Недозволиво „касапење“ и на новинарските и на основните морални стандарди

 

[Рецензија: Албанец искасапил Србинка на улица во Виена]

 

Шокантниот наслов на овој напис е главниот елемент за рецензирање, бидејќи, за разлика од самиот текст, тој е потпалувачки, односно освен што ја носи етикетата на сензационализам, исто така претставува обид за ширење етничка омраза. Сето тоа води кон јасно прекршување на Етичкиот кодекс на новинарите на Македонија, но и на основните морални стандарди.

Линк до оригиналниот напис: Албанец искасапил Србинка на улица во Виена

Датум и време на објавување: 18.12.2018

Датум на рецензирање: 20.12.2018

Рецензент: Сашо Спасоски

Насловот „Албанец искасапил Србинка на улица во Виена“ на прво читање создава впечаток дека станува збор за некакво убиство предизвикано од етничка нетрпеливост, бидејќи се јасно наведени националните припадности и на убиецот и на убиеното лице. Но, кога ќе се прочита текстот, станува јасно дека се работи за сопруг кој ја убил својата сопруга. Притоа, самиот напис не нуди никаква поткрепа на насловот, односно дека на кој било начин мотив за убиството била етничката припадност. Напротив, јасно наведува дека мотивот бил љубомора, како и дека убиецот изјавил оти убиството не било планирано, туку се случило во афект.

Со оглед на тоа како гласи, како е составен и каков првичен и ударен впечаток остава, овој наслов не може да се сфати поинаку освен како обид да се оцрнат припадниците на албанската етничка заедница.

Со споменувањето на дел од идентитетите на убиецот и жртвата, насловот претставува очигледно прекршување на членовите 10 и 11 од новинарскиот етички кодекс:

10. Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).

 

11. Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија.

Дополнително, насловот носи и елемент на сензационализам, што, исто така, не е во склад со Етичкиот кодекс на новинарите.

8. Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми. Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда.

Но, прекршен е уште еден член, кој се однесува на културата на говор и етиката.

15. Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.

Освен тоа, насловот е и дезинформирачки во извесна мера зашто најновата, ударната и главната вест во текстот се однесува на донесувањето на судската пресуда за убиецот. Од друга страна, пак, ударна поента во насловот е самиот чин на убиството што во моментот на објавувањето на оваа вест е стара информација.

На крајот, во самата вест не е образложено ниту тврдењето од насловот – дека сопругата Драгица била искасапена и оти тоа се случило на улица. Нема никаква потврда, нема линкови кон евентуално претходно објавена вест, нема линкови до напис кој би содржел потврда за „касапењето“ и за местото на настанот (на улица) од страна на австриската полиција, на пример, во чија директна надлежност е истрагата за убиството, а за нечија директна изјава поврзана со овој настан, со која барем донекаде би се потврдило она што се вели во насловот, не станува ни збор.