Нема издавање државна тајна, има наседнување на несолена шега

 [Рецензија: (АУДИО) Заев од глупост им издаде државни тајни на Македонија и НАТО на Русите]

„Премиерот од глупост издал државна тајна на Македонија и на НАТО и на Русите“, тврди написот што го рецензираме, повикувајќи се на објавените телефонски разговори помеѓу претседателот на Владата на РСМ, Зоран Заев, и двајца руски комичари. Сепак, по преслушувањето на тонската снимка на неколку разговори во кои Заев разговара со двајца руски „пранкстери“ во јавноста познати според псевдонимите Вова и Лексус, а кои му се претставиле како генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и украинскиот претседател, Петро Порошенко, читателите можат да слушнат дека она што македонскиот премиер го споделува со нив може да се класификува во повеќе категории, но ниту една од нив не би можела да потпадне под категоријата „државна тајна“.

Линк до оригиналниот напис: (АУДИО) Заев од глупост им издаде државни тајни на Македонија и НАТО на Русите

Датум и време на објавување: 9.7.2019

Датум на рецензирање: 17.7.2018

Рецензент: Југослава Дуковска 

Написот е, всушност, коментар маскиран во информација и се темели на аудиоснимка од каналот Youtube, која трае речиси еден час и со чие посредство јавноста може да се увери дека македонскиот премиер бил жртва на несолена шега на двајца Руси, кои го измамиле да помисли дека разговара со странски државници, а снимката потоа била емитувана на руска телевизија. Обелоденувањето на оваа снимка предизвика медиумски скандал, а македонскиот премиер во повеќе наврати даваше изјави, имаше настапи на прес-конференции и гостувања во емисии со кои се обиде да појасни како дошло до недоразбирањето, каква е неговата вина и кои се последиците.

Написот тврди дека:

Во Русија на телевизија се емитуваат државни тајни на Македонија, НАТО и европските лидери. Премиерот Зоран Заев, од глупост, направи невиден скандал.

За потоа, во истиот текст, да биде кажано дека Вова и Лексус биле познати во светот

по „шeгитe“ што досега му ги имаат направено на Макрон, Гуаидо, голем број американски сенатори, конгресмени и гувернери, Столтенберг, Порошенко, американската претставничка во ОOН, Ники Хејли.

Што значи дека, иако е бламажа за македонскиот премиер, сепак настанот ни оддалеку не е „невиден скандал“, туку нешто што им се случило и на други светски политичари.

КОЈА ДРЖАВНА ТАЈНА ЗАЕВ ИМ ЈА „ИЗДАЛ“ НА РУСИТЕ?

Меѓу другото, премиерот Заев изјави дека, откако внимателно ги анализирал објавените снимки, заклучил дека од негова страна не дошло до издавање на никаква државна тајна.

Некои од поексклузивните информации што македонскиот премиер ги сподели со лажните Порошенко и Столтенберг беа и телефонски броеви на неколкумина државници, како косовскиот премиер Рамуш Харадинај или американскиот помошник-државен секретар Вес Мичел.

Се чувствувам лошо, но немам намера да поднесам оставка, бидејќи не оддадов државна тајна, ниту направив кривично дело, беше одговорот на Заев.

Според Законот за класифицираните информации, класифицираната информација со степен „државна тајна“ е дефинирана како

информација чие неовластено откривање би предизвикало загрозување и нанесување непоправливи штети на трајните интереси на Република Македонија.

Во написот, исто така, се тврди дека Заев не ја почитувал процедурата по која пранкстерите воопшто добиле шанса да разговараат со него:

За еден телефонски разговор да се случи помеѓу функционери на држави постои посебен протокол, но нашиот Заев очигледно не знае, па одлучи да издаде државни тајни и приватни разговори што ги водел со нашите стратешки партнери ЕУ и НАТО.

Заев, пак, на прес-конференција во одговор на новинарско прашање појасни:

Почитувани се сите протоколи за поврзување кога некој бара телефонски разговор,

Но, додаде дека безбедносниот систем и борбата против сајбер-криминалот постојано треба да се надградуваат, потсетувајќи дека жртви на руските пранкстери биле и државници од земји со многу посовремени протоколи и системи на заштита.

ШТО Е ДРЖАВНА ТАЈНА ВО ДРЖАВАВА?

Според член 9 од истиот закон, која информација претставува државна тајна определуваат:

…Претседателот на Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија, претседателот на Владата на Република Македонија, претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, министрите во рамките на своите ресори, јавниот обвинител на Република Македонија, началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, директорот на Агенцијата за разузнавање, директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како и од нив со писмена согласност овластени лица. Ако е определено со закон, меѓународен договор или друг пропис, класифицирана информација со степен „ДРЖАВНА ТАЈНА“ определуваат и лицата предвидени во тие акти.

Кривичниот законик на РСМ предвидува и затворски казни за лица што оддават информации класификувани како државни тајни.

Иако написот тврди дека Заев во разговорите со пранкстерите оддал државни тајни, единствените информации во презентираната снимка што би можеле да се сметаат за осетливи се приватните телефонски броеви на странските политичари, кои Заев ги споделува со соговорниците, откако е излажан за нивниот идентитет. Поголемиот дел од искажаните работи од страна на македонскиот премиер се негови, главно добро познати и јавно презентирани, ставови и мислења. Од увидот во јавно достапните информации, како и од одредбите на Законот за класифицираните информации, не може да се заклучи дека телефонските броеви на тие личности биле класификувани како државна тајна.

Тврдењето, пак, дека Заев оддал „државни тајни на НАТО“ е, исто така апсурдно, со оглед дека НАТО не е држава, туку асоцијација на држави, но и дека не постои начин авторот на написот да дознае кои информации во НАТО се класификувани со одреден степен на тајност доколку не поседува соодветен пристап до системите на заштитени информации на алијансата. Во случајов, попрво се работи за несмасен потег и гест на Зоран Заев отколку за оддавање државни тајни.