Насловот не смее да го збуни читателот

Фото: pxhere.com

 

Насловите мора да бидат што подиректни, впечатливи, да го привлечат вниманието на читателите, но, за жал, сè почесто се двосмислени, збунувачки, нејасни…

 

Пишува: Александар Писарев

 

Независно дали се работи за портали или печатени медиуми, евидентно е дека текстовите често се лошo опремени, а насловите збунувачки, предолги, манипулативни…  Насловот мора да биде информативен, експресивен и економичен и секако јасен, а не збунувачки. Природно е тој да се надоврзува на наднасловот, но може да биде и сам.

Во последно време вестите најчесто немаат наднаслов, а авторите се обидуваат во насловот практично да ја прераскажат целата вест, тоа е грешка.

Авторите забораваат дека насловот е реклама за текстот, привлечен излог, кој читателот треба да го погледне и тој да го повика  да го прочита текстот. Во последните децении насловот доживеал еволуција и, по сè изгледа, и понатаму ќе се менува. Особено во ерата на нови технологии медиумите се затрупани со вести и затоа насловите мора да бидат што подиректни, впечатливи, да го привлечат вниманието на читателите. За жал, сè почесто се двосмислени, збунувачки, нејасни

Придружни елементи на насловот се и наднасловот и поднасловот. Наднасловот може да ја лоцира веста и да придонесе за економичноста на насловот, односно да го скрати. А во поднасловот може да биде извлечен дел од текстот и зависно од содржината да има и три-четири реченици. Меѓутоа има наслови во кои е прераскажана целата вест.

Насловот треба да привлекува внимание и да ја најави приказната за, барем на кратко, да го привлече вниманието на читателите. При одредување на насловот новинарот треба да се стави во улога на читателот, треба да има чувство за наслов, да внимава на конструкцијата на реченицата и богатството на јазикот на кој пишува.

Насловот не треба да има повеќе од три-четири збора. Долгите наслови ги заморуваат читателите. Насловот не смее да измислува, мора да го одразува битието на информацијата.

Овој важен дел од опремата на текстот мора да биде приспособен и на весникот за кој се пишува и на жанрот. Тонот на насловот мора да биде ускладен со текстот. Ако е текстот сериозен, и насловот мора да биде сериозен, ако е текстот духовит или со ведра содржина, и насловот мора да биде таков. Ако треба да побуди емоции, мора да го погоди читателот во „жица“.

Цитирањето нечија изјава во самиот наслов е најчесто непотребно, а, за жал, станува многу омилена појава. Прекумерно користење на цитатите во насловот е последица, највероватно, на фактот дека е тоа наједноставен начин да се дојде до наслов. Честата употреба на цитати во насловот доведува до девалвација на моќта на цитатот. По правило, самата форма (две точки, наводници, го упатуваат читателот  дека се работи за нешто многу важно, па разочарувањето е многу големо доколку тие очекувања не се исполнети.
Упорното инсистирање на сензационализам, е лошо и за насловите и за текстовите, а најмногу за медиумите што го прават тоа. Порано или подоцна, таквата пракса доведува до ситуација во која насловот содржи нешто што го нема во текстот.