Непроверен фејсбук-статус не е веродостојна информација

[Рецензија: СОПРУГОТ НА ШЕКЕРИНСКА ВПЛЕТКАН ВО МИЛИОНСКИ СКАНДАЛ?: Српската полиција ги уапcи менаџерите на „Дајнерс“ од Белград, вмешан и Божидар Јанковски?]

 

Текстот што го рецензираме е политички мотивиран и има цел да го оцрни сопругот на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, а со тоа и самата министерка. Написот нема никакви докази за напишаното и наместо на проверени информации, се повикува на статус објавен на „Фејсбук“.

Линк до оригиналниот напис: СОПРУГОТ НА ШЕКЕРИНСКА ВПЛЕТКАН ВО МИЛИОНСКИ СКАНДАЛ?: Српската полиција ги уапcи менаџерите на „Дајнерс“ од Белград, вмешан и Божидар Јанковски?

Датум и време на објавување: 3.12.2018

Датум на рецензирање: 11.12.2018

Рецензент: Ана Анастасовска

Насловот на текстот е бомбастичен и укажува на тоа дека сопругот на министерката Шекеринска, Божидар Јанковски, наводно бил вплеткан во милионски скандал. За да се објави вакво нешто, потребно е за тоа да се имаат цврсти докази и наводи за да може јавноста да се увери во вистинитоста на информациите.

Но, во овој текст, наместо информации, имаме манипулации. Имено, написот на почетокот информира дека полицијата во Белград уаспила пет лица поради злoупотреба на службената положба и малверзации во врска со компанијата „Дајнерс клуб интернешнел Белград“.

Сомнежите на српската полиција се дека Сикимиќ, како одговорно лице во трговското друштво „СКБ Капитал С.А.“ од Луксембург, кој бил и одговорно лице на трговското друштво „Дајнерс клуб интернешнел Белград“, во соизвршителство со другите осомничени организирал изготвување лажни финансиски извештаи со цел прикажување позитивни финансиски резултати на „Дајнерс клуб интернешнел Белград“ доо.

Се зборува за акција на српската полиција во која се уапсени дел од одговорните лица на „Дајнерс клуб интернешнел Белград“ поради сомнение за финансиски злоупотреби. И текстот дотука е во ред.

Она што не е во ред што во сево ова е што без никакви докази и аргументи се вплеткува и се вклучува името на Божидар Јанковски, кој е менаџер на „Дајнерс клуб интернешнел Скопје“.

Во Македонија сѐ уште нема назнаки за отворање истражна постапка дали во оваа организирана криминална дружина учествувал и сопругот на минситерката за одбрана Радмила Шекеринска, Божидар Јанковски, кој е и менаџер на „Дајнерс клуб интернешнел Скопје“.

И самиот напис кажува дека во Македонија сè уште нема најави за отворање истражна постапка за евентуална вмешаност на „Дајнерс клуб интернешнел Скопје“, чијшто менаџер е Јанковски.

Во написот не е побаран одговор од Обвинителството дали кај нас воопшто е отворен ваков предмет. Одговори не се побарани од никаде, но затоа се понудени шпекулации. Ваквите шпекулации се базираат на објавен фејсбук-статус на Миленко Неделковски.

Новинарот Миленко Неделковски посочува дека токму Бобо Дајнерс е дел од оваа органзирана криминана група од Белград, со која заедно дејствувал на сличен начин и во Македонија. Според Неделковски, во последно време Јанковски имал чести патувања во Белград, а оваа акција на српската полиција покажува и која била причината.

Ако Неделковски го соопштил ова како официјален став на Обвинителство или на МВР, може ваквите информации да се земат како веродостојни и да се пренесат. Но изнесено сопствено мислење за некоја појава, по автоматизам, не значи дека е и точно и поради тоа не може да им се пренесе на читателите како важна информација која е од јавен интерес. А, токму тоа е направено во овој текст.

Статусот на Неделковски е искористен за груба манипулација со јавноста со цел политички да се поентира и да се нападне министерката за одбрана, преку нејзиниот сопруг, обвинувајќи го за некакви финансиски малверзации.

Ова е сосема спротивно на новинарските кодекси и правила. Социјалните мрежи и она што се објавува на нив не се релевантен извор на информации и секоја информација добиена од „Твитер“ или „Фејсбук“ мора убаво да се провери пред да се објави.