Не се затвораат и никој не бара да се затворат сите обложувачници во Македонија

[Рецензија: Се затвараат сите кладилници во Македонија?]

 

Текстот што го рецензираме, прво, е класичен пример за ширење дезинформација и, второ, според ништо не личи на новинарски напис.

Линк до оригиналниот напис: Се затвараат сите кладилници во Македонија?

Датум и време на објавување: 25.12.2018

Датум на рецензирање: 28.12.2018

Рецензент: Ана Анастасовска

Написот нема лид, нема објаснување на проблемот, нема обработка на проблемот, нема ништо. Направен е обид да се пренесе партиско соопштение, но ниту тоа не е направено како што треба. На почетокот не е наведено кој го објавил ова соопштение и што се бара преку него. Директно е пренесен дел од него и дури на крајот читателот може да види и да сфати дека станува збор за партиско соопштение.

Но, она што е уште пострашно, е што насловот на текстот нема никаква врска со напишаното и е класичен пример за ширење дезинформација. Имено, кога ќе го отворите написот, ќе видите дека станува збор за соопштение од партијата ЛДП, во кое се сугерира, односно се бара:

да се затворат сите казина и спортски обложувачници кои сега се во огромен број на главните улици низ градовите и селата во Македонија, и блиску до образовните институции.

Значи, барањето и давањето предлог на една партија не значи дека тоа е така. Ако ЛДП бара да се затворат казината и обложувачниците, не може новинарот да информира дека се затвараат сите обложувачници, бидејќи таквата информација е лажна и создава лажна претстава во јавноста. Од предлог до реализација има многу.

Ширењето дезинформации е спротивно на новинарските кодекси, кои пропишуваат дека новинарот треба да пренесува точни, навремени и проверени информации, а не да шири дезинформации. Така наместо насловот „Се затвораат сите кладилници во Македонија“, можело да се стави наслов „ЛДП предлага затворање на обложувачниците“.