Нема да се гради Центар за мигранти во Општина Карпош

 

[Рецензија: МВР потврди ќе се гради центар за мигранти во Општина Карпош ]

Текстот што го рецензираме шири дезинформации дека во Општина Карпош ќе се гради центар за мигранти. Од Општина Карпош за „КриТинк“ изјавија дека „во ниту еден ДУП на Општина Карпош не се предвидени вакви објекти“.

Наслов на текст: МВР потврди ќе се гради центар за мигранти во Општина Карпош

Датум на објавување:  10 јули 2019

Датум на рецензирање: 11 јули 2019

Рецензент: Силвана Жежова

 

МВР призна дека ќе се гради центар за странци бидејќи е потребно да се подобрат капацитетите на веќе постоечкиот. Ова, како што објави Прес24, е прва институција која јавно одговори дека документите за изградба на ваков центар во Бардовци, Општина Карпош се точни.

Да се подобрат капацитети на веќе постоечкиот Центар за странци, автоматски не значи дека ќе се гради нови. Иако, текстот тврди дека наводно „МВР признало“ за новиот Центар за странци, но во него нема доказ за тоа, односно ја нема изјавата на директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Сашо Тасевски, на која текстот се повикува. Исто така, не е познато на кој Лазовски се мисли (нема име и функција на човекот) кој наводно тврдел дека „немало опасност од мигранти“.

Темата за изградба на прифатни центри за мигранти беше актуелизирана за време на кампањата за парламентарните избори, кога опозицијата ги заплашуваше граѓаните дека во државата ќе се градат такви центри. Но, „Вистиномер“ лани ја провери оваа информација и уште тогаш од страна на МВР беше кажано дека „нема нов центар за бегалци во Скопје, тоа ќе биде нов објект, но тоа не значи дека во главниот град ќе има два центри, туку новиот објект треба да биде замена за постоечкиот во Гази Баба од 2005 година, кој е целосно некомпатибилен и со многу лоши услови“.

Согласно законската регулатива, функционира прифатен центар за странци „Скопје“ во Гази Баба уште од 2005-та година. Потенцираме дека во претстојниот период ќе се гради само нов објект за овој, постоечки прифатен центар, Средствата се обезбедени од ЕУ, преку ИПА 2016 програмата„Миграции и азил, гранично управување и борба против тероризмот и организираниот криминал“, одговорија од МВР за „Вистиномер“.

И од Општина Карпош, во нивниот демант, исто така потсетуваат декаистата оваа информација излезе на дел од порталите пред околу една година“.

После една година, камп за бегалци во Бардовци нема, но тенденциозно повторно се лиферуваат лажни информации, од политички или други побуди. Затоа овие текстови се најчесто непотпишани (без автор) затоа што и авторот не верува во сопствените лаги. Општината правела и ќе прави се што е во нејзина моќ за заштита на месното население, како и за сите други граѓани во Карпош. Простор за паника нема.

Тоа што и Министерството за внатрешни работи, претходно го има соопштено е дека се предвидува Центар за регистрација на странци, на границите со Чучер Сандево, што е нешто сосема друго и секоја држава го има. На оваа локација, МВР има свој тренинг центар и инфраструктура која би ја прилагодила за Центарот, истиот е целосно изолиран од локалното население.

Центарот за регистрација на странци ќе се прави со ДУПД (Државно урбанистичко планска документација), која ја подготвува ресорното министерство, Министерството за транспорт и врски и МВР, преку Владата, а треба да бидат испочитувани и европските процедури за изградба на објекти од ваков карактер, велат од Општина Карпош.

Текстот што го рецензираме, неосновано повторно ја реактуелизира темата за бегалците. За изнесените тврдења нема докази, ниту официјален став од МВР по ова прашање. Досега, иако и лани но и за време на изборната кампања се тврдеше, не е изграден ниту еден бегалски камп. Оттука, непотребно граѓаните се дезинформираат кога нема ниту повод, ниту причина за тоа.