Нема потврда дали Јанева направила операција за слабеење

 

[Рецензија: Неодамна Катица Јанева се оперирала за да почне да слабее!]

Текстот што го рецензирам не е ништо друго освен еден чаршиски муабет, кој е преточен во новинарски напис.

Линк до оригиналниот напис: Неодамна Катица Јанева се оперирала за да почне да слабее!

Датум и време на објавување: 18.7.2019

Датум на рецензирање: 21.7.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

 

Повод за ваквите рекла-кажала наводи е боледувањето кое специјалната јавна обвинителка Катица Јанева го отворила од денот кога поднесе оставка на функцијата, а за кое потврда дојде од СЈО.

Јанева поднесе оставка два часа пред да биде соопштено дека е уапсен шоуменот Бојан Јовановски – Боки 13, кој е осомничен во случајот „Рекет“. По неговиот исказ пред истражен судија, кој му одреди 30-дневен притвор, како што соопштија од Јавното обвинителство, на Катица Јанева ѝ беше одземен и телефонот. Ваквиот потег на обвинителството отвори низа шпекулации за вмешаноста на Јанева во случајот „Рекет“ и за нејзината блискост и поврзаност со Боки 13.

Тргнувајќи од сето ова, насловот на овој напис „Неодамна Катица Јанева се оперирала за да почне да слабее!“ и тоа како е бомбастичен и привлечен за кликови. Но, кога ќе го отворите, ќе видите дека не е ништо друго, туку чаршиски муабет.

Стилот и животот на специјалната јавна обвинителка во оставка, Катица Јанева, се имаат променето по запознавањето со Боки 13. Како што дознаваме, пред неколку недели врз неа се спровела хируршка интервенција во една од болниците во Македонија во која ѝ било поставен прстен за намалување на желудникот за да почне процедура за слабеење.

Прво, се пласираат наводи дека животот на Јанева се променил по запознавањето со Боки 13. Тука нема ниту потврда ниту релевантна информација како тоа ѝ се променил животот на Јанева. Имаме само нафрлања. Второ, написот вели дека Јанева направила хируршка интервенција за слабеење во една од болниците во Македонија. Но, изворот на информацијата е „како што дознаваме“. Не е јасно од каде се дознава. Од каде е изворот на информацијата. Дали од кругот на пријатели на Јанева, дали од кругот на пријатели на Боки 13, дали од некоја од болниците, можеби онаа каде што била изведена операцијата, дали од лекарски извори. Формулацијата „како што дознаваме“ самата по себе нема никаква тежина.

Трето, информацијата не е проверена од ниту една страна. Само е нафрлена и ништо повеќе. Нема никаква потврда дека Јанева навистина направила таков хируршки зафат.

Според податоците, еден таков зафат варира од 7.000 – 10.000 евра, но не се знае колку точно е платено за интервенцијата. Истиот зафат го има направено и Боки 13, три месеци претходно.

Понатаму, ваквиот потег на Јанева се поврзува со Боки 13, дека и тој има направено ваква операција и се посочува на вртоглава сума, која наводно била платена, но и за тоа нема потврда.

Сè во написот се сведува на „дознаваме“. Добро што дознаваме, но кога ќе дознаеме нешто, тоа мора да се провери. Прво, ако изворот на информација е релевантен, треба да посочиме од каде е, не мора да се објавува неговото име. Информацијата мора де се провери од што е можно повеќе страни, за да се добие некаква потврда за неа, па дури потоа да се објави. Имаме нафрлање на некакви суми, но можело да се крене телефон и конкретно да се праша колку чини таков зафат. Не само да се погодува.

Написот во целина нема никаква тежина, а информациите во него се неверодостојни, па според тоа и се карактеризираат како обична шпекулација. Ваквите написи се добри за кликови, но не се релевантен извор за информирање.