Насловот треба да привлекува читатели, но не за сметка на вистината

 

[Рецензија: НОВО ПОСКАПУВАЊЕ НА ЦИГАРИТЕ- ЕДНА КУТИЈА ЌЕ ЧИНИ И ДО 300 ДЕНАРИ]

 

Телото (текстот) на рецензираната е вест е горе-долу во ред. Но она што боде во очи и што претставува проблем од професионална новинарска гледна точка, тоа е нејзиниот наслов. Вака срочениот наслов едноставно претставува манипулација. Проблемот не е во она што е напишано, туку во она што е испуштено, што, пак, придонесува читателите да добијат извртена, а со тоа и погрешна претстава за темата која ја обработува веста. Точно е дека насловите по правило треба да бидат што е моѓно пократки и поударни за да го привлечат вниманието на читателите. Но, тоа не смее да се прави за сметка на вистината.

Линк до оригиналниот напис: НОВО ПОСКАПУВАЊЕ НА ЦИГАРИТЕ- ЕДНА КУТИЈА ЌЕ ЧИНИ И ДО 300 ДЕНАРИ

Датум и време на објавување: 13.03.2019

Датум на рецензирање: 14.03.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

Информацијата дека поскапуваат цигарите и дека цената на една кутија ќе достигне 300 денари е манипулација со читателите. Ваквиот наслов има за цел да привлече што е можно повеќе кликови, но доколку некој не ја кликне веста, а го прочита само насловот, тогаш ќе биде погрешно информиран.

Имено, кога ќе го отворите текстот, ќе видите дека кутија цигари ќе достигне цена до 300 денари, но за неколку години, а не сега. И тоа убаво е објаснето во внатре во самата вест.

Според предвидениот план цигарите од јануари 2017 година па во наредните 6 години се планира да поскапуваат по 4 до 5 денари за кутија годишно. Тоа значи дека на крајот од циклусот во 2023 година една кутија може да чини и близу 200 а некои и до 300 денари.

Насловот на веста не е точен, односно пренесува погрешна информација и создава конфузија кај читателите.

Примарна задача на медиумите е точно да ја информираат јавноста и притоа да остават што е можно помалку простор за недоразбирање или погрешно толкување.

Како што веста треба да биде веродостојна, истото се однесува и на насловот. И тој насловот треба да биде издржан и прецизен. Насловите имаат за цел да ги привлечат читателите и колку тие се поинтересни, толку повеќе го привлекуваат вниманието на јавноста кон статиите. Но, тоа секогаш треба да биде засновано на точна информација. Сензационалноста, како во случајов, не е во согласност со новинарските стандарди и критериуми за известување.