежби на резервниот состав на полицијата. 

Идејата што му е пренесена на читателот во насловот продолжува и во реченицата: „Опозициските портали пишуваат дека избраниот термин за оваа вежба (18 ноември, недела) ги исплашил граѓаните дека полицијата се подготвува да се судри со демонстрантите“. Не се наведува кои се тие и нема конкретни показатели што би ги оправдале стравувањата на граѓаните од оваа полициска активност.

Кодексот на новинарите на Македонија во првиот свој член вели:

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. До колку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

 

Читатели, внимавајте на бомбастичните наслови

Како што рековме, во насловите често се користи овој метод на драматизација на настаните. Тоа е погрешно, непрофесионално и некоректно, бидејќи насловот е, исто така, дел од веста и за него важат истите правила како и за остатокот на веста. Веста не треба да се драматизира во насловот, а потоа читателот да не го добие тоа што му е „ветено“ пред да ја отвори и прочита веста. И, второ, манипулирањето со чувствителните теми не е професионален пристап за привлекување на вниманието на читателите.