Наслов што ја збунува наместо да ја информира јавноста

 

[Рецензија: (ФОТО) Има ли вистина во ова: Заев побарал ДУИ намерно да бојкотира]

 

Текстот е дискутабилен и дава знаци на непрофесионалност уште со самиот наслов. Наслови што поставуваат прашање треба да се одбегнуваат колку што е можно, затоа што вестите и другите новинарски продукти што се објавуваат треба на јавноста да ѝ дадат одговор на некои прашања, а не обратно.

Линк до оригиналниот напис: (ФОТО) Има ли вистина во ова: Заев побарал ДУИ намерно да бојкотира

Датум и време на објавување: 25.4.2019

Датум на рецензирање: 29.4.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Не може новинарите да ја прашуваат јавноста дали има вистина во некоја теорија. Задачата на новинарите е да истражат дали има вистина, па со факти и докази да презентираат што откриле. Сè друго е во доменот на шпекулација што само може да ја збуни читателската публика, а не да ја информира.

Доколку новинарот, сепак, се одлучи да постави прашање во самиот наслов, треба да има одговор во текстот, а не дополнително да се збунува и дезинформира јавноста со теории што се објавуваат на социјалните мрежи. Таму може да се прочита сенешто. Секој може да отвори компјутер и да напише теорија каква што ќе му падне напамет, употребувајќи помала или поголема доза креативност.

Задача на новинарот е да провери дали тоа што е објавено на социјалните мрежи е вистина и заслужува да добие медиумско внимание. Но, во овој текст недостасува не само втората страна, туку и првата.

Се зборува за некаков предизборен договор помеѓу СДСМ и ДУИ, но нема ни трага ни глас од партиските ставови. Не се прашани партиските лидери, партиските портпароли или кој било партиски функционер дали оваа теорија е вистинита.

Затоа овој текст е шпекулативен, тенденциозен, нецелосен и притоа не дава одговор на прашањето што го поставува во насловот.