Навредувачки и сексистички наслов на рециклиран текст за Тамара

[Рецензија: Cите дечковци на Тамара, оние за една вечер и за еден саат и за ова она не ги броевме и сите од вц исто не се броени ]

 

И кога ќе помислиме дека е достигнато дното во медиумската сфера со еден куп лажни вести, дезинформации и шпекулации се појавуваат текстови напишани на толку ниско ниво, кои покажуваат дека дното е доста длабоко.

Овој „бајат“и рециклиран текст има една единствена цел, а тоа е јавно и намерно да ја понижи пејачката Тамара Тодевска. Преку навредувачки,  шовинистички и сексистички наслов се удира директно во приватноста на одредена личност, која е ставена на тапет за да се предизвикаат уште повеќе навреди и говор на омраза.

Линк до оригиналниот напис: Cите дечковци на Тамара, оние за една вечер и за еден саат и за ова она не ги броевме и сите од вц исто не се броени

Датум и време на објавување: 06.07.2019

Датум на рецензија: 28.07.2019

Рецензент: Симона Атанасова

 

Текстот, всушност, е стар четири години. Првично е објавен во „Вечер“ уште во март 2015 година и иако е избришан од нивната архива, сепак сè уште може да се најде преземен од други медиуми. Дека станува збор за рециклиран напис може да се забележи уште на почетокот на самиот текст каде се зборува за раскинување на свршувачката на пејачката со нејзиниот тогашен свршеник Александар Димитровски – Мачка. Сега, после четири години, Тамара е мажена за овој човек со кого има две деца. Објавениот текст тогаш, бил шпекулација, трач, односно невистина.

Единствената промена во написот којшто е рециклиран сега после четири години, е само различниот наслов. Насловот на оригиналниот текст е: „Сите јавни љубови на Тамара Тодевска“, додека насловот на реобјавениот текст е злобен и во најмала рака срамен:

Cите дечковци на Тамара, оние за една вечер и за еден саат и за ова она не ги броевме и сите од вц исто не се броени

Реобјавувањето на овој стар текст се случува неколку дена откако пејачката Тамара погрешно ја отпеа македонската химна за време на прославата во американската амбасада, а по повод денот на независноста на САД. Оттогаш, пејачката е мета на секакви злобни и малициозни коментари на социјалните мрежи поради што таа ги откажа двата концерти во Прилеп и Охрид.

Дел од тоа агресивно напаѓање на пејачката, која патем се извини за грешката, е и овој текст кој има за цел да додаде масло на огнот и да даде мотив и аргумент плус да продолжат нападите кон неа. Преку ваквиот, до крајни граници невкусен наслов, таа е претставена како жена со сомнителен морал само затоа што имала неколку љубовни врски кои не ги криела од јавноста. Ништо ново, ништо забрането и ништо срамно.

Кодексот на новинари е категоричен дека ваквите пишувања најостро се косат со етичките правила и норми до кои треба строго да се држат сите професионални новинари и медиуми.

Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа. (член 10)

Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста. (член 15)