„Не биди медиумска мета“ – студентите пренесуваат пораки како да се заштитиме од дезинформации

Фото: Критинк, 2018

 

 

„Секој ден сè повеќе се зголемува бројот на медиумите кај нас, а секој ден сè повеќе се намалува бројот на новинарите во вистинската смисла на зборот. Оваа несериозност и недостатокот на регулација на медиумите ќе влијаат за уште поголемо ширење дезинформации во општеството“, беше пораката на студентот Филип Ѓоршовски од отсекот за новинарство на Правниот факултетот „Јустинијан Први“ на говорот на студентскиот настан со мотото „Не биди медиумска мета“

 

Студентите по новинарство од Правниот факултет „Јустинијан Први“ денес одржаа собир под мотото „Не биди медиумска мета“ на платото на универзитетот „Светите Кирил и Методиј“ во Скопје. Оваа активност се реализира во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и невладината организација „Евротинк“  – Центар за европски стратегии.

Универзитетската професорка Јасна Бачовска вели дека овој собир се одржа со цел да се подгне свеста за медиумската писменост кај студентите. Според неа, ова прашање треба да се разгледа посериозно од Министерството за образование и наука и треба да се воведе посебен предмет за учениците да научат за медиумската писменост.

Целта на настанот е да ја запознаеме јавноста, да имаме што повеќе информирани луѓе за истите да знаат што значи медиумска писменост, за подоцна како граѓанско општество да можеме да вршиме притисок кон надлежните за развој на решенијата за овој проблем – изјави Јасна Бачовска, професор на Правниот Факултет и дел од организаторите на овој настан.

Филип Стојановски од Фондацијата „Метаморфозис“ вели дека преку овој проект ќе се зголеми медиумската писменост на граѓаните, како еден од основните предуслови за развој на едно демократско општетсво.

Со цел да им помогнеме на граѓаните од различни заедници, од различни возрасти и социјални групи да се зближат преку едукативни написи поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење како предуслов за развој на едно демократско општество, бидејќи граѓаните во минатото немале можност да добијат такво знаење, особено во однос на тоа што неодамна се појави како нов вид медиуми – рече Стојановски.

На овој собир беа пренесени неколку пораки како „Не биди медиумска мета“, „Јас имам идентитет“, „Доста со дезинформации“, „Доста со манипулации“, „Јас не сум вмрежен“, „Студентите се авангарда“.

Во рамките на овој проект ќе се одржат четири работилници во текот на ноември и декември наменети за студентите. Овој проект се очекува да се прошири и во основните училишта со цел учениците да стекнат знаења за медиумите.