Невистина скриена во цвеќиња

[Рецензија: За цвеќињата околу Владата предвидени 670.000 евра]

 

Крајно злонамерна и неаргументирана критика упатена кон Владата, со цел кај јавноста да се предизвика ефект на револт поради „нерационлно трошење“ на парите на граѓаните. Притоа, паушално се толкува одлуката за доделување тендер за хортикултурното уредување и одржување на објектите и просторите во рамките на државните објекти.

Линк до рецензираниот напис: За цвеќињата околу Владата предвидени 670.000 евра

Датум на објавување: 22.8.2018

Датум на рецензија: 24.8.2018

Рецензент: Александар Писарев

Технички веста е сместена во две простопроширени речиници, без почитување на основните стандарди за пишување вест, притоа криејќи ги важните факти и податоци за кои објекти и простори се однесува тендерот и за кој временски период.

Нарушен е еден од основните стандарди и принципи на новинарското известување – дека вест и информација треба да се базираат на вистината и на проверни податоци и притоа не смеат да се прикриваат фактите.

„Хортикултурно уредување и одржување“ не е исто што и „цвеќиња“, а „објектите на државната управа“ не е исто што и „околу владата“. Целата вест е, всушност, сместена во злонамерен, тенденциозен и сензационален наслов „За цвеќињата околу Владата предвидени 670.000 евра.“

Требало јасно да се објасни и да се направи разлика помеѓу набавка на цвеќиња и хортикултурното уредување, како што соопшти и Владата, бидејќи, сепак, се работи за 20 државни објекти, чија површина за одржување и хортикултурното уредување надминува 133 илјади квадратни метри и се однесува на период од три години.